1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фелипе Шести е нов шпански крал

ЖА/дпа/миа/ртре19 јуни 2014

Од полноќ досегашниот престонаследник е новиот крал на Шпанија. Фелипе Шести денеска (19.06.2014) положи заклетва во Парламентот како крал на Шпанија.

https://p.dw.com/p/1CLuR
Фотографија: Reuters

Новиот шпански крал Фелипе Шести положи заклетва денеска пред Парламентот, изјавувајќи дека ќе ги почитува Уставот и законите на Шпанија, како и правата на граѓаните и автономните области. Четириесет и шест годишниот Фелипе го зазеде денеска местото на неговиот татко Хуан Карлос, кој абдицира по 39 години на престолот. Неколку минути пред положувањето на заклетвата на новиот монарх, Хуан Карлос му го предаде црвениот појас, симбол на улогата на кралот како главен командант на вооружените сили на Шпанија.

König Juan Carlos Abdankung 18.06.2014
Хуан Карлос се повлече, настапи ФелипеФотографија: Reuters

Принцот Фелипе всушност стапи на шпанскиот престол ноќеска на полноќ, откако кралот Хуан Карлос го потпиша законот со кој тој и формално абдицираше, предавајќи му ја круната на својот син. Церемонијата на потпишувањето на законот започна во 22 часот, во присуство на само 160 гости и членовите на кралското семејство. На церемонијата присуствуваше и шпанскиот премиер Мариано Рахој.

Ова е првата кралска транзиција во земјата по обновата на демократијата во 1975 година. Двете главни шпански политички партии ја подржуваат монархијата и го помогнаа процесот на транзиција на престолот, од кралот Хуан Карлос на неговиот син, принцот Филипе, иако дел од крајната левица и некои антимонархистички групи и организации заговараат враќање на републиканското уредување од дваесетите и триесетите години на 20 век.

Spanien Krönung König Felipe VI Königin Letizia
Фотографија: Reuters

Хуан Карлос (76) ја најави својата абдикација минатиот месец, но бидејќи шпанскиот Устав нема предвидено пренос на кралската круна, беше покрената постапка за донесување нов закон, со кој се регулира кралската транзиција. Синоќешниот кралски потпис на законот за тој да стане правосилен го означи и завршувањето на 39-годишното владеење на Хуан Карлос. На престолот тој дојде веднаш по смрта на Франциско Франко и во изминатите, безмалку четири децении кралот има голема заслуга за обновата и зацврстувањето на демократијата во Шпанија.

Тој храбро се спротивстави на обидот на крајната десница во 1982 година, со воен удар да предизвика враќање на автократијата, а силно се спротивствуваше на сите облици на сепаратизам во земјата.

Неговото абдицирање беше примено со изненадување во домашната јавност, иако не беше сосема неочекувано, поради здравствените проблеми со кои се соочува остарениот крал последниве години, како и поради намалувањето на угледот на кралското семејство поради корупцискиот скандал, во кој се вмешани ќерката и зетот на Хуан Карлос.