1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Македонската „борба до смрт“

Б. Георгиевски/фац26 април 2016

Говорот на претседателот Иванов го постигна спротивното од она што тој го најави. Наместо помирување, Иванов дополнително ја подели нацијата, пишува ФАЦ, трагајќи по причините за кризата во Македонија.

https://p.dw.com/p/1IceI
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Причините за длабоката криза во Македонија водат се до самитот на НАТО во 2008 година, кога Грција стави вето на членството на земјата, анализира германскиот Франкфуртер Алгемајне Цајтунг во текстот посветен на Македонија под наслов „Наместо помирување борба до смрт“.

Во својот говор од 12 април, македонскиот претседател Ѓорге Иванов наслика драматична слика за состојбата во земјата, а македонската политика ја спореди со „борба до смрт“. Тој донесе одлука да ги запре сите кривични постапки кои се водат против политичари и нивни соработници.

„Иванов беше убеден“, пишува ФАЦ, дека „ова е почеток на крајот на кризата“.

„Но се случи спротивното. Оттогаш илјадници луѓе во Скопје, воглавно мирно, бараат негова оставка, поништување на амнестијата за владејачките политичари и одложување на изборите закажани за 5 јуни“.

Весникот забележува дека ни владејачката ВМРО-ДПМНЕ притоа „не седи со скрстени раце“ и ги мобилизира своите приврзаници на контра-протести.

„Двете страни се навредуваат меѓусебно со 'овци' и 'предавници'“.

Потсетувајќи дека кризата ескалирала откако лидерот на опозициската СДСМ во февруари 2015 година започна со објавување на прислушкуваните телефонски разговори, ФАЦ сепак заклучува дека историјатот на конфликтот меѓу двете најголеми политички партии во Македонија има далеку подолга историја.

„Доколку треба да се посочи почетен датум, веројатно може да се земе април 2008, кога Грција стави вето на приемот на Македонија во НАТО, или есента 2009 кога Атина се спротивстави на почетокот на преговорите со ЕУ. Причината за оваа блокада која трае до денес е апсурдниот спор околу името на земјата“.

'Скопје 2014' како израз на авторитарноста

„(...)Со оглед дека ЕУ перспективата исчезна (иако Македонија формално се уште е кандидат за членство), владеењето на лидерот на ВМРО Никола Груевски стануваше се поавторитарно и националистичко. Израз на ваквата политика е 'Скопје 2014'. Главниот град... за неколку години доби антиквизирачки изглед.

Тој стануваше сѐ пооспоруван како што растеше сумата за изградбата и множењето на гласините за корупција кај одредени градби. Сумата официјално е меѓу 250 и 300 милиони евра- во една земја со два милиони жители, во која училиштата и болниците се распаѓаат а голем дел од граѓаните едвај составуваат крај со крај. Скопје 2014 не наиде на одушевување ниту кај албанското малцинство кое во проектот гледа цементирање на нивната исклученост од општеството“.

Skopje Bauwut im Stadtzentrum Mai 2014
Скопје 2014 се изгради во земја во која училиштата и болниците се распаѓаат, а голем дел од граѓаните едвај составуваат крај со крај.Фотографија: DW/N. Velickovic

Весникот натаму оценува дека жестоките конфронтации меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ започнале по изборот на Иванов за претседател во 2009 година. Опозицијата започнала со блокади и бојкоти на парламентот, што пак водело кон предвремени избори, на кои сепак не можела да победи. Причините за тоа, според ФАЦ, се во тоа што граѓаните во СДСМ не гледале вистинска алтернатива:

„До пред три години тие беа раководени од поранешниот премиер и претседател Бранко Црвенковски, кој се смета за одговорен за корупцијата при приватизацијата во 1990-те години“.

ФАЦ потсетува дека и на исфрлањето на опозициските пратеници од парламентот во 2012 година, како уште еден показател за „очигледното преземање од страна на ВМРО на државните институции“.

(...) Доколку Европа воопшто и се интересира за Македонија, тоа е најмногу поради тоа што нејзината граница кон Грција е тесно грло на ткн. балканска рута. Но во сенката на бегалската криза ВМРО и опозициските социјалдемократи водеа жестока битка за позиции во реализацијата на секоја точка од постигнатиот компромис (Договорот од Пржино, н.з.). Откако првично предвидениот термин за избори во април беше одложен, Договорот од Пржино и дефинитивно пропадна откако ВМРО одлучи да распише избори на 5 јуни на седница на парламентот која беше бојкотирана од опозицијата.

Во овие околности Иванов го одржа својот говор. Никој во опозицијата не му верува дека претходно не се консултирал со ниту еден од амнестираните за својата одлука- конечно Иванов секогаш бил следбеник на Груевски, кој и самиот профитираше од одлуката. Говорот, во кој Иванов говореше за национално помирување, беше протолкуван како објава на војна“, пишува ФАЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема