1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фала им на Грците, ни покажаа како не треба!

28 мај 2010

„Банкротираната земја ни покажа на сите дека пораст преку задолжување веќе не функционира. Со тоа е засегнат и германскиот економски модел - се закануваат стагнација и брутални борби за прераспределба“, пишува „Шпигел“.

https://p.dw.com/p/NbnT
Фотографија: picture-alliance/dpa

Јапонија е неспорен светски првак во задолженост на државата со 678 проценти од годишните приходи. Јапонците, значи, би требало речиси седум години сите приходи од даноци да ги дадат за отплата на долгот, за целосно да се ослободат од него. Квотата во САД изнесува 302 процента, во Германија 192. „Фала им на Грците: банкротираната земја ни покажа на сите дека пораст преку задолжување веќе не функционира. Со тоа е засегнат и германскиот економски модел - се закануваат стагнација и брутални борби за прераспределба“, констатира деновиве онлајн-изданието на магазинот „Шпигел“ во подолгиот коментар под наслов „Пораст? Поминаа тие времиња“. Ви пренесуваме дел од тезите во него.

„Конечно дојде до таму: оние што се на власт во целиот свет за сите видливо стигнаа таму, каде веќе одамна припаѓаа - на исто ниво со банкарите-коцкари. Помина илузијата дека машината на порастот во развиените индустриски земји ќе може да се одржува под полна пареа постојано со нови долгови. Државите самите си ја изиграа својата кредитоспособност.

Треба да сме им благодарни на Грците. Подмолната игра со долговите тие толку гротескно ја претераа, што сега далеку пошироко од границите на државата на Елините веќе нема иднина моделот на држава која секогаш со кредити си купува нов пораст и живот во благосостојба.

Проблеми со извлекувањето поуки

Ќе им успее ли на индустриските држави на развиениот свет да започнат пресврт? Има ли надеж за државни буџети во кои ќе се троши само онолку, колку што во него ќе влезе од даноци и други дажбини?

Многу охрабрувачки сигнали нема. Оние што се на кормилото на власта имаат проблем да ги извлечат неопходните поуки од егзистенцијално заканувачкиот крах на банките. Кога е веќе толку тешко да се извлечат нужните консеквенции од приватната катастрофа со долговите, дотолку потешко би требало да биде напуштањето на државното кредитирано стопанисување. Ако навистина сериозно се мисли на урамнотежени буџети, под прашање се доведува централната догма на индустриските држави: дека вработување и благосостојба може да се обезбеди само преку пораст, преку колку што е можно посилен пораст. Оние од власта постојано врз старите натрупуваа нови долгови. Се сметаше како успех ако новото задолжување во некоја добра година за стопанството испадне малку помало, отколку во годината пред тоа. Ова беше славено како намалување на долговите, иако натамошно растеше севкупното задолжување. Толку успешната комбинација од демократија и пазарно стопанство во децениите по војната имаше една тешка грешка во конструкцијата: владите и парламентите дејствуваат во изборни периоди од четири или пет години, но враќањето на долговите далеку го надминува тој временски хоризонт на планирање.

Долгови до бескрај?

Политички одговорните, кои денес со кредити си купуваат омиленост, одамна ќе си бидат заминати од функциите кога ќе достасат долговите. Тоа е објаснение зошто владите не се грижат многу за намалување на долговите, па денес се чини невозможно натрупаните долгови било кога да се отплатат. Грците, забележа шефот на Дојче Банк Јозеф Акерман, веројатно нема да бидат во состојба регуларно да ги отплатат своите долгови, за што пожнеа критика од налутените политичари во Берлин. Но, Акерман ја минимизира работата - тешко дека било која голема индустриска земја било кога ќе ги отплати своите долгови.

Der Spiegel Logo

Оргијата од задолжување во 2009 година, кога владите спречија глобална финансиска катастрофа со авантуристички големи износи, конечно го доведе тој систем до апсурд. Во право е холандскиот професор по економија Вилем Бојтер кога укажува дека САД и Велика Британија кај таканаречените структурни дефицити и споредбено со севкупните стопански постигнувања стојат уште полошо отколку Грција, Португалија или Шпанија. Но, сега е крај на фиестата, не само за Грците, туку и за сите Европејци, за Американците и Јапонците. Сега мора да дојде до пренасочување.

Помали државни долгови или дури и воопшто без ново задолжување по 2016 година, како што е внесено во германскиот устав, ќе значи длабок засек во животните навики на оние на власт, како и на граѓаните. Економската наука досега нема готови рецепти како би можела да функционира некоја економија со помал или воопшто без стопански пораст - и професорите, како и политичарите или претприемачите, и’ подлегнаа на догмата за постојаниот пораст. Пресвртот ќе биде болен и можеби поврзан со тешки политички потреси. Протестите во Грција оставаат да се насети што допрва им претстои на другите земји. Пред нас се години на остри борби за прераспределба и можеби тешко оптоварување на демократскиот систем, предвидува Волфганг Каден во коментарот објавен во онлајн-изданието на магазинот „Шпигел“.

Автор: „Шпигел“

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска