1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бајката за епидемиолошки безбедните училишта

Сабине Кинкарц
4 јануари 2021

Ублажување на мерките или продолжување на локдаунот? Ова прашање се повеќе се поставува во Германија кога станува збор за училиштата. Сѐ повеќе студии докажуваат висок степен на епидемиолошка опасност.

https://p.dw.com/p/3nQvK
Corona-Krise in Deutschland | Schulunterricht | Maskenpflicht
Фотографија: picture alliance / Eibner-Pressefoto

Сабине Клајн, учителка од северногерманската сојузна покраина Шлезвиг-Холштајн секојдневно фрла поглед на својата електронска пошта. Се надева дека ќе добие каква било вест од Министерството за образование од својата сојузна покраина за тоа како би можела да изгледа наставата во училиштата по 10 јануари, до кога ќе траат мерките против пандемијата во Германија.

„За периодот од 6 јануари, кога официјално завршуваат празниците, добивме препорака на учениците да им дадеме што е можно повеќе задачи за да можат  да се занимаваат со нешто до 11 јануари. Што ќе биде потоа, никој не знае“, вели Клајн. Всушност, Сабине Клајн не е нејзиното вистинско име. Но, државната службеничка без одобрување на работодавачот во моментов не смее да зборува за своето работно секојдневие. Затоа сака да остане анонимна.

56-годишната учителка има поделени чувства за тоа како би требало да се одвива наставата од јануари. „Од една страна, како наставник, би била среќна да се вратиме на нормална настава, бидејќи дигиталните формати ни одблизу не можат да ја надоместат вистинската настава. Но, како човек се плашам поради големиот број новозаразени, бидејќи ние наставниците не сме ни одблизу доволно заштитени“, вели Клајн.

Deutschland Karlsruhe | Coronavirus | Schule & Lüften
Фотографија: Uli Deck/dpa/picture-alliance

Бајката за безбедна настава

Долго време училиштата важеа за епидемиолопки „безбедни места“. Децата, така се тврдеше и во научните студии, помалку се подложни на заразата, а и ако се заразат, болеста поминува многу поблаго и често дури и без симптоми. Поради тоа, како што се тврдеше, нема потреба од затворање на училиштата и на градинките.

Повеќе:

-Германија: „Ќе има уште многу корона-мртви“; наставниците сами ќе се тестираат

-Закана од ново затворање: Има ли план „Б“ за училиштата?

-Коронавирусот и училиштата: Како функционира тоа во Германија

Политичарите со задоволство ги прифаќаа ваквите теории. За време на локдаунот во пролетта, кога беа затворени училиштата и градинките, родителите беа доведени до работ на очај - работа од дома, грижа за децата, занимавање со наставата и со училишните задачи, а тука се и оние кои и натаму мораа да одат на работа додека во исто време немаше кој да им ги чува децата. Таа состојба политиката сакаше да ја избегне по секоја цена во новата учебна година.

Deutschland | Klassenzimmer Coronakrise
Фотографија: Ina Fassbender/AFP

Игнорирани промени

Образовната политика во Германија е во рацете на сојузните покраини, односно покраинските министри за образование. Нивниот став од почетокот на учебната година во август гласеше: да се одржува класична настава по секоја цена. Тоа не се промени ни во ноември кога бројот на новозаразени во Германија повторно почна вртоглаво да расте.

Министрите за образование на сојузните покраини тврдеа дека нема докази оти училиштата и градинките се жаришта на зараза. Меѓу нив беше и министерот за образование од градот-сојузна покраина Хамбург, Тис Рабе, кој меѓутоа во моментот кога го тврдеше тоа пред себе имаше веќе една студија која покажува дека во едно хамбуршко училиште еден ученик заразил околу 40 други ученици и наставници.

Но, Рабе ја игнорираше оваа студија сѐ додека лутите родители не се погрижија оваа студија да стигне во јавноста. Но, и останатите министри за образование тврдокорно го бранеа класичното одвивање на наставата дури и откако Националната академија на науки Леополдина на 8 декември препорача укинување на обврската за посета на настава во училиштата. И Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох препорача наставата  да се подели на интервали кога просечната бројка на новозаразени на 100.000 жители во една недела, надмине 50. 

Како до ефикасна настава преку интернет?

Од почетокот на пандемијата, науката секојдневно стекнува нови сознанија за ширењето на инфекцијата. Во Австрија, масовното тестирање покажа дека децата се исто толку подложни на инфекции како и возрасните. Но, бидејќи болеста често поминува без симптоми кај децата, тие се тестираат поретко, што секако влијае на статистиката. Некои студии во Велика Британија покажаа дека бројот на заразени ученици, особено оние на возраст над 12 години, е особено голем.

Со 30 деца во училница

На наставничката Сабине Клајн и се чинеше логично училиштата да воведат мерки во согласност со локалното ниво на инфекции, што во германската покраина Шлезвиг-Холштајн беше цело време пониско во споредба со другите делови на земјата.

Но, таа никогаш не се чувствуваше особено безбедна на училиште. Впрочем како можат да се почитуваат правилата за држење дистанца во училница со повеќе од 30 ученици. Задолжителното носење заштитна маска беше воведено дури во доцната есен.  А, препорачаното проветрување на училницата на секои 20 минути одзема многу време од часот.

500 евра потрошени на маски

Оваа се чувствува и оставена на цедило од страна на училишните власти за време на пандемијата. „Тие дури не ни доставија ниту прописни заштитни маски. Единствено неодамна добивме неколку обични маски. Но, поради хронично заболување, припаѓам во ризична група, затоа не се осмелувам да одам на училиште без филтрирачка маска од типот ФФП2. Досега веќе потрошив над 500 евра за такви маски “, се жали учителката.

И додека заштитата при  работа во болниците предвидува маските ФФП2 да се отстрануваат на секои неколку часа, Клајн ја носи својата маска цел работен ден. „За време на големите одмори , излегувам од училиштето и одам некаде, каде нема никој, ја вадам маската и јадам нешто. Обично се враќам дома со главоболка “, се жали учителката.

Ковид-19: Импровизирани прегради за безбеден училишен ден

И покрај тешките услови, Клајн не би сакала училиштата да останат затворени подолго време. Меѓу другото, бидејќи училиштата не се доволно подготвени за дигитална настава. „Речиси ништо не се смени во таа смисла од првиот локдаун во март: немаше дополнителни обуки за учителите а нема и доволно  техничка опрема, како за учителите и така и за учениците“, се жали учителката од северот на Германија.

Денеска (04.01.2021), министрите за образование и за култура на германските покраини одлучуваат за тоа како треба да изгледа училишната наставата по крајот на божикниот распуст.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ