1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ѝ се закануваат на Турција со санкции

Даниел Белут
25 мај 2019

САД ѝ поставија ултиматум на Турција. Доколку Анкара го купи рускот ракетен одбранбен систем С -400 како што планира, Вашингтон ќе воведе санкции против земјата НАТО партнер. Ова се одговорите на најважните прашања.

https://p.dw.com/p/3J0sL
Waffensystem: Flugabwehrrakete S-400 Triumf
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Rogulin

За што станува збор во „Ракетниот – спор"?

Турција сака својот воздушен простор да го заштити со руски одбранбен ракетен систем. Вашингтон сака земјата која е НАТО партнерда го купи американскиот систем Патриот. Американската влада, според телевизијата СиЕнБиСи, и поставила ултиматум на турската влада. Анкара има две недели да се откаже од купувањето на рускиот систем, во спротивно следат санкции. Истовремено Вашингтон се заканува дека нема да и испорача на Турција борбени авиони од типот Стелт Ф-35.

Како настана спорот?

Американската влада со месеци врши притисок врз Турција: претседателот Трамп повеќепати го критикуваше купувањето на одбранбениот ракетен систем С-400. Американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео дури и се закани со санкции. Но, Анкара се чини воопшто не се вознемири: турскиот министер за одбрана Хулуси Акар неделава најави дека турски војници се на обука во Русија за ракување со системот С-400. Системот треба да биде испорачан во јуни или јули и најдоцна до есен да биде инсталиран.

Што му пречи на Трамп во однос на договорот?

Конфронтацискиот став на администрацијата на Трамп има економски и воени причини. Се наведува дека Анкара го прекршила договорот бидејќи Вашингтон сака по секоја цена да и го продаде на Турција американскиот систем за противвоздушна одбрана Патриот. Исто така во САД и кај други членки на НАТО постои сериозна загриженост во однос на безбедноста. Притоа и руската воена технологија не е компатибилна со НАТО системите. Исто така постојат стравувања дека Москва преку оваа радарска технологија во системот С-400 ќе може да собира тајни информации за борбените авиони Ф 35, бидејќи турската војска ќе ја комбинира одбраната со рускиот систем и американски авиони. Освен тоа постои загриженост и дека воената соработка со Москва би можела да влијае врз оддалечување на Анкара од западните сојузници. Експертите забележуваат дека земјата значително се врти кон источните земји како Иран, Кина и Русија – не само воено.

Hulusi Akar - türkischer Verteidigungsminister
Турскиот министер за одбрана Хулуси АкарФотографија: DHA

Какви последици може да има Турција?

Американски економски санкции би можеле во голема мера да ја погодат Турција. Земјата во последната година веќе се наоѓа во сериозна монетарна и економска криза. Инфлацијата и невработеноста се голем проблем за турското население. Степенот до кој економските санкции би можеле да и наштетат на климавата турска економија веќе можеше да се види минатиот август кога владата на Трамп воведе казнени царини за челик и алуминиум, откако турски суд одби да го ослободи американскиот пастор Ендрју Бронсон. Според проценките на економските експерти, американски санкции сериозно би ја заостриле економската криза во Турција. Меѓу другото и поради фактот што секаква тензија меѓу Турција и Западот ги одвраќа инвеститорите.

Какви се шансите за помирување?

Ништо не укажува на тоа дека владата на Ердоган ќе се предомисли. Додуша турскиот министер за одбрана Хулуси Акар ги продолжува преговорите со САД за купување на американскиот противракетен одбранбен систем Патриот, па дури и се очекува Вашингтон да даде поевтина понуда. Но, турскиот претседател Ердоган постојано повторува колку е решен да продолжи со руската набавка. Исто така Акар во вторникот изјави дека веќе се подготвуваат за можни санкции од САД. Причина за тоа е ставот на Турција дека рускиот противракетен одбранбен систем по цена од 2,5 милијарди долари за две батерии е значително поевтин од американскиот. При тоа С-400 се смета за исклучително модерен и ефикасен: има опсег од 400 километри, може да пресретне цели и до 60 километри всочина, а исто така е и адаптибилен.

Зошто НАТО партнерите не се согласни?

Тоа што преговорите околу одбранбениот ракетен систем С-400 се толку компликувани лежи и во фактот дека американско – турскте односи ретко биле волку лоши како сега. Спорот поради американскиот пастор Бронсон е речиси маргинален. Пред се војната во Сирија ги стави на тест односите меѓу двата НАТО партнери. Американците во сириската граѓанска војна им дадоа поддршка на курдските милиции кои се борат против Исламската држава. За Анкара пак тие се сириското крило на забранетата курдска терористичка организација ПКК и со тоа се сметаат за закана. Друга точка која придонесе за влошување на односите меѓу Анкара и Вашингтон е американската политика во однос на Иран. Американската влада неодамна ги заостри санкциите кон Иран: од почетокот на мај треба да се санкционираат сите земји кои увезуваат иранска нафта. Досега имаше исклучок од ова правило за осум земји, меѓу кои и Турција.