1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Украинскиот авион соборен со две ирански ракети

СН/агенции
15 јануари 2020

Патничкиот авион соборен во близина на Техеран е погоден и од втора иранска ракета, јавуваат американските медиуми. Проектилите биле испукани во интервал од околу половина минута.

https://p.dw.com/p/3WE9n
Iran Flugzeugabsturz Ukraine International Airlines | Wrackteile bei Teheran
Фотографија: Reuters/Wana/N. Tabatabaee

Нова снимка од камера за надзор покажува дека украинскиот патнички авион, во кој загинаа 176 луѓе, е погоден со две ракети откако полетал од Техеран на 8 јануари, јавија американските весници „Њујорк тајмс“ и „Вол Стрит Џурнал“.  Тие уште наведуваат оти ракетите го погодиле авионот во интервал од 30 секунди, пренесува Ројтерс. Проектилите биле испукани од ирански воен објект, околу 13 километри одалечен од тогашната локација на авионот.

Инаку во извештаите на американските весници се вели дека ниту една ракета веднаш не го соборила авионот, кој продолжил да лета уште неколку минути, а на снимката се гледа оти запалениот авион тргнал назад кон аеродромот. „Њујорк тајмс“ смета дека новата снимка би можела да помогне да се објасни зошто авионот престанал да емитува радио сигнал откако се срушил, наведувајќи оти радиото е можеби оштетено во првата експлозија.

Повеќе на темата:

-Иранците сакаат да завладее закон и ред

-Иранците демонстрираат против лагите на својата влада

-Иран призна дека авионот бил погоден со ракета, Украина бара извинување

Двата весника јавија независно еден од друг, дека ја потврдиле автентичноста на снимката  која на Јутуб ја постави еден ирански корисник на 14 јануари. Во Иран пак, во меѓувреме беше уапсено лицето кое ја направило снимката од соборувањето на украинскиот авион, која претходно беше објавена. Деталите од апсењето засега се непознати, а Би-Би-Си пренесува дека се очекува уапсеното лице да се соочи со обвинувања во врска со национална безбедност. Иранската војска призна оти ненамерно го соборила украинскиот авион кај Техеран, наведувајќи дека во прашање е човечка грешка.

Украина бара од Иран да ги врати црните кутии

Канцеларијата на украинското обвинителство и безбедносната служба побараа од иранските власти да ги предадат на Киев црните кутии од соборениот украински авион. Претставник на украинските безбедносни служба неодамна изјави оти се очекува истакнат истражувач од Иран наскоро да ја посети Украина.

Iran | Trauer | Flugzeugabsturz
Фотографија: Getty Images/AFP

Тој, како што пренесува новинската агенција  Ројтерс, би требало да процени дали украинската лабораторија е соодветна за декодирање на црни кутии. Претходно шефот на киевскиот истражувачки институт за форензичка експертиза, Александар Рувин, рече оти црните кутии ќе бидат декодирани во Украина и дека тоа ќе го стори група меѓународни стручњаци.Рувин, по враќањето од Техеран, изјави оти процесот на декодирање на црните кутии ќе започне на 20 јануари.

Протестите во Иран продолжуваат

Иранското раководство поради справувањето со катастрофата  е под значителен притисок и во сопствената земја. Во последните неколку дена постојано има протести. Вчеравечер повторно имаше протести на универзитетите во Техеран и судири меѓу студентите и припадници на милициите Басиџ- лојалните на властите, за што сведочат видеа објавени на социјалните мрежи.

Iran | Protest gegen die Regierung in Teheran
Фотографија: hamshahrionline.ir

Според наводи на иранското правосудство  околу 30 лица се уапсени во досегашните протести. Во вторникот Техеран исто така објави дека имало први апсења на одговорните за соборувањето на авионот. Детали во врска со апсењата не беа соопштени.