1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина предупредува од руските трупи во Транснистрија

ЖА / агенции
26 април 2022

Се заканува ли проширување на руската војна? Во проруската сепаратистичка област во Република Молдавија експлодирале повеќе бомби.

https://p.dw.com/p/4ATYe
Republik Moldau Transnistrien Grenze
Фотографија: Diana Pop

Украинската војска предупреди од активирање на руските трупи во самонаречената „Република Транснистрија“ во  Молдавија.

„Единици од руската војска се ставени во целосна борбена готовност“, се вели во извештај на Генералштабот на украинската армија, објавен вечерва на Фејсбук. Освен тоа, во зголемена борбена подготвеност биле ставени и безбедносните сили на молдавските сепаратисти. На ова претходеа повеќе експлозии во кои биле уништени две радиоантени за емитување програма на станици на руски јазик, а од вчера под оган бил и објектот на регионалната безбедност. Експлозии имало наводно и во касарна во близина на воениот аеродром во главниот град на Транснистрија, Тираспол.

Раководството на Транснистрија (Приднестровје), испрати обвинување на сметка на Киев за организирање на експлозиите, што Украина најкатегорично го демантира. Киев тврди дека руската тајна служба ФСБ планира вовлекување на Транснистрија во руската војна против Украина. „Русија планира дестабилизирање на регионот Приднестровје. Лошата вест: ако падне Украина, руските трупи утре ќе се најдат пред Кишњев (главниот град на Молдавија, н.з.)“, напиша советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак на Телеграм.

Руското министерство за надворешни работи пак денеска контрираше - Русија сака да избегне сценарио на интервенирање во Транснистрија.

Регионот Транснистрија, населен главно со Руси, во 1992 година се отцепи од  Молдавија,  но меѓународно не е признат за држава.

Сепаратистите во Транснистрија имаат поддршка од контингент на руски војници стациониран во регионот. Примирјето со  Молдавија го надгледува мисија на ОБСЕ, која денеска упати апел за воздржаност на сите страни.

Молдавија денеска ги засили безбедносните мерки по низата експлозии во отцепениот регион Приднестровје, кој е поддржан од Русија. Молдавската претседателка  Маја Санду  апелираше граѓаните да останат смирени по серијата експлозии во областа што граничи со Украина, а што ги зголеми стравувањата од прелевање на конфликтот со Русија.