1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украдените деца ја бараат вистината

5 март 2019

Се работело за илјадници случаи - на мајките во Шри Ланка им говореле дека бебињата им починале. А потоа илегално биле давани на посвојување во западните земји. Колку животи се уништени?

https://p.dw.com/p/3ER9H
Auf Spurensuche in Sri Lanka
Оливија Рамја ТанерФотографија: privat

Оливија Рамја Танер всушност сакала да оди на одмор во Шри Ланка, а попатно да ја посети и својата вистинска мајка. Бидејќи оваа жителка на Цирих знаела дека е родена во таа далечна земја и дека родителите во Швајцарија ја посвоиле.

Тоа било во 2016. Во меѓувреме Оливија, која работи како информатичарка, најмила приватен детектив кој ја продолжил потрагата по вистинските родители. Нејзината пет години помлада сестра Жералдин, која е исто така посвоена, исто така започнала потрага по своите корени.

Лавина по ТВ-репортажа

Потрагата била успешна. Мајката на Жералдин е најдена. Но корените на Оливија останале обвиени во тајна. Затоа самата отишла во болницата во Ратнапура, каде е родена, за да се увери во своето потекло. Тогаш дознала дека нејзиниот извод на родени е фалсификат. „Ми рекоа дека воопшто не сум родена таму. Бев скаменета“, вели Оливија.

Ниту потрагата по останатите архиви не вродила со плод. Се појавиле сомнежи: Дали воопшто и датумот на раѓање е исправен? И што е средното име Рамја? „Единственото нешто кое ме поврзуваше со мајка ми беше тоа име кое таа наводно ми го дала. Полека го губев тлото под нозете. Мојот идентитет беше доведен во прашање“, се сеќава Оливија.

Една година подоцна од репортажа на една холандска телевизија дознава дека не е единствена. Многу посвоени деца во Европа стигнале со фалсификувани документи. ТВ-репортажата покренала интерни истраги и кантонот Сент Гален потврди дека веројатно до 70 отсто од посвојувањата на деца од Шри Ланка од крајот на 1970-те години до почетокот на 1990-те биле илегални.

Auf Spurensuche in Sri Lanka, Olivia Ramya Tanner, Adoption
Оливија била посвоена како шестмесечно бебеФотографија: privat

Прашање на кое сѐ уште нема одговор: Зошто швајцарските власти не реагирале и покрај предупредувањата на тогашниот швајцарски амбасадор во Шри Ланка и новинарските текстови во таа земја.

Деца за извоз!

Веројатно околу 11 илјади деца од таа азиска земја се посвоени во Европа, САД и Канада во тој проблематичен период. На некои мајки во болниците, корумпираните службеници им кажувале дека децата им починале при породување. На други им било речено дека бебињата им се на интензивна нега, а всушност веќе биле дадени на посвојување. Во некои случаи жените останувале бремени пред брак и бегале од своите села за ги родат децата кои не можеле да ги задржат. Во тие моменти, на железничките станици и болниците овие жени станувале жртви на „ловци на бебиња“ и сомнителни адвокати кои ги терале мајките да се откажат од своите деца.

Покрај официјалните хуманитарни здруженија и сиропиталишта кои легално посредувале при посвојување деца, цветал и „црниот пазар“. Некои деца дури биле и „порачувани“ на „фармите на бебиња“. „Овие деца буквално се раѓале за да бидат извезувани“, се наведува во извештајот на кантонот Сент Гален.
Извештајот од овој кантон е важен затоа што таму делувала Алис Хонегер, директорка на една од најважните агенции за посвојување во Швајцарија. Таа, според извештајот, само во една година година на илегални посвојувања заработила речиси 100 илјади долари.

По извештајот на холандската телевизија, група жени го основале здружението „Враќање кон корените“ кое врши притисок врз швајцарската влада да преземе чекори кои би воделе кон расветлување на нерегуларните посвојувања.

Оливија минатата година сретнала една личност која наводно се вика Даун де Силва, а која го организирала нејзиното посвојување. Денес 80-годишната старица не смета дека сторила нешто лошо.

Тажната судбина на децата на ирските немажени мајки

„Тоа е најлошото. Што таа не гледа какво зло сторила. И се оправдува со тоа дека други ѝ ги носеле бебињата“, вели Оливија.

Нема одговорност

Швајцарските власти не нашле ништо спорно во продолжувањето на дозволата за работа на Алис Хонегер и тоа го оправдуваат со фактот дека ни истрагата на Интерпол не покажала спорни моменти.
Актуелниот министер за здравство на Шри Ланка денес говори за неправилностите од 80-те и 90-те години, но исто така вели дека никој не застанал одлучно на патот на илегалната трговија со бебиња. „Ниту една институција не рекла: Доста! Сите од себе ја тргале одговорноста“, вели тој и додава: „На сите им одговарала приказната дека децата нашле сигурен дом и семејства и дека биле спасени од беда и сиромаштија“.

„Се работело за бизнис: Понуда и побарувачка. Родителите сакале новороденчиња, а не четиригодишни деца од сиропиталиште. Затоа им ги одземале бебињата на мајките“, вели Оливија.

Таа денес нема проблем со својот идентитет и се чувствува „120 отсто“ Швајцарка. Нејзиниот татко бил потресен кога дознал дека документите на неговата ќерка биле фалсификувани. Но, во меѓувреме е горд на тоа што Оливија самата го истражува своето потекло.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема