1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ударот на Борис Џонсон

Барбара Везел
3 октомври 2019

Партискиот говор на Борис Џонсон беше полн со шеги и добро позната отровна реторика. Но, тој за првпат даде и конкретни предлози за излез од ЕУ. Тоа може да го отвори патот за договор, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3QgHC
UK Parteitag der Konservativen
Фотографија: picture-alliance/empics/P. Byrne

Во секој случај говорот на Борис Џонсон во Манчестер беше забавен. Како искусен кабаретист кој знае дека мора да ја држи публиката весела, а паузите меѓу вицовите кратки. Затоа „бомбардираше“ со различни вицови, од старите - како оној за лидерот на опозицијата Џереми Корбин и ракетата за месечината, до нови - за риболовот во Шкотска. И на крајот следеше специјална шега на сметка на спикерот на Долниот дом и тестисите на кенгур. Толку многу забавно.

Само да не го крстиме Бекстоп

Премиерот не ѝ здодеваше на публиката со детали од новиот предлог за истапување од ЕУ. Грубите рамки и неколку борбени мисли според девизата - „Ова е единствената и последна понуда“, беа доволни. Можеби Џонсон не сакаше на неговите приврзаници да им покаже колку е всушност подготвен да прави отстапки. Деталите се само во дописот за Брисел кој беше примен попладнето.

Ако преговорите во Брисел со британската делегација досега не го заслужуваа тоа име, премиерот сега за првпат на преговарачката маса стави предлог за кој би можело да се постигне договор. Тој се навраќа на стариот предлог на ЕУ за „бекстоп“ само за Северна Ирска, за кој Тереза Меј имаше кажано дека ниту еден британски премиер не би можел да потпише нешто толку страшно. Борис Џонсон не е толку пребирлив. Предлага Северна Ирска да се држи како еден вид зона со посебни правила со ЕУ. Тоа значи дека производите и храната би можеле и натаму непречено да се транспортираат преку невидливата граница на Северна Ирска затоа што двете страни ќе работат по истите правила. Но, Велика Британија сака да истапи од царинската унија заради што на некоја точка ќе мора да има контроли, можеби зад границата. Ѓаволот се крие во деталите, не треба предвреме да се западне во еуфорија. Но, во принцип, на таа основа може да се постигне компромис и да се избегне тврд Брегзит.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Сталинистичката северноирска ДУП, која ѝ ја отежнуваше работата на Меј, изгледа го подмачкала Џонсон со партиски шампањ и пари. За неа предлогот е интересен, бидејќи на секои четири години ќе може да гласаат во северноирскиот парламент за негово продолжување. Тоа ја зголемува нејзината политичка важност и изгледа демократски. За ЕУ и Даблин е релативно нештетно, бидејќи е мала веројатноста да се најде мнозинството против договорот кој економски ја спасува Северна Ирска.

На пат кон компромис за Брегзит

Борис Џонсон сфати дека поголемиот дел од Британците, исто како и неговите партиски членови, не се многу заинтересирани околу Северна Ирска. Тие не се грижат за старите конфликти и компликувани политички борбени линии. Оттука, тој си зема слобода да ги крши старите ограничувања на разговорите во Брисел, според кои правилата за Брегзит ќе треба да важат и да се спроведуваат низ цела Велика Британија. На премиерот не му е воопшто грижа ако има отстапки и девијации таму горе на северот. Со овој удар Борис Џонсон би си го наредил теренот за претстојни нови избори. Ако постигне договор со Брисел и земјата навистина на 31 октомври истапи од ЕУ, тоа ќе биде вистинска победа за него. Би имал сигурно мнозинство и кај благодарните Британци, кои покрај Брегзитерите исто така би биле среќни да се заврши овој ноќен кошмар. Истовремено, го продолжува и конфликтот со Парламентот, кого повторно сака да го испрати на принудна пауза. Овојпат само онолку колку што дозволува Врховниот суд – една недела.

Сѐ уште ништо не е сигурно

На земјата ѝ е смачено од расправиите околу истапувањето од Унијата и подготвеноста за компримис е поголема. Тоа веројатно важи и за Парламентот. Кој пратеник би гласал против поднослив договор кој го избегнува хаосот што би настанал по Брегзитот и ги ублажува последиците од него? За тоа дека потешкиот дел допрва следува - кога ЕУ и Велика Британија ќе почнат преговори околу трговските прашања - во Лондон се молчи. Нека си мислат луѓето дека по Брегзит ќе течат мед и млеко.

Борис Џонсон можеби токму од неговата најголема политичка слабост, срамниот и незауздан опортунизам, ќе извади неочекувана сила. Со лесна рака фрла принципи за институционалниот поредок во Велика Британија настрана. Можеби за тоа навистина е потребен некој како него, човек без принципи кој согледува дека само како херој на Брегзитот може да ги добие изборите. Сепак, не треба предвреме да се радува, бидејќи засега ништо не е завршено. И пред истекот на рокот нештата може да тргнат наопаку. Лондон по долго време направи прв можен обид да овозможи двете страни да се разделат во мир.