1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција подготвена за воена интервенција во Сирија?

Ајхан Шимшек / Марта Таневска29 август 2013

Потенцијалните сојузници во можната воена интервенција во Сирија се заинтересирани и за учеството на Турција. Но, согласноста од Анкара зависи од многу фактори.

https://p.dw.com/p/19YTD
Фотографија: AFP/Getty Images

Турција ја разгледува можноста да се вклучи во планираната коалиција, предводена од САД, против режимот во Сирија, објавија владини претставници во вторникот (27.08.2013). Меѓутоа, големите безбедносни ризици, како и законските и политичките предизвици, го ограничуваат просторот на турската влада за такво делување.

„Ако се основа коалиција од повеќе земји (против сирискиот режим, н.з.) Турција би се вклучила во еден таков меѓународен сојуз“, рече заменик премиерот Булент Аринч во вторникот. „Оваа меѓународна коалиција веројатно ќе биде составена од најмалку 20, 25 земји. Турција би можела да биде една од овие земји, за да стави крај на масакрот во Сирија“, рече Аренч и стави до знаење дека вклучувањето би било само поради хуманитарни причини.

Bülent Arinc
Заменик премиерот Булент АренчФотографија: AFP/Getty Images

Турскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу го опиша наводниот напад со отровниот гас како „злосторство против човештвото“ и нагласи дека еден ваков злочин „не може да помине неказнето“. Тој повтори дека за Анкара е приоритет постигнување на единствен став околу Сирија и Советот за безбедност на Обединетите Нации. Но, Анкара е сѐ повеќе фрустрирана поради неделувањето на Советот за безбедност.

Пред тешки одлуки

Повеќе од две години, Турција ги повикува Обединетите Нации на мултилатерална интервенција во Сирија и прогласување на зона за забрана на летови, но досега не успеа да ги увери западните сојузници, ниту регионалните партнери. Сега, кога се очекува интервенција во Сирија, водена од американската војска и Турција мора да ги преиспита своите планови за можните акции против сирискиот режим. „Турција сака да игра важна улога во идните случувања“, вели новинарот Серкан Демиртас за Дојче веле. „Но многу работи сѐ уште не се јасни. Политичките и воените разговори помеѓу сојузниците и партнерите и понатаму траат“, додава тој.

Patrouille an der türkisch-syrischen Grenze 18.03.2012
Патрола на турско-сириската границаФотографија: picture-alliance/dpa

Турската граница со Сирија е долга 910 километри. Конфликтите за време на последниве две и пол години значително ја влошија безбедносната ситуација во турското погранично подрачје и создадоа нови закани за оваа земја, која е член на НАТО. Набљудувачите на ситуацијата во Турција истакнуваат дека безбедносната ситуација во земјата може дополнително да се влоши, доколку Турција директно учествува во воените операции заедно со меѓународната коалиција. Можната одмазда на сирискиот режим, во која би можело да се користи хемиско оружје и понатаму е една од најголемите грижа за политичкото и воено раководство на Турција.

Во случај на воена интервенција, од Анкара ќе се очекува хуманитарна и логистичка поддршка и најверојатно ќе мора да ги стави на располагање тајните служби. Турската влада за коалиционите партнери веројатно ќе мора да ги отвори и военате бази. Две бази на НАТО, кои се најблиски до Сирија исто така се наоѓаат во Турција: Инџирлик и Измир. Стратешката важност на базата Инџирлик се покажа и во минатото, на пример во текот на американскиот напад на Ирак во 1991. година.

Правни и политички промени

Отворањето на турските воени бази за коалиционите партнери меѓутоа во никој случај не е сигурно. Меѓутоа маневарскиот простор на земјата политички и легално е многу ограничен.

„Според договорот од 1980. година помеѓу САД и Турција се дефинираат правила за користење на базата покрај Инџирлик од страна на САД за воени цели. Како правна основа мора да постои или одлука од Советот за безбедност на Обединетите Нации или на НАТО“, вели Цагри Ерхан, професор на Универзитетот во Анкара, во разговор за ДВ.

Auftanken einer F-16 Incirlik Air Base Türkei
Базата Инџирлик во ТурцијаФотографија: picture-alliance/U.S. Air Force/Tom Kennedy

Ако ни НАТО ни Советот за безбедност не одобрат извршување на воени операции, доаѓањето на американските или коалициските сили во Турција, мора да биде одобрено од турскиот парламент.

Во март 2003. година тоа не беше можно. парламентот не одобри стационирање на американски трупи, кои од Турција можеа да ги стартуваат нападиите против Садам Хусеин. Турската владејачка партија АКП тогаш не успеа да усвои резолуција за тоа, иако имаше мнозинство во парламентот.

И овојпат повторно би можело да биде тешко да се добие одобрување. Опозиционите партии опстојуваат на тоа дека една ваква одлука би било јасно кршење на турскиот устав, кој бара „меѓународна легитимација“ за воени операции од овој вид.

„Секаква интервенција без резолуцијата на ОН би можела да предизвика регионална експлозија“, предупредува Фарук Логоглу, поранешен турски амбасадор и заменик претседател на опозициската Републичка народна партија (ЦХП ). „Сѐедно колку земји би поддржувале една таква интервенцијата, таа нема да има меѓународен легитимитет“, нагласува Логоглу. „Турција би требало да го почека извештајот на експертите од ОН за нападите со боен отров како и одлуката на Советот за безбедност на ОН“, заклучува тој.