1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турците во Солун не се чувствуваат безбедни

6 ноември 2021

Турција за ЕУ е „безбедна земја“ за мигрантите и бегалците. Но, дури и Турците беагаат од државата на Ердоган. Некои од нив прибежиште најдоа во Грција, а сега се плашат дека ќе бидат вратени во Турција.

https://p.dw.com/p/42X3s
Griechenland Türkei Migration Flucht
Фотографија: Florian Schmitz/DW

Сабахатин Топрак седи пред својот мал ресторан, веднаш покрај црквата Свети Ѓорѓи во Солун. Историјата на таа градба е сложена, исто како и градската историја. Подигната е во античко време како храм, подоцна служела како христијанска црква, во доба на Османлиите како џамија, а сега повторно е православна црква. Од османскиот период е останато минарето, тоа добро се гледа од ресторанот.

Топрак пред пет години побегнал од Турција и веќе не може да се врати, зашто наводно бил поврзан со Ѓуленовото движење. Од обидот за пуч во 2016. година, режимот на претседателот Реџеп Таип Ердоган  целно „лови“ политички противници. „Мојот зет и неговиот син се во затвор. Турција не е безбедна“, вели Топрак за Дојче веле. Проблеми настануваат штом режимот на Ердоган некого ќе го доживее како противник, во било која форма. „Се однесуваат како мафија“, вели Топрак.

Нему му е добро во Солун, иако во последната еднаипол година политичката ситуација меѓу  Анкара и Атина  значително се влоши. Грците многу ретко јавно изразуваат непријателство, вели, но тензиите меѓу соседните земји создадоа чувство на несигурност.

Растечки тензии на турско-грчката граница

„Многу мои турски пријатели кои живеат овде, се уплашени. Не знаат што ќе се случи, ни како да се однесуваат. Човек не може да се чувствува безбедно под овие околности и затоа многумина ја напуштија Грција“, вели Топрак.

Тие не се плашат дека ќе дојде до воен судир, туку дека Грција би можела да ги испорача на Турција. Имено, кружат гласини дека Анкара и Атина би можеле да се договорат, а бегалците за кои постои сомнеж дека припаѓаат на движењето на Ѓулен, тогаш би можеле да бидат испорачани.

Систематско угнетување

Во Солун веќе пет години живее и турскиот новинар Рагип Дуран. Во кариерата долга преку 40 години, главно работел за странски медиуми. Големи имиња, како француската новинска агенција АФП или весникот „Либерасион“ му пружале одредена заштита. Но, ситуацијата  во 2016. се променила: „Веќе не сум политички бегалец, туку само странски новинар кој овде работи“, вели Дуран.

Од последниот  обид за пуч,  во Турција станало невозможно да работи како новинар. „Го протераа новинарството од земјата“, вели Дуран и се смее. Како одамна да се навикнал на апсурдот на систематски репресии во својата татковина. „Системот на Ердоган гуши секаква опозиција, новинари, научници, синдикалци, сите интелектуалци кои одбиваат да се потчинат на власта.“

По доаѓањето во Солун дознал дека во Турција е осуден на 18 месеци затвор. Пресудата подоцна е укината. „Ми претстои судење, зашто учествував во акцијата на солидарност со еден курдски весник: 58 новинари симболично по еден ден беа главен и одговорен уредник."

Процесот е чисто политички мотивиран и нема врска со владеење на правото. Како и најголем дел од таквите случаи во Турција, тоа се обвинувања за тероризам, вели Дуран. „Повеќе од 700.000 луѓе се обвинети за наводна пропаганда на тероризам.“

Системот на Ердоган се урива

Поддршката за Ердоган опаѓа,  исто како и за неговата партија АКП. Турција е меѓународно изолирана.Покрај тоа, пандемијата на коронавирус ја турна земјата во длабока криза, турската лира е во слободен пад. Интелектуалците ја напуштаат државата на Ердоган. Истовремено, Анкара и Атина водат валкана, студена војна за суровини во источен Егеј, пред сѐ врз грбот на бегалците и мигрантите.

Но, и Брисел и ЕУ остануваат на оценката дека Турција е безбедна земја за бегалците. Од таа причина Атина прибегнува кон сѐ поостри и често незаконски тактики во спречување луѓето да бараат азил на грчко тло. Турција и Грција меѓусебно се обвинуваат за користење на бегалците како пропагандно оружје.

Во Турција моментно има четири до пет милиони мигранти, повеќе отколку во било која друга земја во светот. Сразмерно со растечките внатрешни политички проблеми, расте и одбивноста кон нив.

Притоа Ердоган се обидува да профитира од тоа, па јавно истакнува дека ЕУ е неуспешна во мигранстаката политика и зависи од Турција: „Ердоган многу добро умее да игра со стравот во Европа. Тој повеќе пати јавно изјави: Морате да ми дадете пари, инаку ќе ги отворам границите и ќе ги пуштам сите мигранти во Грција. Нему не му е грижа за мигрантите, тој ги користи за своите агресивни интереси“, вели Дуран.

Напади врз човековите права и правната држава

Бегум Башдаш предава на Hertie School of Governance во Берлин и спроведува истражувања за миграции. Таа со години ја критикува одлуката на ЕУ да ја признае Турција за безбедна земја:

„Ситуацијата со човековите права во Турција станува сѐ полоша, како за граѓаните, така и за мигрантите и бегалците“, вели Башдаш за Дојче веле. „Нападите врз човековите права и правната држава посебно се евидентни во огромните ограничувања на  слободата на изразување  и собирање.“

Јавна критика на власта доведува до произволни апсења и измислени кривични пријави без пристап до праведен, независен правосуден систем.

Бегалците во Турција  се несигурни од други причини: „Барателите на азил кои не доаѓаат од земји членки на Советот на Европа, поради географски ограничувања на Женевската конвенција, немаат полна меѓународна заштита“, објаснува Башдаш.

„Многу Авганистанци не се регистрирани, што негативно се одразува на легален пристап, посебно при вработување. Организациите за човекови права исто така известуваат дека Турција депортира Авганистанци и Сиријци, иако животот им е во опасност во татковината“, вели Башдаш.

Таа смета дека неуспехот на ЕУ во миграциската политика сѐ повеќе води кон антидемократски и ксенофобични ставови во Турција. „Политичките лидери подгреваат непријателство кон мигрантите и бегалците, кои не само што живеат во страв од депортација, туку и од напади во секојдневието“, вели Башдаш.

Таа предупредува и на последици по самата ЕУ, ако Брисел продолжи да затвора очи пред кршење на човековите права: „Ова доведува до раскин со основните принципи на ЕУ и таму ги јакне екстремно десничарските дискурси.“