1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тунис - мајка на арапската бунтовност

Лоуеј Падхун / предвод: ЕМФ23 декември 2014

Изборот на политичкиот ветеран Есебси за прв демокртаски избран претседател на Тунис е важен чекор на патот кон етаблирање вистинска арапска демократија, оценува Лоуеј Мадхун.

https://p.dw.com/p/1E91G
Фотографија: DW/K. Mabrouka

Нема сомневање - изборот на поранешниот премиер Беџи Каид Есебси за прв демократски избран претседател во историјата на Тунис е историски настан, не само за малата земја во средината на северна Африка, туку и за сите арапски држави во пресврт. И тоа повеќезначно, зашто овие успешни и вчудовидувачки мирни избори обележуваат завршување на тешкиот демократски преоден процес во „мајката на арапското бунтовништво“.

Истовремено, тие ја потврдуваат предводничката улога што Тунис автоматски ја доби во регионот, кој е пронижан со постреволуционерен хаос, слаби државни структури и реформски блокади од страна на неспособните и авторитарни владејачки елити.

Кој мислеше дека на Тунис ќе му биде толку тешко?

Притоа, не се претпоставуваше дека преминот од долгата диктатура на Бен Али во демократска иднина ќе биде толку тежок. Тунис всушност од сите постреволуционерни арапски држави има најдобри предуслови за успешен пат во насока на демократија и правна држава. Земјата има релативно силно цивилно општество, самоуверено женско движење, добри општествени инстанци за посредување, како синдикатот УГТТ, релативно добар образовен систем и управа која функционира добро. Исто така, армијата досега речиси и не се појавуваше во улога на политички фактор.

Освен тоа, пресвртот по заминувањето на Бен Али почна многу ветувачки и со јасен редослед. По, во досегашната историја, првите демократски избори на Собрание кое требаше да го донесе Уставот во октомври 2011 година, победниците изненадувачки бргу се согласија околу составувањето коалициона влада и околу поделбата на најважните функции во државата.

Египет - застрашувачки пример

Но од октомври 2012-та почна стагнација на процесот на трансформација. На Уставот, кој требаше да биде веќе донесен, Тунижаните чекаа попусто. Општествената и политичката поларизација се заоструваа, особено по ладнокрвното убиство на опозициониот политичар Шокри Белаид.

Deutsche Welle Kultur Hintergrund Qantara Loay Mudhoon
Лоуеј МадхунФотографија: DW

Но драматичните настани во Египет на постреволуционерните елити во Тунис впечатливо им покажаа каде може да водат екстремната поларизација и вкопувањето во идеолошки фронтови. Таму египетската армија во јули 2013. по повеќедневни демонстрации го симна од власт демократски избраниот исламистички претседател Мохамед Мурси и ја збрани организацијата мајка на политичкиот ислам - Муслиманското братство. Следуваше речиси комплетна реставрација на стариот режим на Мубарак. Оттогаш земјата ја потресуваат редовно терористички напади, економската и политичката криза се заострува, а на земјата и‘ се заканува парализа.

Поуки од грешките на Муслиманско братство

Не беше само по себе разбирливо да се очекува дека тешкото наследство на диктатурата ќе може да се надмине без жестока, внатрешно општествена конфронтација. Но од одлучувачко значење беше начинот со кој Тунежаните се конфронтираа околу новото сфаќање на државата и општествениот модел.

Исламистичкото движење Енада учеше од грешките на далечното од реалноста Муслиманско братство во Египет и се одлучи за вистински, национален дијалог. Тоа во процесот на носење на Уставот се однесуваше прагматично и се откажа од исламски рефренци во него.

Така сите политички сили можеа да се усогласат околу најнапредниот Устав на Средниот Исток, кој гарантира рамотежа меѓу секуларните и религиозно ориентираните граѓани.

Изборите успеаја, сега Есебси мора да работи

Поранешниот премиер и нов претседател Беџи Каид Есебси и неговото секуларно-националистичко движење сега се соочени со големи задачи. Не само што е потребна стабилизација на безбедносната состојба во земјата и спроведување темелни реформи во безбедносниот сектор, туку треба да се поттикне и економијата, која од падот на диктатурата е на дно.

За тоа да успее Есебси, кој во кампањата се потпираше на мрежите на стариот режим, мора ефективно да ги сврзе за себе прагматичните исламисти, ориентирани кон решенија, пред се‘ во делот на борбата против темпираната бомба - високата невработеност. Во спротивно, постои опасност младите во Тунис да ја загубат вербата во целите и остварувањата на револуцијата и да се отцепат од новиот, тешко изборен поредок.