1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тромбоза во артериите на светската економија

Хенрик Беме
29 март 2021

Силниот ветер во Египет ја чини светската економија 10 милијарди долари. Но и покрај одблокирањето на Суецкиот канал, глобалната трговија уште долго ќе ги чувствува последиците, смета Хенрик Беме

https://p.dw.com/p/3rLd8
Ägypten Suezkanal Containerschiff Ever Given
Фотографија: Mahmoud Khaled/Getty Images

Сепак се помрдна! По повеќедневна мака, џиновскиот брод натоварен со контејнери и заглавен во Суецкиот канал, делумно е ослободен. Тоа никако не значи дека веднаш ќе се нормализира сообраќајот на важната морска улица, но за светската трговија е добра вест тоа што контејнерите нема да мора да се симнуваат еден по еден.

Блокадата секој ден чинеше еден куп пари. Осигурувачката куќа Алијанц проценува дека секоја недела во која Суецкиот канал не работи изнесува меѓу 6 и 10 милијарди долари. Бидејќи, низ тие 193 километри меѓу Црвеното и Средоземното море поминува дури 13 отсто од светската стока. Тоа е најкусиот трговски пат меѓу Азија и Европа.

Претходните денови покажаа дека во прашање се иглени уши, а истото важи и за Хормушкиот мореуз во Персискиот залив или за Малајскиот мореуз на Далечниот исток. Некогаш е доволна песочна бура или невнимателен капетан, за да се затнат артериите на светската економија.

Во Суецкиот канал стојат 400 брода со товар вреден 10 милијарди долари. Не можат ни напред ни назад. Превозниците се наоѓаат пред неблагодарен избор - да чекаат или да тргнат околу Р'тот на добра надеж, што би траело значително подолго.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Во пристаништата, исто така, имаат проблеми. Таму дневната рутина е испланирана во секунда, а наскоро задоцнетите бродови ќе пристигаат со забрзано темпо. Волшебната синтагма на логистиката е „just in time" (токму на време). Така и производителите на автомобили ќе добиваат делови баш тогаш кога ќе им требаат, тоа штеди пари и време кое се троши на складирање. Така отприлика функционира и светската економија.

Повеќе:

-Фотографија на денот: Ослободен бродот „Евер Гивен“ во Суецкиот канал

-Блокираниот Суецки канал и светската економија

-Суецкиот канал - машина за пари

Но, веќе пандемијата ни покажа колку е разнишана контрукцијата. Кога сѐ се прави кнап, ланците на испорачателот лесно можат да се скинат.

На почетокот на пандемијата, кога Кина ги затвори фабриките и го стави животот на пауза, контејнерите престанаа да пристигаат, недостасуваа важни делови за сѐ живо. Потоа Европа застана, па на пример производителите на автомобили порачуваа помалку електрични компоненти. Кинезите во меѓувреме почнаа да работат и се префрлија на производство на поинакви чипови и полупроводници. А кога Европа почна да работи, повторно им недостигаа кинески чипови.

China Qingdao | Containerhafen
Фотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/SIPA Asia/Y. Fangping

Загубата е видлива. На пример, Фолксваген само поради тоа склопил 100.000 автомобили помалку отколку што било планирано. Неодамна изгоре и фабриката за чипови во Јапонија од која Волфсбург нарачува, така застојот во производството ќе продолжи. Велосипедите станаа за време на епидемијата барана стока во Германија. Едноставно, нема доволно контејнери да се испорача она што е потребно од Азија. Малку има и патнички авиони, а во нив инаку се достава и малку стока.Сѐ на сѐ, според проценката на Алијанц, само проблемите во логистиката ќе ја чинат светската економија 1,4 отсто раст. Тоа се 230 милијарди долари.

Оваа криза никако не е крај на глобализацијата, колку некои и да се надеваат на тоа. Но, нема сомнеж дека многу стопанственици сега поинаку размислуваат за логистиката, се прашуваат дали е подобро некои делови да се прават „дома“ или да се складираат за црни денови, наместо што се потпираат на тоа дека ќе стигнат преку половина свет токму на време.Блокадата во Суецкиот канал е само еден пример - идното пореметување на светската трговија е само прашање на време.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58