1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Трка со времето во Мексико: „Ја помрдна раката“

Д.Дитман/ К.Пења (дпа)
21 септември 2017

Илјадници луѓе со голи раце ги расчистуваат урнатините по земјотресот во Мексико, во обид што побрзо да стигнат до преживеани. Борбата со времето е немилосрдна.

https://p.dw.com/p/2kR8A
Mexiko Erdbeben Mexiko Stadt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/G.M. Contreras

Спасувачите со голи раце поместуваат камен по камен. Претпазливо, за купиштата од тули, бетон и челик да не се поместуваат и натаму. Борбата со времето е тешка. Едно од кучињата трагачи открива девојче под урнатините. „Ја помрдна раката“, вика еден од пожарникарите. Спасувачите добиваат нова надеж и продолжуваат да пребаруваат.

Училиштето „Енрике Ребсамен“ на југот од Мексико Сити стана симбол за страдањето кое со себе го донесе тешкиот земјотрес во вторникот. „Страшно е, особено затоа што се работи за деца“, вели Гилберто Базан, кој го преживеал потресот. 

Да се стигне до децата што побрзо

Хоророт ги зближи луѓето. Илјадници доброволци се собираат пред разурнатите објекти и го отстрануваат градежниот отпад за да помогнат во потрагата по преживеани. На местата за собирање донации се носат вода за пиење, конзерви со храна, облека и ќебиња. „Солидарноста е неверојатна, сите сакаат да помогнат“, вели младиот Емилијано Роблес, кој со своите пријатели од квартот организира камиони, џипови и мотоцикли за транспорт на помошта и на отстранетиот отпад.

Насекаде во градот може да се видат млади луѓе со елеци, шлемови и алат. Не секаде има работа за нив, зашто спасувањето на затрупаните е работа за професионалците од противпожарните служби и луѓето од цивилната заштита. Сепак, Роблес е уверен дека е „неопходен секој кој сака да помогне“.

Mexiko Erdbeben in Mexiko Stadt
Спасувачите со кренати тупаници бараат тишина за да слушнат евенуални повици за помош од под урнатинитеФотографија: picture-alliance/Zumapress/D. De La Paz

На купиштата урнатини спасувачите постојано ги креваат своите тупаници кон небото. Тоа е знак да се биде тивок, за да може да се слушнат повиците или тропањето на луѓето под урнатините.

„Горд сум на нашето соседство“, вели Абел Росас, кој учествува во работите на расчистување и спасување кај училиштето „Енрике Ребсамен“. „Први кои притрчаа на помош беа младите луѓе, студентите, соседите.“