1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета Опција Еднина.

5 септември 2019

Клучната причина за закоравеноста на доминацијата на нашиот двопартиски систем е што ние никогаш не сме имале ниту користеле европски модел на однос кон партиите. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3P4mb
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Како што налага традицијата, не е предизборие ако не почне да се разглаба за потребата од формирање на трети партии како контратежа на постоечките партии на естаблишментот, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Парадоксално, таа тема е редовно актуелна кај неопределените по партиска линија, но загрижени по општествена и политичка свест и совест за состојбите кај нас. Подеднакво како што е актуелна и кај самите големи партии. Кои во формулата на трета опција редовно согледуваат начин за приграбување на дел од неопределените под закрила на вештачки конструкти за еднократна употреба. И двете партии имаат обемни истории на измислување лажни трети опции. Почнувајќи од коширања на партиички со ВМРО предзнак, социјалдемократски партии, квази либерал-демократски експозитури, па се до најголемата измама на политиката – Шарената револуција. Не треба премногу напор за и денес и овде да ги насетиме и детектираме веќе засилените обиди за репризи на таквите обиди за манипулирање со јавноста и нејзината желба и потреба да имаат опција надвор од координираниот монопол на СДСМ и ВМРО.

Зошто нѐ одминува европскиот тренд?

Речиси загарантираната невозможност за формирање на трети, вонсистемски партии надвор од орбитата на естаблишмент-партиите е дополнително интригантна во светло на сеопштиот европски тренд на подем на вонсистемски движења и партии. Почнете од Грција и Сириза, Германија и АфД, Британија и Брегзит-партија, Италија и Чикнве Стеле, Косово и Ветвендосје, подемот на трети партии одамна не е веќе новотарија, туку тренд на современост. Дури во мерка што појавата и подемот на трети партии станува доказ не само за изнемоштеноста на класичните партии туку и репер за степенот на  демократичноста на една земја и храброста на општеството да прифати драматични промени. Зошто, тогаш, тој европски тренд не одминува и не фаќа корен кај нас?

Клучната причина за закоравеноста на доминацијата на нашиот двопартиски систем е што ние никогаш не сме имале ниту користеле европски модел на однос кон партиите. Туку наместо него е наметнат американскиот црно-бел формат, диктиран од доминацијата на американската амбасада, УСАИД, ИРИ и НДИ. Во тој приод, американските дипломати, организации и претставници од самиот зачеток на независноста кај нас препознаваа идеален терен за цинично пресликување на нивната реалност на либерали и конзервативци (комунисти и националисти), на расни односи (Македонци и Албанци), на старт-ап бизнисмени и snowlakes (гангстери и интелектуалци) итн. Таа банална црно-бела поделба на улогите без спремност за толерирање на нијанси, со тек на времето ќе се префрли и врз медиумите, невладините, Академијата и на крај севкупното општество. Превземајќи ја американската матрица на див капитализам, корумпирани медиуми, пропартиски невладини и компромитирана Академија. Сѐ во служба на давање слатко-одвратен приказ за идиличноста на состојбите или горко-згадена слика за катастрофичноста на ситуацијата.

Гласачкото ливче веќе не е ексклузивна сопственост на гласачот

Впрочем и затоа, не е за изненадување што токму во САД популарноста на идејата за формирање трети партии како контратежа на Републиканците и Демократите е во постојан подем. Последната анкета на Галуп укажува дека 57% од Американците посакуваат трета партија, и тоа е тренд кој доминира подолго од една декада. Зошто тогаш, при таква поддршка, Американците не успеваат да формираат трета партија? Причината, според Мика Сифри, е во тоа што гласачкото ливче веќе не е ексклузивна сопственост на гласачот, туку е сопственост на законодавните тела доминирани од двете партии. Втората причина е совршено изградената финансова и медиумска барикада околу двете партии која не дозволува никаква загроза, камо ли пробив вон зацртаните, строго одбележани линии на поделба. И на крај, третата причина, форсирање лажна идеолошка поделба со цел да се спречи појавување на нови форми на претставништво кои би ја загрозиле системската урамниловка. Со посебен фокус на афро-американски, латино или бело-супремацистички политички претставништва. За волја на вистината, таквата поставеност навистина допринела за цементирање на озаконета дискриминација, но и за диктирање на умереност на двете доминантни политички партии. До појавата на Трамп и подемот на просоциалистичките идеи во либералното крило на Демократите.

Состојбата во Европа, барем оној дел со подолга полит-партиска традиција од САД, укажува на поинакви трендови, поголема толеранција и пореална можност за создавање на вон-системски движења. Настрана овдешната фингирана, комунистичка мантра дека етничките партии се неспоиви со демократијата, искуствата во Шкотска, Белгија, Шведска, Шпанија го докажуваат спротивното. И токму тоа искуство на толерирање, прифаќање и инкорпорирање на етно-религиозната засебност создаваат можност за демонстрирање и формирање на неетнички и нерелигиозни форми на организирање и предизвикување на застарениот естаблишмент. И повторно, за волја на вистината, таквата поставеност дозволува и охрабрува нови форми на политичко здружување, но за жал и создавање на нови линии на конфликт во општеството. Како што е случајот со АфД, Националниот Фронт или Шведските Демократи.

Семето на демагогијата

Според наведеното, кај нас е оневозможено и речиси невозможно формирањето на нови, трето-партиски движења? Па, не би рекол дека е тоа сосема така. Давањето на таква оценка ја изумува состојбата во албанскиот кампус, во кој во последните три децении се формираа три вонсистемски владејачки партии (ПДП, ДПА, ДУИ), вклучително и сегашните Алијанса на Села и Беса на Касами како партии со реална политичка тежина. Додајте го на тоа и значајниот придонес на Албанците кон Шарената револуција и релативниот број гласови дадени за СДСМ во 2016 година, и имате сосема поинаква слика и прилика за духовната и практичната отвореноста на Албанците кон нови партии и нови форми на изразување на поддршка или незадоволство. Во и вон рамките на етничката претставителност. И по таа линија, Албанците се природно (дури и ако не сосема доброволно) понаклонети кон европскиот модел на политичко организирање, и со тоа поприемчливи за поинакви, не секогаш строго етнички определени форми на претставување.

За жал, искуството со Шарената, манипулациите на Заев со граѓанскиот концепт и пред се оптовареноста на американската амбасада во пресликување на нивниот – веќе компромитиран – модел на про-форма граѓански а во суштина расно доминациски базиран модел на партиско организирање, ја има закочено и оневозможено спонтаноста во формирање на нови партии во воспоставените шеми на делување. Обидите на американските претставници, поддржани од дел од европските продесничарски дипломати во земјата, за окрупнување на СДСМ преку рушење на ДУИ не само што не вродуваат со слабеење на ДУИ, туку ја имаат долгорочно компромитирано самата идеја на граѓанскиот концепт. Но токму таквиот однос на американската дипломатија (инаку, конципирана од една балкански „прочуена” американска професорка со изразено просрпски ставови и блиска пријателка на еден од соработниците на Заев и Верушевски) ја подвлекува духовната, морална, политичка истрошеност на СДСМ. Која според Американците, треба да се компензира преку вештачко ботокс пумпање со албански и немакедонски гласови. Без притоа да има битни промени во начинот на дејствување, логицирање или водење на политиката. Вократко, во таа исчашена логика на форсирање на СДСМ како фингирана проекција на „умереност” карши „националистичката” ВМРО, тлее истото семе на демагогијата кое денес ја разјадува не само Демократската партија, туку и самата Америка.

Други колумни од авторот: 

Катица за сѐ, Катици за ништо.

Плитки влади во Длабока Држава

Есен стигна, дуњи мои

Алките кои недостасуваат во „Рекет“

Повиците за формирање трети партии ќе продолжат и понатаму. Оптеретени од новиот тренд на индивидуалистички интерпретирање на мотивите и носителите на таквите иницијативи. За разлика од претходните примери кои се базираа врз народни (1992-95), етнички (1996 – 20010), идеолошки (2001- 2010) клановски (2010 – 2019) обединувачки повици. Претставништвото денес добива нов лик, индивидуален имиџ на чествување поради заслуги и презир поради нечесност. Партиите сакаат да присвојат од првите, за да во нивна сенка ги протнат вторите. Понекогаш директно, понекогаш одоколу, преку сезонски партии за една изборна употреба. Дали тоа подразбира дека формирањето трети партии е веќе невозможна авантура, резервирана само за некадарни и идеалисти? Секако не. За жал.

Велам за жал, бидејќи манипулацијата со граѓанскиот концепт од страна на СДСМ, САД и ЕУ ја подри иницијативата за создавање на нов политички дух на интегрирана различност и форсираше профитерска формална етничка, идеолошка, граѓанска клиентелистичка корпоративност. Напорите за коригирање на таквата миопичност преку нудење на нов Заев во форма на Пендаровски како нова проектирана оска на заедништво уште повеќе ќе ја разголи корпоративноста на замислата и бесмисленоста на издишаниот дух.

Искуствата од САД со Трамп и Европа со Орбан, Фараж, Ле Пен укажуваат дека појавата на нови, трети ликови во политиката е не само возможен, туку и неизбежен нус-продукт на логиката на клиентелизмот и коцкарската Rien Ne Vas Plus формула за блокирање на сите претходни автентично либерални и вон-системско прогресивни обиди, ликови и форми на организирање. Сцената за појава на таков лик кај нас е веќе поставена. Се чека само актерот. Неговото име? Ќе го препознаете по стравот од СДСМ, ВМРО и ДУИ.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач