1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп му даде отказ на министерот за правда

Јан Беше
8 ноември 2018

Односите меѓу американскиот претседател и неговиот министер за правда Џеф Сешн веќе подолго време беа нарушени. Доналд Трамп сега ја активираше следната политичка криза.

https://p.dw.com/p/37s0c
USA: Jeff Sessions wurde entlassen
Фотографија: Reuters/J. Ernst

Почекај да поминат изборите – веројатно тоа го советувале политичките соработници американскиот претседател Доналд Трамп. Тој веќе подолго време не беше задоволен од неговиот министер за правда Џон Сешн. Само неколку часа по изборите Трамп побара оставка од министерот. Со ова во Вашингтон повторно се отвори темата која уште од почетокот висеше како темен облак врз претседателствувањето на Трамп. Истраги, како онаа дека Русија е вмешана во  предизборната кампања на САД,  за Трамп веќе подолго време се товар, бидејќи се работи за неговиот изборен тим. На неговата прес конференција по изборите Трамп во однос на истрагата изјави:

„Можев да ја прекинам во секоа време ако сакав. Но, не го сторив тоа. Не постојат тајни заговори. Зад сето ова стојат хакери, за кои јас не знам ништо, луѓе со даночни проблеми, кои со години се кријат зад други луѓе од кои земале кредити и кои немаат ништо со изборната кампања. Во истрагата за која се потрошени многу милиони долари, наводно се работи за тајни преговори, но нема ништо од тоа. Мислам дека истрагата ѝ штети на нашата земја и е вистински срам."

Бидејќи Сешн во изборната кампања имал контакти со Русија, тој се иззеде од истрагата и надзорот му го предаде на својот заменик. Со тоа тој си го навлече гневот на Трамп. Конзервативниот новинар и поддржувач на Трамп, Шон Ханити рече:

„Ова не беше вистинската работа во вистинско време. Сешн е добар човек, и чесно и служеше на земјата. Но за жал не беше вклучен во една од најважните теми во Министерството за правда."

USA Jeff Sessions, Justizminister
Прашање е што ќе значи сега смената на министерот за правдаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Walsh

Клучното прашање сега гласи: дали Сешн мораше да си замине, а изборите во Конгресот да се искористат за полесна смена во кабинетот? Или мораше да си замине како дел од планот да се запре истрагата на специјалниот обвинител Милер? Постојат индикации за тоа: Трамп како наследник на Сешн не го назначи неговиот заменик, туку шефот на кабинет, Метју Витакер. Тој пак во изминатион период гласно размислуваше за тоа како може да се запре истрагата.

Демократите веќе го вклучија алармот во Конгресот. Чак Шумер, лидерот на малцинствата во Сенатот изјави:

„Приоритет е да се заштитат Милер и неговата истрага. Доколку тој почне да ја ограничува или да ја стопира работата на Милер, тогаш тоа ќе значи уставна криза. Се надевам дека претседателот Трамп и неговите советници ќе се воздржат од такво нешто."

Заедничка работа, но и контрола

Спорот околу истрагата во врска со Русија е товар за  односите меѓу Трамп и Демократите,  кои и онака не биле никогаш добри. По изборите двете страни мора да најдат некаков заеднички пат. Демократката Ненси Пелоси која сака да стане претседател на Претставничкиот дом изјави:

„Еден демократски Конгрес мора да работи на изнаоѓање решение со кои Америка ќе се обедини. Имавме премногу поделби."

Заедничка работа, да – но и контрола. Владата на Трамп мора да биде подготвена дека Демократите ќе ја искористат можноста – истражни комисии, покана за различни прашања, па дури и за тоа како изгледа даночната пријава на Трамп. Американскиот претседател испрати јасна порака:

„Вие можете да нѐ истражувате вдолж и попреку. Тоа политички може само добро да ми дојде бидејќи јас сум подобар од вас во таа игра. Ќе дознаеме. Или ќе работиме заедно. Не може двете работи да се прават во истовреме, кога вие правите една работа, тогаш ние не може да ја правиме другата. Тоа мора да ви биде јасно."

Трамп најави дека ќе се обиде да ја искористи новата ситуација за себе. Ова се однесува особено на ситуацијата во Сенатот. Бидејќи таму за многу одлуки не е потребно само просто мнозинство туку 60 од вкупно 100 гласови. А Републиканците на Трамп немаат толку, поради што за некои теми ќе им треба поддршка и од Демократите. Планот на Трамп е да најде компромис со Демократите во Претставничкиот дом, кои ги поддржуваат Демократите во Сенатот – тогаш нема повеќе да зависи од дисидентите во сопствената партија. Можните теми се веќе јасни – можно е да има заедничка инфраструктурна програма. Потешко, но сепак неопходна е и здравствена реформа.