1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и Континенталниот Балкан

12 јули 2018

Едно е сепак сигурно – пред и по средбата во Хелсинки меѓу Трамп и Путин, Европејците ќе имаат можност да дознаат какво е чувството да се биде (не)моќен набљудувач од Балканите.

https://p.dw.com/p/31LHo
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

НАТО – некогаш и денес, прикажано низ две слики. Првата, од почетокот на 90-тите на минатиот век, сликана во Прашкиот џез клуб „Редута” за да ја овековечи џез сесијата на Бил Клинтон и Вацлав Хавел. Историски портрет на едно време во кое екс-комунистичките дисиденти гледаа надеж во западната демократија, додека пак западната демократија трчаше за низ дружба со дисидентите да ги освои срцата и мозоците на новоослободените демократи. Три децении подоцна, дисидентите или починаа или станаа објект на потсмев и презир на новата оска составена од западни дипломати и источни автократи. Како што може да се заклучи од втората слика: групен портрет на кој рамо до рамо со НАТО Ген-секот Столтенберг стои никој друг освен новата голема надеж на западната алијанса, т.е. господинот Ејуп Алими, член на Социјалдемократската унија за интеграција придружен од владиниот крем. Истиот Алими, оптужен од СЈО за уништување изборен материјал (и, наводно, со одземен пасош) ја имаше честа да ја предводи делегацијата на Заев, Шеќеринска, Димитров и Османи во седиштето на НАТО во Брисел. Слика, која ќе остане запаметена како сведоштво на времињата во кои НАТО од надеж на „сужњите” прерасна во објект на потсмев и подбивање. И потсетник за паметење секој пат кога Заев и Рада, Бујар и Димитров, Пендаровски и Рамадани ќе запнат да нѐ убедуваат дека влезот во НАТО ќе помогнел во справување со криминалот и корупцијата и  демократијата и социологијата и историјата итн.

Тоа е лошата вест. Добрата вест е што со такви советници до себе, Столтенберг нема што да се грижи дали референдумот ќе биде успешен. Толку успешен ќе биде што уште сега можеме да го прославиме како примерно изведен, без ниту еден инцидент, ниту еден уништен материјал и со тамам потребна – ем убедлива -  излезност на слободните граѓани. Референдумот е веќе готова работа, историски успех однапред кеширан во банка. Оттаму и убеденоста на советниците на Заев дека некојаси „необјавена анкетa” покажала дека кампот „за Северна Македонија” уште сега води со барем 10% разлика пред кампот „за Република Македонија”. Ако сепак запне и затреба, тука се неговите анкетари од ДУИ кои за демократија и слобода ќе средат разликата да биде и поголема.  И тоа би било сѐ што може да се каже за вчерашното историско членство во НАТО, а без притоа да зазвучам како пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ од времето на нивните историски членства во НАТО.  Но затоа, самитот на Трамп и НАТО во Брисел секако заслужува внимателен и детален осврт.

Symbolfoto Verhältnis USA EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Пародија на сојузништвото и трагедија на Европа

Како што предвидувавме, Северноатлантската алијанса не се распадна, дури ни под притисокот на Доналд Трамп. Она што не можевме да го предвидиме е дека наместо распаѓање, НАТО ќе стане пародија на сојузништвото, трагедија на Европа и колапс на мултилатералата. Таксативно наредено, прецизно вперените пацки од страна на Трамп на адреса на Германија, Франција и Велика Британија не можат да се сметаат ниту како екцесни ексцентричности на Трамп, ниту пак како предизвикани единствено од незадоволството на Вашингтон поради лежерноста на Европа кон воените буџетски трошоци. Дрскоста на Трамп не би била толку забележителна доколку не беше проследена со едвај скриениот страв на Европејците од можноста да бидат оставени сами на себе. И нивните задоцнети и преценети обиди за парирање на Вашингтон со Песко и нивни западноевропски вооружени сили кои европските даночни обврзници би ги чинеле трикратно повеќе од покачувањата од 2 или 4 посто на кои Трамп инсистира. Во таа дихотомија лежи и клучната разлика во поимањето на НАТО од двете страни на океанот. Додека земјите членки од Европа инсистираат на сојузништво на рамноправни, пораката на Трамп е дека во нив гледа ништо повеќе од сателити на САД, според моделот на Варашавскиот пакт. И дека така ќе остане сѐ додека лавовскиот дел на трошоците биде на сметка на Америка.

Трагедијата на Европејците е во тоа што понижувањето во Брисел си го приредија сами, со сосема мал удел на Трамп, кој само им укажа дека тој може да има влијание ширум Европа и нивните влади, додека пак Европа нема ниту приближно, ниту минискулно влијание врз Америка воопшто и Белата куќа посебно. Нападите врз Меркел, двосмислените пораки до Тереза Меј (via Борис Џонсон) се само дел од репертоарот на Трамп за поттикнување на имагинацијата на опонентите на железните дами од двете страни на Ла Маншот. Комфорно затскриен зад плаштот на медиумски сензационализам и дрскост, Трамп шекспировски манипулира во сивилото на „систем во лудилото” стратегија на бивање непредвилив подеднакво за сојузниците, сателитите и непријателите. Неизвесноста и напнатоста со која европскиот естаблишмент и јавност ја исчекуваа неговата одлука во Брисел е само доказ за потсвесната немоќ на естаблишментот и свеста на јавноста за зависноста на нивниот мир и благосостојба од човекот кој го мразат - токму поради зависноста од него.

Колапсот на мултилатералата, искажан низ збунетата и благо-панична реакција на Ген-секот Столтенберг е веќе видена реприза на претходните искуства со ОБСЕ; ООН, Совет на Европа и останати заглибени во статус-кво урамниловки на бирократии. Необјаснивото во оваа реалност е што настапите на Трамп не доаѓаат од небо или се изливи на емоционални незадоволства, туку се политики најавени уште пред три години, кога Трамп во својата изборна кампања не го криеше сопствениот анимозитет и презир кон мултилатералата во целост, со посебен осврт кон НАТО, ООН и ЕУ. Зачудува затоа што европските лидери таквите предупредувања ги немаат земено за сериозно навреме и да ги искористат за градење стратегија и пристап со кои би ги скротиле мотивите и понудиле опции за приближување на Трамп кон споделените интереси. За жал, реакциите пред и за време на Самитот во Брисел потврдуваат дека таква стратегија нема и со обзир на односите во ЕУ, тешко дека ќе биде изготвена во догледно време.

Претходни колумни од авторот: 

За „Албанците“ на Гордан Георгиев

Децата на 1968-ма и татковците на 2018-та
Е, сега е капитулација.

Засега (сеуште) без добaр наслов

Доградена „Доктрина на Никсон“

Гледано во ретроспектива, настапот на Трамп и неговиот однос кон НАТО и не е некоја голема новост, со исклучок на дрскоста и арогантноста во изнесувањето на ставовите. Во основа, неговиот однос може да се нарече како проширена и надградена „Доктрина на Никсон”, искажана во неговиот говор од 18 фебруари 1970 во кој потврди дека „Европа мора да биде темелник на структурата за одржлив мир”. Но притоа подвлекувајќи дека „Америка не може и нема да ја превземе врз себе сета одбрана на слободните нации на светот. Ќе помогнеме таму каде што е можна вистинска разлика и каде што ќе биде во наш интерес”. Вториот аспект на Доктрината на Никсон целеше кон барање начини за надминување на кризниот менаџмент помеѓу САД, НАТО и Русија и барање простор за превенција на кризите, т.е. премин од конфронтација кон преговори. Доктрината на Никсон и тогаш – како и денес со Трамп – предизвикуваше неверица, нелагода и страв кај европските сојузници од можниот изолационизам на Вашингтон и оставање на Европа осамена и оставена сама на себе и на милост на СССР. Стравови кои набргу ќе се докажат како неосновани во светло на раѓањето на една нова институција на дијалог помеѓу Западот и Истокот. Инситуција зародена во Хелсинки, Финска на 3. јули 1973 г. и именувана како Конференција за безбедност и соработка во Европа, подоцна позната како ОБСЕ.

Педесет и пет години подоцна, на 16. јули 2018 година во Хелсинки ќе се случи Самитот Трамп – Путин. Без оглед дали изборот на местото и месецот е случајност или смислена алузија, состанокот на двата моќници веќе отсега се смета како непријатен анекс на Самитот на НАТО на кој Европа нема да има влијание – но и тоа како може да ги осети заклучоците. Доволно за потврдување дека досегашната игранка на Европа како преведувач помеѓу САД и Русија е отфрлена од Вашингтон и Москва кои преферираат директна комуникација, без посредници – и без сведоци. Дури и доколку дел од нивните преговори се однесуваат на масивот помеѓу нив наречен Европа. Непријатна, но сепак поучна лекција дека - историски и стратегиски - во очите на двете сили Европа била и остана ништо повеќе од Континентален Балкан, троа позападно од Западниот Балкан.

G20 Gipfel in Hamburg | Putin & Trump
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb

Современи реинкарнации

Рускиот поет Висоцки е одамна починат и нема да може средбата Путин-Трамп да ја опише низ стих онака како што ја напиша поемата „Честа на шаховската круна” во чест на шаховскиот меч помеѓу Борис Спаски и (победникот) Боби Фишер во 1972 г. Штета навистина, бидејќи доколку екцентричниот Боби и дисциплинираниот Спаски беа слика и прилика на тогашните супер-сили, каков ли материјал ќе се изродеше како инспирација за поетски опис на брбливиот Трамп и ќутологот Путин. Два лика кои со својот светоназор и однос кон политиката се современи реинкарнации на западната утопија и источната дистопија, безмалку модерно романтизирани ликови од перата на Орвел и Хаксли. Од една страна Трамп како весело-палав лик создаден од незаситниот глад на западната публика за забава, разонода, секс, дроги и рокенрол, седнат спроти строгиот, студен, смирен Путин како нус-продукт на незгасливата жед на Русија да биде ставена под контрола, дисциплина, спасена од самата себе и сожалена за избраната си судбина.

Поуката од времето на Никсон потсетува дека „најбитниот фактор во одржување на НАТО е отсуството на алтернативите”. Денес, поведенијата од двете страни на Атлантикот укажуваат на взаемната желба за изнаоѓање нови алтернативи. Но желбите се едно, а можностите друго. Едно е сепак сигурно – пред и по средбата во Хелсинки, Европејците ќе имаат можност да дознаат какво е чувството да се биде нем(оќен) набљудувач од Балканите.   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач