1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп забрани инвестиции за Кина, таа со честитки за Бајден

СН/агенции
13 ноември 2020

Официјален Пекинг денеска упати честитки до новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден. Објавата следува непосредно по забраната на актуелниот претседател за американски инвестиции во кинески компании .

https://p.dw.com/p/3lECL
Rollenbilder Mann-Frau
Фотографија: Anna Moneymaker/Getty Images

Кина беше една од ретките земји, која досега не реагираше на резултатите на претседателските избори во САД и му немаше честитано на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Но денеска министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека им упатува честитки на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис, кои  победија на изборите на 3 ноември, што претседателот Доналд Трамп одбива да го прифати.

„Го почитуваме изборот на американскиот народ. Му упатуваме честитки за господинот Бајден и г-ѓа Харис “,  изјави портпаролот на министерството за надворешни работи во Пекинг,  Ванг Венбин на редовниот дневен брифинг за новинарите. .

„Ние разбираме дека резултатите од изборите во САД ќе бидат утврдени според законите и процедурите на САД “, додаде тој.  

China | Präsident Xi Jinping und Joe Biden
Фотографија: Lintao Zhang/AP Images/picture alliance

Кина, досега беше во групата земји, како Русија, Бразил и Мексико, кои не му упатија честитки на новоизбраниот претседател на САД. 

Денешната објава на официјален Пекинг доаѓа неколку часа откако актуелниот претседателот на САД, Доналд Трамп, им забрани на Американците да вложуваат во кинеските компании кои неговата влада ги обвини за поддршка на воените активности на Пекинг.

Повеќе:

-„Њујорк тајмс“: Трамп има банкарска сметка во Кина

-САД и Кина: Гаѓај надвор, собирај поени дома

-Трамп го засилува притисокот врз кинеските сопственици на ТикТок

Тој во уредбата прецизира дека оваа забрана ќе стапи на сила на 11 јануари 2021 година, 9 дена пред неговото очекувано заминување од Белата куќа и доаѓањето на неговиот наследник Џо Бајден.Американците вложувањата и останатите финансиски интереси во компаниите кои се цел на оваа одлука, мораат да ги продадат до ноември 2021 година.

Оваа одлука е дел од неодамнешната офанзива на администрацијата на Трамп за сузбивање на растечката моќ на Пекинг, кој е одлучен да се натпреварува со Вашингтон на светската сцена на речиси сите фронтови - од економија, преку војска, до политика и технологија.

PT Expo China 2020 China Telecom
Фотографија: MAXPPP/dpa/picture alliance

Трамп во уредбата тврди дека Кина „го експлоатира американскиот капитал за да овозможи развој и модернизација на своите воени активности, разузнувачките служби и другите системи на безбедност, што и' овзможува директно да им се заканува“ на САД и на американските трупи во светот.Парите на американските граѓани вложени во овие компании, пишува натаму Трамп, му овозможуваат на Пекинг да развива оружје за масовно уништување и да извршува сајбер-напади „против САД и нивниот народ“.

Јасно е дека Кина ги „експлоатира американските инвеститори за да го финансира развојот и модернизацијата на својата војска“, заклучува Трамп, кој одбива да го признае поразот на претседателските избори на 3 ноември.Компаниите кои се цел на неговата уредба се јавни и приватни во воздухопловството, поморскиот транспорт, градежништвото, комуникациите и новите технологии.Тие котираат на кинеските берзи и на Волстрит по пат на финански инструменти или подружници. Граѓаните во нив улагаат по пат на заеднички фондови кои обединуваат заштеди на многу инвеститори, и нудат управување со портфолиа.