Токсични гасови: Малезија затвори преку 100 училишта
14 март 2019Поради токсични гасови кои се шират од загадена река, 111 училишта се затворени во јужна Малезија. Досега вкупно преку 500 луѓе од околината на реката Ким Ким во сојузната држава Џохор мораа да побараат лекарска помош. Девет лица се наоѓаат во единиците за интензивна нега. Многу од погодените луѓе се жалат на респираторни проблеми и гадење, а некои од нив и се онесвестиле.
Од каде доаѓа отпадот, засега не е познато. Сомнежот е насочен кон операторот на една индустриска постројка во која се преработуваат автомобилски гуми. Се верува дека испарувањата доаѓаат од токсичниот отпад кој е фрлен во реката. Пред неколку дена беа уапсени тројца мажи кои фрлале отровен отпад во реката Ким Ким. Доколку бидат осудени им се заканува казна затвор до пет години.