1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ти благодариме Груевски што не‘ обедини!“

Катерина Блажевска17 мај 2015

Суверенитотот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Од денес суверенитетот е во во наши раце и веќе никогаш нема да го испуштиме, порачаа говорниците на протестот.

https://p.dw.com/p/1FR3j
Фотографија: DW/B. Georgievski

Со коктел од музика и барања за оставка од Владата, во жива атмосфера продолжува антивладиниот протест во Скопје. Бројот на учесници постојано се зголемува, а блокираниот простор пред Владата е претсен да ги собере сите што сакаат да дојдат поблизу до бината, од каде што се упатуваат главните пораки до власта.

Пред присутните попладнето се обрати и Никола Димитров, поранешен министер, амбасадор и преговарач за името.

„Денеска имаме средба со историјата. Изборот е или оваа власт - или Македонија. Благодарам Никола Груевски што не‘ обедини. Така обединети сега бараме одговорност. Преважен е овој момент за да размислуваме за партии. Треба да размислуваме за идеја и за цел. Нема партии во судството, нема партии во администрацијата, нема партии во бизнисот. Време е за револуција на совеста“, порача Димитров. #links

„Никола Груевски, дали гледаш колку луѓе не те сакаат?“ - праша директорот на Фондацијата Институт отворено општество, Владимир Милчин.

„Дојдовме презаситени од стравот и гладни за слобода. Дојдовме да ја ослободиме слободата. Дојдовме да го устоличиме правото и да си ја ослободиме државата киднапирана од мафијата. Дојдовме да побараме оставка од кликата за која овие граѓани се 'човечиња'“, рече тој и нагласи дека е потребна оставка од раководството на МРТВ и од јавниот обвинител.

Новинарот Петрит Сарачини изрази задоволството што ги гледа сплотени на протест граѓаните од сите етнички заедници.

„Суверенитотот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Суверенот на оваа држава, царот сме ние, а не оваа Влада со која девет години не можевме да се разбереме за ниедно наше барање. Суверенитетот од денес е во наши раце и веќе никогаш нема да го испуштиме“, пореча Сарачини. Потоа новинарскиот бенд „Рипортерс“ чиј член е и Сарачини, ја изведе нивната позната нумера „Слобода“. Настапот го посветија на починатиот новинар Никола Младенов.

Предвидено е да се обратат и други говорници, а меѓу последните пред присутните ќе се обратат поранешниот бугарски премиер Сергеј Станишев и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема