1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешко е да се стане Словачка

9 март 2019

Регионалната треска околу фабриката на „Фолксваген“ илустрира колку време изгубија Србија и Македонија заглавени во своите истории, митови и предрасуди. И во колкаво европско заостанување се наоѓа целиот регион.

https://p.dw.com/p/3Eha6
Bildergalerie Volkswagen Slovakei
Фотографија: picture-alliance/dpa

Треската што одненадеж го зафати Балканот по ноемвриската најава на германскиот автомобилски гигант „Фолксаваген“ дека има намера некаде во „источна Европа“ да отвори погон каде би се произведувале повеќе модели, на најдобар можен начин (па дури и најколоритен) покажа во какво европско заостанување се наоѓа целиот регион. Србија, Македонија, Бугарија во оваа најава за инвестиција од 1,4 милијарди евра наеднаш видоа како златното руно доаѓа кон нив. Или како ќе пристигне некоја неочекувана самовила и ќе внесе светкав живот во нивните истрошени и намачени општества. Отворањето на погоните во кои треба да се вработат 5.000 луѓе, кои ќе произведуваат 300.000 возила годишно од моделите „фолксваген“, „шкода“ и „сеат“, за политичарите би бил своевиден дар од (германските) богови за исправноста на нивните политики, за визионерството – едноставно, за нивната незаменливост.

Онаму каде што власта доминира во целокупниот општествен живот и ги има под контрола клучните медиуми, како во Србија, најавата на „Фолксваген“ беше претставена речиси како триумф достоен на победа на Римјаните. Дојче веле од својот белградски дописник објави дека „белградскиот печат веќе подготви ‘ексклузивно’ наслови, со кои се најавува ‘мегафабрика’, ‘стопански земјотрес’, ‘чудовишни теренци’ кои ќе се произведуваат во Шумадија, како и дека Србија страшно ја поразила Бугарија во оваа трка со 5:0“. За една власт, која секоја сабота брои колку луѓе излегле на протестите „1 од 5 милиони“, ваквото разгорување на фантазијата е најубав мелем.

Во Бугарија е слична ситуација. Таму медиумите веќе ги одредија двете можни локации – едната кај Софија, другата кај Пловдив. На јавноста ѝ се сервира ставот дека е сосема природно одлуката на германскиот гигант да падне на Бугарија – земјата е членка на Европската Унија, ситуацијата е мирна, а „економските односи се чудесни“.

Македонската јавност за момент се фати на јадецот поверувајќи дека навистина може да дојде германскиот спас. Македонија во трката има најмалку компаративни предности, но фантазијата не е поврзана со тие факти. Откако под влијание на српските таблоиди и провладини телевизии беше објавено дека „Фолксваген“ речиси ја донесол одлуката во корист на Белград, овдешната опозиција побрза да го фати другиот крај на српскиот стап и да ја обвини Владата дека не била способна да ја донесе инвестицијата од 1,4 милијарди евра. Како да е тоа иста работа со отворањето на фабриката за балетанки во Демир Хисар. Вицепремиерот Кочо Анѓушев се обиде да им даде реална мерка на настаните, нарекувајќи ги шпекулации сите вести поврзани со можното инвестирање на „Фолксваген“ во Македонија. Но тоа не оди така лесно, особено во изборна кампања, па дури и кога управата на компанијата молчи кој би можел да биде „среќниот добитник“. Сегашните најави се дека одлуката веројатно ќе биде донесена кон крајот на април.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Словачка е помоќна од целиот Западен Балкан

Иако поголемиот дел од јавноста малку знае, но овој случај на извонреден начин покажува дека секоја од овие три земји би сакала да стане Словачка. Да, Словачка. На која пред 30, па и пред 20 години сакавме да ѝ се потсмеваме. Која за нас беше неразвиениот дел од чехословачката федерација, а сега е колос на автомобилската индустрија во Европа.

Кога лани на самитот на Европска Унија – Западен Балкан во Софија бугарскиот премиер Бојко Борисов сакаше да ги убеди лидерите на ЕУ дека регионот треба да биде приклучен кон европската архитектура и го кажа ова: Како можат шесте земји од регионот да ја заплашуваат ЕУ кога имаат само 17,7 милиони жители, кои се помалку од граѓаните на Романија, а нивниот заеднички БДП е помал од општествениот производ на Словачка? Веројатно многумина овде се запрашаа како може една земја како Словачка со 5,5 милиони жители да биде економски помоќна од сите шест земји заедно. Може. Погледнете ги бројките. Според податоците на Светска банка за БДП за 2017 година Словачка имала општествен производ од 96 милијарди долари. Бројките на шесте земји од регионот се вакви: Србија 39 милијарди, Македонија 11,3, Косово 6,9, Албанија 12,9, Црна Гора 4,5 и Босна и Херцеговина 17,3 милијарди долари. Сите заедно 91,9 милијарди долари.

И покрај овие факти постојат уште многу луѓе кои имаат предрасуди или стереотипи кон малата земја. Па дури и кога ќе го почитаат запрепастувачкиот факт дека Словачка во 2016 година произведе 1.040.000 автомобили во трите капацитети на големите компании „Фолксваген“, „Пежо Ситроен“ и „Киа моторс“. Словачка сега го држи врвот на светскиот просек во производство на автомобили по глава на жител.

Како стигна Словачка до оваа точка. Трансформацијата од комунистичка и централно контролирана економија во пазарна економија беше драматична. Првите потези на таа трансформација се случија уште кога постоеше Чехословачка. Приватизацијата беше брза и груба, со ваучери, поради тоа што сите компании беа во државна сопственост. Клучот за ова беше во политичката парадигма – доколку не се обезбеди брза трансформација на сопствеништвото комунистичките партии или нивните наследници ќе имаат голема економска моќ, а тогаш тоа лесно ќе го трансферираат во политичка моќ. Оваа брза приватизација беше на моменти гротескна, па и криминална. Словачките економисти велат оти е неможно да се замисли дека една приватизација може да биде праведна, но дека клучна беше политичката цел – во тоа време не беше важен квалитетот на процесите, туку брзината со којашто тие треба да бидат завршени.

Уште за време на вековното владеење на Австро-Унгарија со тие простори Чешка беше место за квалитетни и нови индустрии, а така продолжи меѓу двете светски војни и подоцна за време на социјализмот. Во Словачка главно беа стационирани тешките загадувачки капацитети, како и воената индустрија, плус големите пространства за земјоделско производство. Едноставно, Словачка беше во полоша економска ситуација од нејзините дотогашни федерални браќа – Чесите. Словачка влезе во независноста под автократската влада на Владимир Мечијар и за неа вистинскиот економски пресврт се случи по неговиот пад во 1998 година, кога на чело на владата дојде коалицијата предводена од Микулаш Ѕуринда.

Slowakei VW Produktion
Словачка го држи врвот на светскиот просек во производство на автомобили по глава на жителФотографија: Getty Images/S. Gallup

И државната помош е мотор

Најважниот мотор во словачката економија е автомобилската индустрија. На почетокот од 2000-те владата на Ѕуринда реши да го освои просторот кој изгледаше неосвоив – да ги донесе големите произведувачи на автомобили во Словачка. Со погодностите што им беа понудени и со правната сигурност таа привлече три големи производители. Во погоните на „Фолксваген“ во Братислава се произведуваат луксузните модели на џипови „фолксваген туарег“, „ауди Q7“ и „порше каен“. Од производните ленти на на фабриката на „Пежо Ситроен“ во Трнава излегуваат моделите „пежо 207“, „ситроен Ц3 пикасо“ и „пежо 208“; а во халите на „Киа“ во Жилина се произведуваат „киа сид“ и „спортаж од третата генерација“. Автомобилската индустрија гради 13 проценти од домашниот БДП и 35 отсто од вкупниот извоз. Таа директно или индиректно вработува 300.000 луѓе. Од овие фабрики излегуваат 13 отсто од сите автомобили произведени во Европската унија. Тоа се огромни бројки за една мала држава.

Други колумни од авторот:

Амбициите на Гордана Силјановска Давкова

„Поголема ќе биде“

Лани во јуни најголемата британска компанија за производство на автомобили „Јагуар лендровер“ објави дека префрла еден од своите капацитети во Словачка. Инвестицијата во градот Нитра е вредна 1,4 милијарди евра, во словачките погони, каде ќе се вработат 3.000 луѓе, ќе се произведуваат 150.000 возила годишно од изменетиот „лендровер дефендер“. За да се доведе британската компанија во Нитра, словачката влада понуди државна помош. Вакви постапки не се ништо туѓо и во земјите на ЕУ. Словачката државна помош за „Јагуар лендровер“ изнесува 125 милиони евра, околу девет отсто од вкупната инвестиција. Кога си членка на ЕУ, таа помош треба да добие дозвола и од европските институции. Така, Европската комисија лани во октомври ја одобри оваа државна помош за британската компанија. Одобрението на Брисел дојде по сеопфатна истрага, во која беше заклучено дека ваквата државна помош е дури и неопходна, затоа што со неа се поддржува економскиот развој и вработувањето на помалку развиените региони на ЕУ и ја засилува регионалната кохезија на единствениот пазар. И дека со изградбата на неопходната инфраструктурата од страна на државата ќе нема корист само „Јагуар лендровер“, туку и другите компании таму, како и целиот регион. Европската комисија оцени и дека продажбата на земјиштето со големина од 185 хектари од државата на „Јагуар лендровер“ било направено според пазарна цена.

Кога ќе дојде уште една моќна компанија во земја каде што веќе се произведуваат толку многу автомобили можеби и не изгледа како некоја голема вест. А сепак е голема. Словачка се бореше со авторитаризмот на Мечијар 7-8 години. Кога се ослободи од него, покажа дека знае да прави одважни чекори. Словачка е пример како една мала држава, речиси потценувана при падот на железната завеса, може да постигне успех. Таа не е без проблеми, корупцијата го разјадува и нејзиното ткиво, организираниот криминал е вмрежен на различни нивоа (случајот со убиениот новинар Јан Куцијак и големите демонстрации потоа низ словачките градови доведоа до оставка на левичарскиот премиер Роберт Фицо), граѓаните се незадоволни поради големите социјални разлики, незадоволството се шири, но генералната слика покажува успех.

Токму затоа оваа регионална треска околу фабриката на „Фолксваген“ илустрира колку време изгубија Србија и Македонија во годините што ги изедоа скакулци. И двете заглавени во своите истории, митови, предрасуди и незнаења. Не знаеме дали македонската влада понудила некаква државна помош за оваа можна голема инвестиција. Ако не понудила – тогаш згрешила. Затоа што ако Брисел ја одобрил помошта на словачката држава за големата инвестиција на „Јагуар лендровер“ како добар чекор за развој на заостанатите европски региони од кој ќе имаат полза сите, тогаш Македонија не би требало да се прави светец онаму каде што тоа не е неопходно. И каде што користа може да биде гигантска во однос на потрошените пари.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар