1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Техничкиот универзитет во Минхен

17 септември 2010

Техничкиот универзитет во Минхен беше меѓу првите елитни универзитети во Германија. Се студираат предмети од природно-техничките науки. Но, застапена се и економијата, медицината и факултетот за физичка култура.

https://p.dw.com/p/PERl
Техничкиот универзитет во МинхенФотографија: TU München / Albert Scharger

Кралот Лудвиг Втори од Баварија го основал денешниот Технички универзитет во Минхен во 1868 година, како Политехничко училиште. Тоа е единствениот Технички универзитет во Баварија и еден од најголемите Технички факултети во Германија.

Со традиција: технички и природни науки

На Тахничкиот универзитет во Минхен студентите може да се одлучат за еден од 130 различни студиски насоки, на 13 факултети. Понудата содржи се‘ од „Напредна наука за материјалите“ до „Економско инженерство“. Тежиштето на предметите е во областа на техничко-природните науки, но целокупниот спектар на предмети опфаќа ги природните науки и инженерството, медицината и молекуларните животни науки. Програмата е надополнета со економски науки и факултет за физичка култура. Околу 50 проценти од студентите се запишуваат на инженерски науки.

TU München Flash-Galerie
Техничкиот универзитет во МинхенФотографија: TU München / Albert Scharger

Првокласноста е повеќе од наука и истражување

Дел од иницијативата за првокласност на Техничкиот универзитет во Минхен е намерата да бидат таканаречен „Претприемачки универзитет“. Тоа меѓу другото значи дека универзитетот не сака да биде познат само по извонредните научници, туку значајна улога има и менаџментот во претпријатијата, кој нуди оптимални рамки за проучувања. Притоа на кампусот во Минхен работат со системот за менаџмент „ТУМонлајн“, со кој студентите брзо и едноставно може да се пријават за предавањата и испитите, или да испечатат некои уверенија.

Како елитен универзитет, ТУ Минхен се грижи и за „сигурна кариера“. Тие работат со ученици од средните училишта и гимназии, за да ја унапредат соработката. Од друга страна, пензионираните професори од Универзитетот, и понатаму треба да помагаат со своите совети и работа.

„ТУ 9 - Германски институти за технологија“

Заедно со уште осум други технички универзитети, ТУ Минхен е член во сојузот „ТУ 9 - Германски институти за технологија“. Во овој сојуз се обединија девет големи технички универзитети од градовите Ахен, Берлин, Брауншвајг, Дармштат, Дрезден, Хановер, Карлсруе, Минхен и Штутгарт, и заедно ги застапуваат интересите на универзитетите за технички и природни науки во Германија. Членовите на Сојузот ги признаваат и дипломите од другите Технички факултети во Германија.

Во рамките на заедничкиот проект со Државниот универзитет во Сингапур, ТУ Минхен отвори дисперзирани студии во Сингапур, на Германскиот институт за наука и технологија (ГИСТ).

Договор за двојна диплома со над 20 универзитети

Студентите на Техничкиот универзитет учат на различни места во регионот на и околу Минхен. Трите главни локации се кампусот во центарот на Минхен, новиот кампус во Гархинг и установите во Вајнштефан. Скоро 20 проценти од околу 25.000 студенти и студентки кои студираат овде, доаѓаат од странство на студии во Минхен. Тие особено се заинтересирани за договорот за двојна диплома, кој е склучен помеѓу Техничкиот универзитет и над 20 Технички универзитети во земјата и во странство. Техничкиот универзитет во Минхен има партнерски врски со над 150 универзитети низ целиот свет."

Автор: Свенја Инг/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска