1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пандемија: Тест-хаос на границата помеѓу Германија и Полска

Агњешка Хречук
26 март 2021

Германија ги заостри правилата за влез во земјата. За прекугранични патници, кои работат во Германија, ова значи часови на чекање за тест, но исто така и дополнителни трошоци и проблеми.

https://p.dw.com/p/3rDEx
Deutschland Polen l Coronavirus - Verkehrsaufkommen auf der Stadtbrücke, Slubice
Фотографија: Agnieszka Hreczuk

Мостот во Франкфурт на Одра, кој е всушност граница меѓу Германија и Полска, на почетокот на неделава - долга редица пред Центарот за тестирање (на фотографијата), која се протега сѐ до населбата на полската страна на границата. Среќа, вели Томаж, времето е убаво. Да паѓа дожд, би имале негативен резултат на тестот на коронавирусот, но сигурно би настинале, вели тој.

Томаж со неговата сестра Јоана работи во еден магацин во германскиот главен град Берлин и секојдневно патува на релацијата Берлин - Слубице. Исто како и 70.000 други луѓе во германско-полското погранично подрачје. Нивните животи се закомпликуваа откако германската влада минатата недела ја означи Полска како високоризичен регион кога станува збор за коронавирусот. Оттогаш, Полјаците кои работат во Германија мораат на граница да покажат негативен тест на коронавирусот.

Deutschland Polen l Coronavirus - Warten vor Testzentrum in Slubice
Фотографија: Agnieszka Hreczuk

Германската сојузна покраина Мекленбург Предна Померанија ја воведе оваа уредба уште во средината на март и веќе тогаш постави два центри за тестирање на (некогашните) граничните премини. Сега сојузната покраина Бранденбург би требало да го следи овој пример.

Поставените шест центри за проверка на патниците веднаш на границата требаше да го олеснат влезот во Германија. Меѓутоа, во понеделникот се отворени само 3 центри: во Франкфурт на Одра, на автопатот А12 во близина на преминот Швијецко и во Губен. Ковид-центарот за тестирање на граничниот мост во Франкфурт на Одра почна со работа во понеделникот во 7 часот наутро. Патниците кои требаа да ја поминат границата, стоеја во редица веќе во 5 часот наутро, со надеж дека навреме ќе стигнат на работа.

Кој ги сноси трошоците?

Томаж се јавил во својата фирма веднаш откако застанал во редот. „Беше јасно дека немаме ни теоретски шанси да стигнеме навреме на работа во својата смена“, вели тој. Неговиот шеф имал разбирање. Томаж не му кажал оти тоа би можело да се случува почесто во иднина. Сите кои ја поминуваат границата и патуваат во сојузните покраини Бранденбург и Саксонија мораат да се тестираат двапати неделно, а оние кои влегуваат во покраината Мекленбург Предна Померанија на секои 48 часа.

Deutschland Polen l Coronavirus - Tomasz hat Test gemacht
Томаж и неговата сестра конечно направија тест за коронавирусот Фотографија: Agnieszka Hreczuk

Во Берлин во моментов не постојат посебни прописи за прекуграничниот промет на патници, но при влезот во земјата мора да се покаже резултат од тест кој не е постар од 48 часа. „800 злоти месечно (190 евра) мора да се платат за тест, притоа никој не знае колку долго ќе се чека во редица“, вели очајно Томаж. Владата во Бранденбург најави дека таа ќе ги плати трошоците за тестовите, но досега не се обврза и службено на тоа. Затоа сите оние кои се тестираа во понеделникот мораа сами да платат 100 злоти, односно 23 евра.

„Л4“ е полски збор за боледување, кој во понеделникот често можеше да се слушне меѓу луѓето кои чекаа во редицата. Само мал број од нив веруваат дека може да се избегне тестирањето. Неколку метри подолу, на мостот има и полициска станица. Полицајците ги контролираат патниците во секој автомобил. Кој нема тест, мора да се врати назад.

Повеќе:

-Германија: Локдаунот продолжен, за Велигден дури и заострен

-Корона: Од утре рампи на дел од германските граници

-Нови правила за влез во Германија, С. Македонија во најризичната група

Некои луѓе ги паркираа автомобилите на полската страна, а потоа одеа да се тестираат. Исто како и Пјотр и Марчин, кои работат во близината на холандската граница и наредниот ден мораат да одат на работа. „Не нѐ пуштија во Германија иако имавме договор со работодавачот“, се жалат. Но, немаат друг избор освен и тие да застанат во редицата. Владее хаос и збрка. Така на тоа гледа и Серен Белман.

Тој е шеф на Канцеларијата на градската управа за соработка Франкфурт-Слубице. „Оваа ситуација претставува оптоварување за градот“, вели тој. Над 2.000 полски работници или студенти секојдневно доаѓаат во Франкфурт на Одра. Влошувањето на епидемиолошката ситуација во Полска не е изненадување, вели Белман. „Германската страна можеше подобро да се подготви. Имаше време да размисли како да ги организира тестовите за да се избегнат долгите редици и да се разјасни кој ги финансира тестовите за корона“, додава тој. Тоа не е разјаснето. „Всушност тоа е работа на државата, а не на градот, кој тука ништо не може да стори, но градот е тој кој ги сноси последиците“, вели Белман.

Ќе исчезнат ли редиците?

Томаж и неговата сестра конечно направија тест за коронавирусот откако чекаа повеќе од 5 часа во редица. По 15 минути стигна и резултатот - тестот е негативен на коронавирусот. За наредниот ден тоа значи дека двајцата сигурно и навреме ќе стигнат во Берлин. Што ќе биде потоа - никој не знае.

На почетокот на неделата владата во Бранденбург потврди дека лицата кои плаќаат придонеси за социјално осигурување во оваа покраина, можат бесплатно да се тестираат еднаш неделно, како во државните Центри за тестирање, така и кај својот работодавач - ако тој нуди такви тестови. Сите кои работат во Берлин, ќе мораат сами да ги платат трошоците за тестирање. Наскоро на границата со Бранденбург ќе се „инсталираат“ уште три центри за тестирање. Серен Белман се надева дека редиците ќе исчезнат благодарејќи на новите центри и фактот дека Полјаците, кои работат во Бранденбург, ќе можат да ги прават тестовите кај своите работодавачи. Тој се надева и оти Полјаците нема да земаат боледување. „Тоа би имало кобни последици за регионот“, вели Белман.