Терористички напад во џамија во Квебек
30 јануари 2017Претставникот на џамијата, Мохамед Јангуи извести дека напаѓачите упаднале синоќа за време на молитвата во Исламскиот културен центар во Квебек и отвориле оган во делот во кој се молат мажи. Во нападот се убиени шест луѓе, уште осум други се ранети, соопшти полицијата. Жртвите се на возраст меѓу 35 и 70 години. Во моментот на нападот во џамијата биле присутни околу 50 верници. Канадскиот премиер Џастин Трудо и премиерот на провиницијата Квебек, Филип Кујар, инцидентот го оценија за терористички чин:„ Го осудуваме овој терористички напад врз муслиманите, среде молитвен центар. Разноликоста е наша силна страна, а верската толеранција е вредност која ние Канаѓаните ја цениме“, изјави Трудо.
Според медиумски извештаи, уапсени се две осомничени лица, од кои едното полицијата успеала да го фати по потерата по него. Кај него било најдено оружје, „калашников“. „Ситуацијата е под контрола. Околината на џамијата е обезбедена, а самиот објект е евакуиран“, изјави полицискиот портпарол Дејвид Поитрас по масивната акција на полициските сили.
Мотивот за нападот и натаму е нејасен. Очевидец за радио Канада изјави дека двајца маскирани луѓе влетале во џамијата, пукајќи врз верниците и извикувајќи „Алаху акбар“ (Господ е голем). Во просториите на верскиот објект биле присутни и деца.
Во Исламскиот културен центар во Квебек се случи инцидент и во јуни минатата година. Тогаш непознати лица за време на празничниот месец Рамазан, ноќе пред џамијата оставиле свинска глава со прикачен лист, на кој било напишано: „добар апетит“. На муслиманските верници им е забрането јадење свинско месо.
Трудо во саботата, реагирајќи на декретот со кој американскиот претседател Доналд Трамп забрани влез во САД за државјани од седум муслимански земји,најави намера и натаму да прима бегалци во Канада, без разлика на нивната верска припадност.