1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Театарот околу Пуџдемон

Бернд Ригерт
4 април 2018

Ако умно си уживаше со своерачно сплетениот „егзил“ во Белгија, по него сега немаше да пее ниту еден петел. Карлес Пуџдемон треба сам да се согласи со испорака и да се соочи со одговорноста, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/2vRuy
Carles Puigdemont
Фотографија: picture-alliance/AP/V. Mayo

Ако хистеријата околу поранешниот регионален претседател на Каталонија, Карлес Пуџдемон, се остави настрана и ако се погледнат фактите, тогаш од наводниот „политички затвореник“ и самопрогласен маченик за каталонска независност нема да остане многу. Карлес Пуџдемон, кому му е одземена функцијата, е нормален шпански граѓанин кој од страна на обвинителството во Мадрид е обвинет за тешки кривични дела. По него се трага со европска потерница, која сега се спроведува во Германија.

Тоа ширум ЕУ се случува по околу 15.000 пати годишно. Меѓутоа, на крајот се испорачува половина од овој број уапсени лица. Квотата во Германија статистички е многу пониска. Самопрогласениот каталонски херој, кој се бори за независност, значи има добри шанси да не биде протеран.

Надлежниот суд

Сега барањето на обвинителството за испорака ќе го проверува надлежниот суд во германската покраина Шлезвиг Холштајн. Сосема нормална постапка. Нема причина за возбуда. Потребна е верба во правната држава и нејзините органи. Се разбира, ЕУ-граѓанинот Пуџдемон може да го изоди целиот правен пат и да се спротивстави на испорака. Тоа е негово право. Но, и натаму важи - ова не е специјален случај.

Кривичните дела за кои се товари би оправдале негова испорака. Зашто, се работи за тоа лидерот на сепаратистите да се соочи со праведна постапка во Шпанија. Тој побегна од правдата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Може да биде наречен плашливец поради тоа што избега во Белгија и ги остави на цедило многуте свои „соборци“ во Каталонија. Во секој друг случај на осомничен извршител на кривично дело сосема е нормално тој да се појави пред суд, а само Карлес Пуџдемон не мора да го стори тоа?

Алијансите кои тој ги направи се навистина чудни. Во Белгија беше примен од фламанските националисти и сепаратисти. Во Финска е гостин на прилично хаотичен пратеник од Лапонија. Во затворот во Германија имаше посета од коосновач на деснопопулистичката АфД  - поранешниот шеф на оваа партија и актуелен европратеник, Бернд Луке.

Покана или посета на Каталонецот, опкружен со аура на невиност која е предмет на потера, предизвикува навистина големо медиумско внимание. Со вешта медиумска работа - тоа мора да се му се признае - каталонскиот политичар ја одржува  „Пуџдемон“-супата на добра температура.

Вешта ПР-работа

Тој држи предавања, патува низ Европа, себеси сѐ уште се опишува како „претседател“ и на тој начин го провоцира шпанското правосудство. Тоа што сега повторно е обновен европскиот налог за апсење, кој беше издаден пред Божик, не треба да го чуди Пуџдемон. Тоа сосема добро одговара на неговата медиумска инсценација. Ако умно си уживаше со своерачно сплетениот „егзил“ во Белгија, наскоро по него немаше да пее ниту еден петел.

ПовеќеМора ли Германија да го испорача Пуџдемон?

Она што е нејасно е зошто сега во мрежата на лидерот паѓаат Левицата во Германија и Зелените во Европскиот Парламент? Нивното барање до германската влада да се вмеша директно во пресудувањето на правосудството во случајот Пуџдемон - е авантуристичко. Левицата и Зелените очигледно не сфатиле како функционира една правна држава.

На Пуџдемон, кој дозволи одржување илегален референдум, а потоа спротивно на Уставот прогласи независност на регионот, мора да му се суди онаму, каде што тој припаѓа - во Шпанија. Но, ќе треба да се прифати и поинаква одлука на германското правосудство, кое можеби ќе реши дека тој не може да биде испорачан. Правото е она што владее, а не политичката пропаганда од една или друга страна!

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија