1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Талибанец или лажго?

Петер Хиле
27 април 2017

Дали илјадници талибанци избегале од Авганистан во Германија? Сојузното обвинителство води 70 постапки против осомничени талибански борци. Чудното е што многумина од нив се самообвинуваат за припадност кон талибанците.

https://p.dw.com/p/2bxcu
Afghanistan Taliban Kämpfer in der Ghazni Provinz
Фотографија: Reuters

Дали имал „калашников“? Ако имал, дали со него пукал врз полицајци? Две прашања, кои Вајид С. пред неколку месеци ги одговори потврдно. Поради тоа против 28-годишниот Авганистанец оваа недела започна судски процес во Берлин, под обвинение дека како член на „талибанците“ се огрешил кон законот за контрола на военото оружје, како што соопшти сојузното обвинителство. Освен тоа, на товар на обвинетиот се става „обид за здружно убиство во два случаи“. 

Вајид С. наводно во 2009. година им се приклучил на талибанците. Првично само набавувал животни продукти и оружје за својата единица, а од 2014. година активно со оружје учествувал во напади врз авганистански плицајци во провинцијата Каписа, североисточно од Кабул. Сето ова младиот човек самиот го раскажал при сослушувањето во Сојузната служба за миграција и бегалци, БАМФ. Поради тоа, тој е уапсен во октомври 2016. година во покраината Саксонија-Анхалт. Вајид С. ја повторил својата приказна и пред полициските службеници.

„Без друг избор“

Зошто некој би се обвинувал самиот себе си за тешки кривични дела? Во случајот на Вајид С., станува збор за надежта за подобар живот во Европа, вели неговиот адвокат Даниел Шпрафке за Дојче веле. Вајид С. побегнал во Германија во 2015. година од економски причини. „По стигнувањето овде, тој не се надевал на добивање обична виза, немал друг избор освен да раскаже приказна која ќе му овозможи некогаш да добие статус на бегалец.“Шпрафке, кој на Вајид му е службен бранител, вели дека неговиот клинет пред судот ќе им противречи на сите точки од обвинението. „Така, задача на сојузното обвинителство е да докаже дека обвинетиот бил член на странско здружение. Според мое мислење, на сојузното обвинителство на располагање му се малубројни доказни материјали.“ Од таа причина,Шпрафке смета на изрекување ослободителна пресуда, која пак може да доведе до протерување на неговиот мандант.

Четворица, 70, илјадици?

Вајид не е осамен случај. Германските власти водат истрага против преку 70 осомничени талибански борци, против четворица од нив тужба има покренато сојузното обвинителство, петта е во подготовка. Но, можни се уште повеќе случаи, пишува магазинот „Шпигел“. „Средно висока четирикратна бројка лица во сослушувањата во рамките на постапката за добивање азил во БАМФ навела контакти со талибанците или дури активно учество во нивни борбени редови“, известува магазинот.

БАМФ за Дојче веле потврди „дека во рамките на разговорите за азил, има лица кои дале изјави дека се членови на талибанците.“ Некои тврдат дека биле присилно регрутирани од радикално-исламистичките борци и подоцна побегнале. Некои пак велат дека по стекнатите сопствени искуства, се дистанцирале и побегнале од талибанците. Во сите случаи кога БАМФ ќе дојде до сознание за кривични дела, тие се предаваат на надлежните служби за кривичен прогон. Ако се докаже дека одреден бегалец учествувал во воени или злосторства против човештвото, не му се издава дозвола за престој.

Закана од смрт

А што ако некој бегалец тврди дека работел за талибанците, но не учествувал во нивните злодела? Крајно, талибанците според ОН не се класифицирани како терористичка организација.БАМФ објаснува дека припадноста кон талибанците не е пресудна за недоделување азил.

Но, ако на подносителот на барањето за азил му се закануваат повреди на човековите права врз основа на поранешна припадност, „можно е да се земат во предвид заштитни мерки“, велат од БАМФ. Зашто, на припадниците на талибанците во најлош случај во Авганистан и во Пакистан им се заканува егзекуција. Во еден воен затвор вчера во пакистанската провинција Кубер Пактунква беа обесени четворица осуденици. Пресудата против талибанските борци ја донесе воен прек суд.

Важна одлука во Берлин

Германските судии во Берлин, во рамките на фер правна постапка, треба да утврдат дали Вајид С. извршил злосторство или лажел поради краен очај. Паралелно, тие ќе треба да донесат  и одлука дали талибанците треба да бидат третирани за „странска терористичка организација“ или не. Значи, судиите треба да решат дали еден талибански борец ќе го стигне заслужена казна или ќе стават крај на една луда авантура на човек кој ја барал својата среќа во Германија и притоа се заплеткал во лажни приказни. Можно е ова да биде само почеток на редица слични судски постапки.