1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таксистот Хајко Јансен од Берлин

18 мај 2010

Хајко Јансен е „ноќна птица“, сака музика и возење автомобили. Со возењето такси може да ги обедини сите свои страсти. Тој вози ноќе и секогаш знае што и кога се случува во Берлин.

https://p.dw.com/p/MDo1

Хајко Јансен живее во Берлин речиси две децении. Работи како таксист. Ако го прашате зошто пред две децении го напуштил својот мал роден град Аурих во Источна Фризија и го заменил за Берлин, ќе ви одговори: поради културната разноликот на главниот град. Јансен е фасциниран пред се‘ од шарениот ноќен живот. 45-годишниот таксист, кој во 80-тите години дошол во градот е се‘ уште фасциниран од Берлин.

Како момче, често одел во младинскиот центар на неговиот роден град. Таму прикажувале необични филмови, какви што немало во кината во градот. Во младинскиот центар се одржувале и концерти. Но, Аурих, со своите 50.000 жители, еден ден едноставно му станал мал.

Родното место му станало тесно

Јенсен се преселил во Берлин. Според сфаќањата на неговите родители во 80-тите и 90-тите години тој не правел „ништо разумно“, што значи работел одвреме-навреме, а пред се‘ уживал во животот. За паѓањето на ѕидот на 9 ноември 1989 година Јансен слушнал еден ден подоцна. Одеднаш западен Берлин бил преполн со источногермански автомобили, а еден колега му раскажал дека нивниот шеф претходната вечер танцувал на ранденбуршката порта.

Gesichter Deutschlands HeJaP4
Хајко е се‘ уште фасциниран од БерлинФотографија: DW

Тоа што Хајко Јансен пресвртот го забележал во својот автомобил е речиси симптоматично: тој отсекогаш имал страст за возење. Во 1993 година се остварил неговиот голем сон: добил лиценца за возење такси.

Оттогаш е такси-возач. Возењето е семејна страст. Татко му бил возач на автобус. За Хајко возењето такси е еден вид слобода: нема шеф што му седи над главата. Тој може сам да одлучи кога ќе работи, колку долго ќе работи, кога ќе прави пауза и каде ќе вози.

Возење такси поради чувството на слобода

Хајко вози ноќе. Тој себеси се вбројува во т.н. „неми возачи“. Тоа не значи дека не разговара со клиентите, туку дека не ја вклучува неговата радиостаница. Пред да тргне да вози навечер, прво фрла поглед во градскиот весник за да види што се случува во градот, дали има некој саем или некој голем концерт, или кој диск-џокеј во кој клуб пушта музика. Потоа ја одредува својата цел. На тој начин ги селектира своите патници и избегнува стрес.

Хајко Јансен верува дека дење возењето е поинакво. Тогаш може да имате и некој патник кој итно мора да стигне на аеродром и тотално е нервозен.

Gesichter Deutschlands HeJaP1
Себеси се вбројува во т.н. „неми возачи“Фотографија: DW

Ноќе е се‘ поопуштено. И возењето автомобил е поопуштено. Сообраќајот не е толку густ.

Постојат различни причини зошто Хајко вози ноќе. Пред се‘ затоа што е „ноќна птица“. Тој повеќе сака да се наспие и да работи од 21 часот навечер до 6 часот наутро. И покрај ноќната работа, Хајко Јансен и неговата девојка Барбара имаат хармонична врска. Тие живеат заедно повеќе од десет години. Неговата девојка работи дома и нема проблем со тоа што Хајко работи ноќе. Таа е исто така самостојна и може да си ја распредели нејзината работа, па затоа добро функционираат, објаснува Барбара.

Во зависност од тоа колку долго работел, ноќниот таксист најчесто спие до 13 часот. Појадува ретко. „Наутро“, како што вели тој, пред се‘ му е потребен неговиот чај. Тоа му е посебно важно. Како Источнофризиец, чај пие најмалку трипати дневно: источнофризиски чај, јака мешавина од различни сорти црн англиски чај. Подоцна, заедно со Барбара јадат, а на прашањето што најмногу сака да јаде, одговара: се‘ што готви неговата девојка.

Кога таа поради работа не е во Берлин, тогаш тој си го готви омиленото јадење од детството: компири, колбас и кисела зелка.

„Отсекогаш сум бил возач“

Неговото омилено јадење и источнофризискиот чај се едни од ретките врски што Хајко се‘ уште ги има со неговиот роден крај. Инаку, два до трипати во годината ги посетува своите родители. Веќе нема контакти со познаници од неговата младост. Останата е уште љубовта кон музиката. Во неговиот стан, во источноберлинскиот дел од градот - Фридрихсхајн, почесно место има огромната збирка плочи. Одвреме-навреме пушта музика како диск-џокеј во галеријата на едни познаници. Тоа го прави од денот на нејзиното отворање пред пет години.

Gesichter Deutschlands HeJaP2
Одвреме-навреме пушта музика како диск-џокеј во галеријата на едни познанициФотографија: DW

Возење автомобил и музика - тоа за Хајко Јансен одговара како „кец на десетка“. Во Источна Фризија секогаш имал работни места коишто биле поврзани со возење автомобил, при коишто можел да слуша музика. Со автомобилот на неговиот татко одел на поп-концерти во Холандија. „Уште во Источна Фризија бев возач, а сега сум такси-возач“. А во позадина се слуша музика...

Автор: Карлос Албукерке / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска