1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

СЈО со обвиненија за сите случаи, освен за „Талир“

29 јуни 2017

СЈО ќе подигне обвиненија за сите преземени и отворени случаи, но не и за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, неофицијално дознава ДВ. Движењето „Беса“ бара СЈО да ги отвори случаите „Сопот“ и „Монструм“

https://p.dw.com/p/2fbZG
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Дожд од обвиненија се очекува на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство, која ќе се одржи денеска напладне. Иако не се најавени детали, со оглед дека рокот за поднесување обвиненија или за запирање на истражната постапка за првите прземени случаи истекува утре (30-ти јуни), се очекува Обвинителството да соопшти за кои од нив ќе поднесе обвиненија. СЈО последната прес-конференција ја одржа на 22-ри мај, кога беше соопштено дека се отворени три нови истраги: „Траекторија“ (за изградба на автопат), „Тревник“ (за незаконски изградени викендички) и „Талир“ (за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ).

Роковите ја лимитираат истрагата

Токму за „Талир“ најверојатно нема да биде подигнато обвинение поради процесни причини, односно нереализиран распит на три лица во законскиот рок, поради недобиени покани. Во истрагата беа осомничени 14 лица, а првоосомничен беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тоа беше првата и обемна истрага на СЈО за кривичното дело „перење пари“.

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Со исклучок на „Талир“, ДВ неофицијално дознава дека СЈО ќе подигне обвиненија за сите други случаи, а меѓу се и најголемите според број на обвинети и временскиот опфат на трањето на кривичните дела: „Титаник“ (за изборни измами), „Таргет“ (за незаконско следење на комуникациите) и „Тврдина“ (за уништување на системите преку кои незаконски се прислушкувало). На листата се и случаите „Тенк“ „ТНТ“  „Траекторија“, „Трезор“, „Тортура“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Топлик“, „Тревник“...

СЈО досега имаше подигнато три обвиненија: за незаконско уништување на документација од системите на прислушување, за нарачаното насилство во општина Центар, и за случајот „Транспортер“, во кој градоначалникот на Битола се товари за злоупотреби со превозот на ученици.

Случајот „Талир“ најдиректно покажа дека истрагата може да страда во трка со времето, односно со законскиот рок од 18 месеци за подигнување обвиненија. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во изминатиот период неколку пати побара од Собранието да го продолжи тој рок, но без успех. Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, најави дека парламентарното мнозинство денеска во Собранието ќе ги поднесе измените на Законот за заштитени сведоци и на Законот за СЈО, односно за продолжување на рокот за обвиненија. Но, за продолжување на тој рок е потребно двотретинско мнозинство, кое власта го нема без гласовите на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ досега неколкупати се изјасни дека рокот од 18 месеци е доволен и дека не се согласува да биде продолжен.

Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Барања за „Сопот“ и „Монструм“

Покрај притисокот на времето, СЈО е под притисок за преземање на неколку „стари“ случаи. Вчера Движењето „Беса“ побара од СЈО да ги отвори случаите „Сопот“ и „Монструм“, кои ги следат етикети на „политички монтирани“, а се спомнуваа во „бомбите“, односно во снимките од незаконски следените комуникации.

„Без разлика на одлуките на Советот на јавни обвинители за 'Сопот', ние цениме дека СЈО има доволно материјали за само да го иницира случајот, да не дозволува на двојството ВМРО-ДУИ да продолжат да играат со животите на луѓето инволвирани во овие случаи“, велат од Беса.

Ако СЈО до петок не ги процесира случаите, тоа ќе го сметаат за „манипулација и предавство на тие што страдаат со доживотен затвор само поради политизираната правда во Македонија“.

„'Беса' нема да дозволи животот на Албанците да зависи од политичките пазарења и нема да се откажеме сè додека не се расветлат целосно овие случаи. Ако не се решат овие два случаи, државата ќе ја носи одговорноста заедно со СЈО“, велат од Движењето.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Токму за случајот „Монструм“ Врховниот суд за денеска закажа јавна седница на која треба да се разгледаат жалбите на шестемина осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. Судот претходно двапати ја одложуваше седницата. Кривичниот суд на 30 јуни 2014 година ги осуди шестемина обвинети на доживотни казни затвор, а Апелацискиот суд Скопје во декември 2015 година ги одби жалбите на одбраната и ја потврди пресудата на првостепениот суд. Врховниот суд го стави овој предмет на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите. Убиството на четирите момчиња и на средовечен маж се случи на 12 април 2012 година. Двајца од осудените, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сè уште се на Косово, а тамошните власти одбија да ги екстрадираат во земјава.