1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сјајот и бедата на Фолксваген

Инес Пол / Превод:СН13 јануари 2016

На саемот во Детроит во преден план е фасцинацијата од автомобилите. Но не и за Фолксваген. Германскиот концерн е во мисија на извинување и спасување. Инес Пол смета дека извинувањето нема да биде доволно.

https://p.dw.com/p/1Hbql
Фотографија: Reuters/M. Blinch

Станува збор за моќ. И за пари. И за статус. Сето тоа инсценирање, целиот тој сјај на полирани автомобили, шаренило од светла, бомбастични футуристички звуци, хостеси на високи потпетици, високи речиси исто колку што се куси нивните здолништа, сето тоа е секогаш и - ветување. Ветување дека оној кој еден ден ќе поседува некое од тие возила кои се прикажуваат на големиот автомобилски салон во Детроит - успеал. Веќе со недели се подготувуваат презентациите. Конечно станува збор за пазар „тежок“ неколку милијарди. Тука се продаваат непресушна потенција и младост, одважност и одговорност кон нашата иднина.

Автомобили. И тоа е тоа.

Се работи за соништа и проекции, но и за реалност, за свиреп бизнис. Клиентите ставаат на маса многу пари за имиџот кој сакаат да го купат со автомобилот кој го купуваат. Или би сакале да го купат, кога би биле солвентни на соодветен начин. Не треба да се заборави: веќе сонот за ултимативни возила може да биде многу сериозен процес.

Тоа можеби објаснува зошто од насловните страници на печатот не се губат натписите за скандалот на Волксваген за емисијата на штетни гасови. Имиџот „Made in Germany“ е голем и силен. И токму поради тоа е ранлив. Дали навистина е под генерален сомнеж цела една бранша, како што се плашат некои германски политичари и функционери, односно како што тоа американските „спин доктори“ остроумно го пласираат во јавноста?

Импутации не помагаат

Тука во НАИАС (Северноамерикански интернационален автомобилски саем) целото тоа шаренило од светла сака да пренесе поинаков впечаток. Интересот за германските производители не опадна. БМВ, Порше и Ауди објавија податоци за рекорден промет и очекуваат натамошен раст. Уверени се во квалитетот и атрактивноста на своите електрични автомобили и модели на водородни горивни ќелии, и гласно порачуваат дека кај нив и во иднина ќе доминира сегментот на скапи модели на пазарот на иднината. Новиот шеф на Волксваген Матијас Милер се извини на досега невидено јасен начин и покрај каењето се обиде да рашири и малку оптимизам на конференцијата за новинари.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

Надежта на Германците за тоа дека вестите за новиот бум во автомобилската индустрија ќе доминира на почетокот на новата година, се распрсна како меур од сапуница откога САД на почетокот на минатата недела покренаа тужба против германскиот концерн. На крајот на неделата обвинителите од речиси 50 американски држави продолжија во ист стил и се заканија со натамошни тужби. Крај на приказната значи не е ни на повидок. Затоа беше толку важен недвосмислениот гест на шефот на Фолксваген во Детроит. Ќе биде ли тоа доволно бурата да се смири? Тоа е тешко да се замисли. Бидејќи ако се делумно вистинити тврдењата дека зад тужбите се наоѓаат американски економски интереси, во игра е многу повеќе од тоа. За време на претседателствувањето на Барак Обама, американските контролни инстанци се развија во органи кои работат веродостојно, и кои тоа веќе го демонстрираа и во Германија и во Европа.

Не е во прашање само Фолксваген

Германија поради тоа би требало да биде внимателна со импутирањето дека Америка делува едноставно од сопствен интерес. На крајот и германската покраина Долна Саксонија (каде што се наоѓа централата на Волксваген), односно политиката има сопственички дел во Фолксваген. И никој денес не верува сериозно во тоа дека добар дел од водечката елита околу поранешниот шеф на Фолксваген Мартин Винтеркорн не знаела ништо за манипулациите. Мамеше една германска фирма. Точка. Не помага мудрување. Постои само еден одговор: расветлување со содветна казна за одговорните, без никакви попусти.

Тоа концернот и сојузната покраина Долна Саксонија не им го должат само на своите вработени, туку и на своите германски конкуренти на пазарот. Бидејќи тука не станува збор само за Фолксваген, туку за многу повеќе од тоа. Станува збор за „Made in Germany“. Се чини уште дека оваа ознака барем тука на традиционалниот свтомобилски саем во Детроит не загубила многу од својот сјај. Но ситуацијата е незгодна затоа што автомобилите се многу повеќе од лим и техника. Фолксваген беше симбол за германски квалитет, ветување дека може да му се верува. А добро е познато како реагиираат измамените љубовници.