1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сјај или беда на езерото Треска

ДТЗ /ДВ
28 јануари 2021

Каква судбина ја очекува некогашната градска оаза? Ќе никне нов модерен комплекс или ќе зјае празна дупка која ќе потсетува на некогашното езеро - на потег се надлежните.

https://p.dw.com/p/3oVDg
Nordmazedonien Abriss der Erholungszentrum Treska in der Nähe von Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Преполни плажи, весели капачи, деца кои итаат да се разладат во езерските води, камп приколки пред кои се врти скара и се играат карти, групи тинејџери седнати под сенките раскажуваат шеги и слушаат гласна музика. Вака некако изгледаше речиси секој викенд на езерото Треска, скопската оаза за разладување и рекреација којашто вриеше од посетители за време на летниот период во 80-тите и 90-тите години. На почетокот на 2021 година сликата од езерото Треска е жална - на местото на некогашното рекреативно езеро на периферијата на Скопје, екипата на Дојче веле неодамна можеше да забележи само урнатини и кози кои шетаа по остатоците од некогашната гордост на скопјани. Од некогашниот сјај нема никаква трага. Откако багери се појавија на езерото, а тешка механизација почна да ги расчистува објектите на брегот, се почеста е дилемата во јавноста за иднината на езерото Треска. Ќе никне ли нов модерен комплекс на урнатините, или Треска ќе замине засекогаш во историјата? 

Хотелски комплекси, викенд населба...

Езерото Треска претставува рекреативно езеро во село Сарај, во близина на главниот град на Македонија, Скопје. Се протега на површина од 136.000 м2, длабоко е од 1,6 до 3 м и има капацитет од 10.000 капачи. Целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје.

Nordmazedonien Abriss der Erholungszentrum Treska in der Nähe von Skopje
Поради загаденоста на водата, езерото е забрането за капење од 1998 година. Оттогаш и започна неговото пропаѓањеФотографија: Arbnora Memeti/DW

Поради загаденоста на водата, езерото е забрането за капење од 1998 година. Оттогаш и започна неговото пропаѓање. Во меѓувреме во јавноста се појавија најразлични најави - дека ќе се градат хотелски комплекси и викенд населба, како и спортско-рекреативен центар. Се шпекулираше дека е можна изградба и на болница и на трговски центар, но таквите информации беа демантирани во јавноста. Многу ветувања се вртеа во јавноста, но речиси сите останаа на празни зборови, а плановите веќе 20-тина години тапкаат во место. Место идеи за развој, се разменуваат препукнувања околу тоа кој е надлежен за езерото - градот или општината.

-повеќе на темата: Езерото Треска замина во историјата

Последните најави се дека сепак во скоро време ќе биде презентиран планот за ревитализација на излетничкото место. Топката е префрлена кај општина Сарај која пред јавноста треба да го презентира Деталниот урбанистички план за објектите кои се планира да никнат на оваа локација. Надлежните смируваат дека нема прпстор за загриженост. Езерото ќе преживее, веетуваат тие. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека езерото не се уништува, туку се ревитализира просторот околу него, а најавува дека е во план и изградба на пречистителна станица. "Вториот дел од планот кој што се уште не е донесен подразбира и изработка на една мала пречистителна станица, за да водите кои што ќе влегуваат во езерото бидат еколошки исправни и езерото да се стави во употреба“, вели скопскиот градоначалник.

Планови за ревитализација

Во меѓувреме во јавноста протекоа информации околу плановите за ревитализација на езерото Треска. Како што објавија медиумите, ДУП ќе биде поделен во четири блока, во нив ќе има простор за спорт и рекреација, а ќе се изградат и објекти за сместување. 
Езерото Треска со одлука на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година е предадено во владение на Општина Сарај. Иако изминативе години се најавуваше дека со помош на странски приватен партнер ќе се оживува комплексот, досега тоа не се случи. Со одлука на Владата, лани дел од земјоделското земјиште во селата  Глумово и Шишево кое се наоѓа околу езерото, се пренамени во градежно, за да може Општина Сарај да направи Детален урбанистички план. Тогаш од Владата рекоа дека оваа одлука е донесена за да може да се вцртаат маркички и да се гради викенд населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на еко туризам, со што ќе се врати во функција и езерото. 

Petre Shilegov
Градоначалникот на Скопје, Петре ШилеговФотографија: The City of Skopje

-повеќе на темата: Петре Шилегов: Скопје ќе се гради по нов концепт!

Според градоначаникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, Деталниот план од Општината е изработен и предаден на одобрување во Град Скопје. Очекува дека летово ќе може да започне постапката за враќање во функција на езерото. И скопскиот градоначалник уверува дека просторот ќе заживее. „Пред две години реонот на езерото Треска беше прогласен за туристичка зона, за да може да привлече повеќе инвеститори со цел да го облагородиме тој простор. Во тек е изработка на Детален урбанистички план во Општина Сарај за овој дел, нешто што досега го немало. Во рамки на тој урбанистички план ќе се предвидат содржини и ќе се одвива инвестиција која ќе гарантира дека езерото Треска ќе биде вратено во целосна функција, во спортско-рекреативна, но и туристичка“, вели Шилегов. 

Nordmazedonien Abriss der Erholungszentrum Treska in der Nähe von Skopje
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Државен интерес

Според него, „Треска“ е од државен интерес и ниту тој како градоначалник на Град Скопје, ниту Блерим Беџети како градоначалник на Општина Сарај, не можат сами да оперираат со тој систем. „Она што сега се случува таму, претпоставувам, при крај се и разговорите со инвеститорите и ова е на еден начин почеток на враќање“, изјави деновиве Шилегов одговорајаќи на прашање околу неговото ветување од локалните избори во 2017 година дека „Треска“ ќе ја врати под надлежност на Град Скопје и граѓаните.
Шилегов вели дека „некои политички структури заради личен политички интерес пренесуваат и прикажуваат лажна состојба дека се уништува езерото и дека нешто се случува со самото езеро“. „Не се случува ништо во самото езеро, туку со околината и се реализира Деталниот урбанистички план. Мое мислење е дека треба да се работи за граѓаните, на граѓаните треба да им се презентира пред што и да биде започнато за да не дојде до некакви збрки“, рече тој. 
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвини дека три години по најавите за возобновување на езерото, тоа се затвора и замира. „Додека во Матка растат дивите платформи, Треска изградена со парите на скопјани целосно се руинира. Вистинското прашање е чиви бизнис интереси стојат зад затворањето на езерото Треска?“, велат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Според нив, наместо црвена лента за возобновување езерото доби катанец.

Сомнежи 

Сомнежите околу плановите за езерото особено се разгореа, откако неодамна на локацијата се појавија багери и започна уривањето на привремените објекти. Општина Сарај, под чија надлежност е езерото Треска, започна  да ги урива и да ги расчистува сите објекти кои некогаш го красеа излетничкото место. Нема веќе бунгалови, кафулиња, ресторани, тоалети, а од езерото зјае само бетонска дупка. 

Nordmazedonien Abriss der Erholungszentrum Treska in der Nähe von Skopje
Нема веќе бунгалови, кафулиња, ресторани, тоалети, а од езерото зјае само бетонска дупкаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Според планот на Општина Сарај, езерото Треска ќе биде слободна туристичка зона, каде ќе се градат повеќе објекти, со што повторно ќе стане место за рекреација. Сега околу езерото има над 500 камп-приколки, кои треба до крајот на февруари да бидат отстранети. Сопствениците на камп-приколките бараат надлежните да се откажат од намерата. Камперите се пожалија и на кражби и уништување на нивните камп-приколки и ги повикуваа надлежните да ги заштитат. Дали ќе се најде соодветно место за нив и во новите планови коишто ги крои општината за иднината на Треска, засега е неизвесно. Скопскиот градоначалник вели дека и за сопствениците на приколки кои се таму со децении може да се најде доволно простор во новиот концепт. Крајниот збор ќе го има Општина Сарај. 

Шилегов и понезагадено Скопје: товарот на ветувањата