1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сурогат-институциите не се замена за реформите!

Катерина Блажевска7 септември 2015

Осудени сме на пропаст, ако нормалното функционирање на системските решенија секогаш го бараме надвор од редовните институции, велат експерти и аналитичари

https://p.dw.com/p/1GRs1
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Општествената енергија насочена кон воспоставувањето на новата институција - специјален јавен обвинител, не треба да резултира со отсуство на волја за спроведување на неопходните реформи во постојниот судско-обвинителски систем, предупредуваат домашни експерти и аналитичари. Во спротивно, ќе се изгради лоша „традиција“ за толерирање на неговите недостатоци, со очекување тие повремено или во вонредни ситуации ќе бидат решавани од ад-хок институции.

„Да имаше волја за реформи во правосудниот систем во изминатите години, не ќе дојдевме до ситуација работите да ги решаваме со специјални институции“, коментираат граѓани на социјалните мрежи.

Извори во судството и обвинителството велат дека таму атмоферата е прилично „шарена“. На дел им одговара да работат „по старо“ додека целото внимание е насочено кон специјалниот обвинител, други пак, и досега инсистирале на повисоки стандарди, но нивниот глас останувал задушен во доминантната летаргиија.

Специјална држава

Прашањето е - до кога со сурогат институции ќе се покрива отсуството на реформи?

„Како општество сме осудени на пропаст ако востановувањето на нормалното функционирање на процесните системски решенија секогаш го бараме надвор од редовните институции“, вели комуникологот Петар Арсовски.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Волјата за реформи во судството не смее да ја немаФотографија: Petr Stojanovski

„Тешко нам, ако секогаш кога нешто треба да профукционира, ние мора да направиме ново решение вон системот, притоа откажувајќи се од самиот систем. Бидејќи редовната држава не функционира, ајде со политички договор да направиме и специјална држава! Овој пристап носи неколку сериозни последици за општеството: прво, ги ослободува редовните институции од обврската редовно да функционираат, во стилот ’ако Обвинителството не може да си ја заврши работата, ќе направиме ново’, ’aко парламентот не функционира редовно, ќе направиме специјален политички договор’, ’ако изборите не се фер ќе направиме специјални набљудувачи и специјална ДИК’“, критикува Арсовски.

Според него, вонсистемските решенија секогаш имаат политичка предрасуда.

„Во редовното обвинителство ќе беше 'распад на системот' ако некој функционер беше обвинет, а сега со специјалниот обвинител ќе биде 'распад' ако никој не биде осуден, што е некаква однапред профилирана политичка агенда која нема врска со објективноста на постапките. Tрето, ваквите постапки на многу приземен начин демонстрираат дека ние де факто сме се откажале од системските решенија. Значи, зградава во која живееме не ја бива, ајде сега да видиме оваа шупа отстрана како да ја закрпиме. И така, цело време со нови крпеници. Дел од причината за ваквиот пристап е и сознанието дека ние системот сме го упропастиле трајно и дека единствена шанса за негова корекција е процесот на преговори со ЕУ, кој претставува најголем ремонт на општеството. Тоа е чиста адолесценција“, оценува Арсовски.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: Petr Stojanovski

Во Извештајот на експертскиот тим на ЕК предводен од Рајнхард Прибе, меѓу петте најчувствителни сфери беше посочено судството. Во него се даваат повеќе препораки, но и се нагласува дека тие не треба да ги заменат препораките дадени претходно од различни тела: „Сите препораки дадени врз основа на проценките направени од Европската комисија во извештаите за напредокот, како и од страна на други домашни и меѓународни организации и тела, остануваат целосно валидни“.

Нула реформи

Владата во јуни соопшти дека има акциски план за нови реформи неопходни за интеграциските процеси, кои произлегуваат од препораките на ЕК, а се однесуваат на повеќе области, но претежно на оние покриени со поглавјата 23 и 24.

„Нашиот план е тоа да се одвива со многу брза динамика и тоа ќе го направиме“, изјави премиерот Груевски во јуни. Но, до денес, не само што не се започнати никакви реформи, туку во целосен застој се и првичните активностите неопходни за почеток на спроведување на Договорот од 2 јуни.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Специјалниот обвинител индиректно ќе влијае да исчезне стравот и луѓето да се ослободат, вели Маргарита Цаца НиколовскаФотографија: Petr Stojanovski

„Акциски планови постојано се преточуваат во текстови, на хартија, но власта не прави ништо да ги спроведе во практика“, вели поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска. Во сегашниот пристап на власта кон правосудството, таа не препознава намера за квалитетни промени.

„Има многу наталожени проблеми кои нема да можат брзо да се решат. Нивното решавање ќе биде еден страшно долг процес. Импулс во реформска насока може да даде именувањето на специјален обвинител, што е обврска од Договорот, а чие севкупно исполнување зависи и од една значајна вредност, наречена 'добра волја'. Таа добра волја, освен во одредени граѓанско-правни ситуации, досега не е третирана многу во практиката. Таа сега треба да се врзе за Извештајот на Прибе и за сите претходни извештаи на Европската Комисија. Но, во овој момент, важно е да се овозможи востановување на специјален обвинител, за да почне нешто да се случува во однос на истрагата околу содржината на телефонските разговори. Тој со неговата работа индиректно ќе влијае да исчезне стравот и луѓето да се ослободат“, вели Маргарита Цаца Николовска.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред три дена изрази очекување дека до почетокот на неделава преговарачките тимови на партиите ќе ги усогласат концептуалните разлики околу специјалниот обвинител. Тоа, според него, би требало набрзо да резултира со измени и дополнување на Законот за јавниот обвинител, кој потоа треба да се изгласа во Собранието.