1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судбоносни избори во Иран

Томас Лачан/сн26 февруари 2016

Денеска (26.02.2016) Иранците избираат нов парламент и нов Совет на експертите. Тоа се први избори по договорот со меѓународната заедница за спорната нуклеарна програма и важен тест за претседателот Хасан Рохани.

https://p.dw.com/p/1I1iJ
Фотографија: Isna

Никогаш порано во Иран немало толку голема заинтересираност за пратенички места. Повеќе од 12.000 луѓе сакаа да се регистрираат како кандидати за иранскиот парламент. Но само на околу половината од нив тоа им беше одобрено. Значи, околу 6.200 кандидати се борат за 290 места во Меџилис. Но, не се избира само нов парламент. Речиси 60 милиони Иранци избираат и нов состав за т.н. „Совет на експерти“.

Кои групи се борат за власт?

Во Иран не постои партиски систем во западна смисла на зборот. Наместо тоа, постојат различни групи, кои грубо можат да се поделат на три главни струи: конзервативци, тврдокорни (хардлајнери) и реформисти.

-Конзервативците се придржуваат кон вредностите на револуцијата и му се апсолутно верни на режимот. Умерен дел од конзервативците е отворен за контролирани односи со Запад и ограничени внатрешни реформи. Ултраконзервативците, меѓутоа, се поблиски до тврдокорната струја.

-Тврдокорните во Западот гледаат имеријалистички непријател и сакаат чисто исламско општество, далеку од сѐ што сметаат дека е западно.

-Реформистите сакаат добри економски и политички односи со Запад. Исто така, во рамките на внатрешната политика и во културата и во општеството, бараат повеќе слобода.

Wahlen im Iran
Фотографија: DW/T. Tröpper

Меѓутоа, помеѓу трите струи не постојат јасни граници. Со оглед на тоа дека не постои некој вид „дисциплина на пратенички група“, во зависност од темата кандидатот може да обедини во целост различни политички позиции. Покрај тоа, изборите се сметаат за важен тест за политиката на актуелниот претседател Хасан Рохани, кој важи за реформист.

Кој важи за фаворит на парламентарните избори?

Во изминатите 12 години со парламентот доминираше коалицијата на конзервативците и хардлајнерите. По договорот за атомската програма, и посебно по укинувањето на економските санкции, и реформистите околу претседателот Рохани имаат реални шанси за победа. Тие се зголемени и поради фактот дека реформистите со дел од умерените конзервативци составија заеднички избирачки листи. Од друга страна, исходот на изборите може да многу да зависи од висината на излезноста. Реформистите стравуваат дека ниската излезност би им одела од рака на хардлајнерите. Многу Иранци се политички незаинтересирани, многу други пак не излегуваат на гласање поради комплицираните изборни правила, бидејќи при гласањето тие мора да заокружат не само едно, туку 30 имиња за пратеници во парламентот и 16 за во Советот на експерти.

Каква моќ воопшто има парламентот?

Како и во западните демократии, така и во Иран, парламентот на хартија е законодавна институција. Де факто неговата работи меѓутоа подлежи на огромни ограничувања. Зашто сите законски иницијативи најнапред мора да бидат проверени од страна на таканаречениот „Совет на чуварите на револуцијата“ за тоа дали се во согласност со исламската правна традиција. Ако тоа не е случај, Советот може да го отфрли предлог законот. Советот на чуварите на револуцијата кој се состои од шест свештени лица и шест правници исто така ја проверува адекватноста на кандидатите за пратенички места на парламентарните избори. Пред ова гласање, Советот на чуварите им забрани учество на изборите на 6000 кандидати.

Парламентот исто така не донесува конечни одлуки за тоа дали еден закон навистина ќе биде спроведен или не. Според уставот, врховниот верски водач- во моментов тоа е 76-годишниот Ајатолах Али Хамнеи- го има последниот збор за сите политички прашања, како во владата, така и во парламентот или во правосудството. Тој конечно и одлучува кој закон ќе стапи во сила или не.

Wahlen im Iran
Фотографија: DW/T. Tröpper

Што е Советот на експерти?

Не се избира само нов парламент, туку Иранците гласаат и за новиот состав на Советот на експерти. Тоа е еден од највисоките верски уставотворни органи. Се состои од 88 свештени лица и теолози, чија главна задача е да ја надгледуваат работата на врховниот верски водач. Како и кај парламентот и тука најнапред Советот на чуварите на револуцијата ги проверува сите кандидати за нивната „ политичка и општествена подобност“ и може и нив исто така да ги исклучи од изборите. Посебно внимание Советот на чуварите предизвика откако на почетокот на годината од изборите за Советот на експерти го исклучи Хасан Хомеини, реформски настроен внук на основачот на Исламската република, Ајатолахот Рухола Хомеини.

Зошто изборот за Советот не експерти овојпат е особено важен?

Советот на експерти не само што ја надгледува работата на Врховниот верски водач, туку може теоретски во случај на болест или на непочитување на неговите обврски и да го разреши од функцијата и тогаш како и во случај на смрт на Ајатолахот има задача да го избере неговиот наследник- додуша со доживотен мандат. Нов состав на Советот на експерти се избира само на секои осум години. Актуелниот Врховен верски водач, Ајатолахот Али Хамнеи, веќе има 76 години, а згора на тоа опстојуваат гласини дека боледува од рак во поодмината фаза. Затоа сосема е можно новиот Совет на експерти да треба да одлучува за новиот кандидат за најважната функција во Исламската држава. Дотолку новиот состав на Советот на експерти би можел барем да упати на тенденциите за тоа каква политичка определба ќе има новиот Врховен верски водач а со тоа и севкупниот курс на Исламската Република Иран за наредните години, ако не и децении.