1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратев: Мотивирано и храбро против Ливерпул

29 јули 2010

Денеска (29.07.10) Филип Втори арената ги отвора вратите за петкратниот европски шампион Ливерпул. Тренерот на скопските „Романтичари“, Зоран Стратев не ја крие возбудата од блиската средба со великанот.

https://p.dw.com/p/OXDF
Зоран СтратевФотографија: DW

„Радосни сме што го добивме Ливерпул за противник. Ја елиминиравме екипата на Мика од Ерменија, благодарение и на мотивот повеќе, бидејќи веќе знаевме кој ќе ни биде следниот противник.“

Околу мотивите, подготвеноста, величественоста на моментот, Стратев вели дека не треба да се трошат зборови. „Нема преголема филозофија околу подготовката на фудбалерите. Тие си течат нормално. Знаеме со кого имаме работа, знаеме дека Ливерпул е голем фаворит, тим кој располага со голем број на фудбалски ѕвезди. Мислам дека во моментов е многу добро за македонскиот фудбал што гостува една таква екипа и клуб каков што е Ливерпул.“

Фудбалерите се презадоволни од противникот

Ова е второ искуство на Работнички во Европа против една англиска екипа. Првото беше против Болтон. Но, Страев вели дека чувството кај играчите е сосема поинакво, сега кога пред себе го имаат славниот Ливерпул. „Сите фудбалери се презадоволни! Фудбалскиот век не е премногу долг, ретки се шансите да се игра против еден таков тим. Оттаму задоволството кај нив. Мислам дека ќе го вложат целото свое фудбалско знаење во овој дуел, да видат до каде се во фудбалската игра.“

Stadion Philip der Zweite in Skopje
Распродадени местата на Филип Втори за мечот против ЛиверпулФотографија: DW

Стратев делува реалено и храбро. Вели, ако Ливерпул тоа го дозволи, ќе се обидеме и да се надигруваме! „Во денешниов фудбал нема преголеми разлики. Тоа го видовме на неодамна завршеното Светско првенство. Ние ќе се обидеме да играме фудбал, се разбира, колку во тоа ќе ни дозволи и Ливерпул. Понекогаш можеш да играш онолку колку ти дозволува противникот. Јас ќе инсистирам на надигрување, па и да се загуби со поголема разлика не е страшно во меч со Ливерпул.“

Реваншто на Енфилд Роуд

Пласманот на Тетекс во оваа рунда од Лигата на Европа е причината, поради која дојде до измена првиот натпревар Работнички да го игра во Скопје, а реваншот на Енфилд Роуд. Зоран Стратев смета дека е ова поволна околност, а до љубителите на фудбалот е со следнава порака. „Не треба да се испушти оваа можност на дело да се види една славна екипа, каква што е Ливерпул.“

Денеска во Скопје ќе играат Работнички и Ливерпул, а Тетекс во Шведска му гостува на Елфсборг.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска