1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од нов крах на берзите

Хенрик Беме/превод:ЗЈ10 февруари 2016

Берзите ширум светот се тресат. Со оглед на актуелниот метеж во светот, тоа не изненадува. Но, предупредувањата за нова финансиска криза се претерани, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1HsUA
Фотографија: dapd

Берзите бележат константен пад! И тоа уште од почетокот на годината. Толку лош старт во новата берзанска година, одамна не е забележан. Најдоцна на почетокот на неделава горко се разочараа сите оние кои се надеваа дека сето тоа ќе се среди и ќе остане на вообичаено ниво. Некои дури влегоа и „во црвено“, акциите на банките беа жестоко погодени- а и сѐ останато беше повлечено во спиралата на пад на курсевите.

Без изненадување

Во вредносните хартии беа вложени огромни суми пари- затоа што на берзите се тргува со иднината, затоа што сите тие пари кои централните банки без престан ги „пумпаат“ на берзите некаде мораат да се вложат и затоа што акциите на долги патеки секогаш се добра инвестиција. На одредено време, тоа ги камуфлираше бројните проблеми кои ја загрижуваат светската економија: судирот во Украина, војната во Сирија, должничката криза во Грција, загриженоста за економскиот раст во Кина и, како сето тоа да не е доволно лошо, цената на нафтата е на многу ниско ниво, иако тоа ги радува големите потрошувачи како Германија, но воглавно носи нови проблеми. Затоа што никому не му е потребна нестабилност во важни земји во забрзан индустриски развој, како Русија и Бразил.

Се шири страв

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Уште малку за цената на нафтата. Ниту една од земјите кои ја експлоатираат не може да се помири со сегашната ситуација. Сите- сеедно дали се работи за Саудијците, Русите, Венецуеланците или Американците- со тоа имаат голем проблем. Шеиците тоа би можеле да го решат на тој начин што на одредено време ќе го запрат производството и цената ќе тргне нагоре. Но, тие тоа не го сакаат затоа што сакаат да ја остават надвор конкуренцијата од САД и особено Иран. Во случајот на САД, тоа се покажува и како успех, затоа што бројни тамошни фирми кои произведуваат нафта преку „фрекинг“ се откажаа. Тоа е една од основните причини за актуелниот пад на берзите. Тие фирми длабоко се задолжија поради својот скап бизнис. Во зависност од изворите, се смета дека тие имаат долгови кај банките во износ од некаде помеѓу 250 и 400 милијарди долари.

Привремена криза?

И стравот од новата финансиска криза повторно е тука. Банките, од кои мнозинството во моментов се ангажирани сами со себе, би морале да се откажат од многу пари. Вложувачите сега најмногу стравуваат токму од тоа. Најлошо е погодена германската Дојче Банк. Иако речиси и да не вложуваше во енергетскиот сектор, курсот на акциите од почетокот на неделата падна на најниско ниво. Сето тоа покажува колку е во моментов голема нервозата на инвеститорите. Со реалноста тоа нема многу врска.
Бидејќи во реалноста состојбата е таква што курсевите сега, по претерувањата од изминатите месеци, едноставно се приближуваат до реалноста. Со голема сигурност може да се каже дека состојбата уште долго време ќе биде лоша- пред да тргне на подобро. Би било добро оној кој и онака хронично не може да спие, некое време воопшто да не ги следи берзанските курсеви. За сите останати важи: смирете се, стиснете ги забите и напред.