1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од намалување на населението

Петер Хиле
16 март 2017

Канцеларката Меркел и четворица министри на т.н. самит за демографија во Берлин дискутираат за стратегиите против намалувањето на бројот на населението. Досегашните резултати се потпросечни, смета експертот Џејмс Фаупел.

https://p.dw.com/p/2ZGl8
Deutschland Eltern Karriere Kind Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

ДВ: Пред неколку години во Германија постоеше страв од колапс на популацијата. Дали тоа беше типичен германски страв?

Џејмс Фаупел: Да, тоа беше типичен германски страв. Но, тоа не се случува само во Германија. Луѓето во Италија, Полска и Русија се загрижени поради можен колапс на популацијата исто така. Популацијата почна да се намалува во многу држави. Доколку се направи пресметка за далечна иднина, може да се замисли ситуација со многу помала популација. За тоа треба долго време. Во период од повеќе децении, политиките можат да се променат, ставовите на луѓето исто така.

Дали тоа се случи неодамна и во Германија? Дали во последно време бевме сведоци на мини „бејби бум“?

Доколку луѓето имаат онолку деца колку што сакаат да имаат, тогаш типичното германско семејство би имало повеќе од две деца. Но, бројот сега е многу помал. Зошто? Еден проблем е дневната грижа за децата. Друг проблем е невработеноста во контекст на формирање на семејство. Во западна Германија, од мајките вообичаено се очекува да останат дома со малите деца. Тоа им штети на нивните кариери и доходот.

Владата се обидува да ги реши овие прашања. Повеќе градинки, подолги периоди за грижа на децата – дали тоа имаше некаков ефект?

Max-Planck-Institut für demografische Forschung, Direktor James W. Vaupel
Д-р Џејмс В. ФаупелФотографија: Max-Planck-Institut für demografische Forschung

Имаше скромен импакт. Тоа е премалку. Кога млада двојка има дете, врз нив се става огромен товар. Владата може да направи многу повеќе за да го намали тој товар. Данска и Шведска, на пример, многу повеќе им помагаат на младите луѓе кои сакаат да имаат деца за разлика од Германија. Во Данска има долги периоди на отстуство од работа за грижа за децата. Родителите имаат опција да работат одреден флексибилен број на работни часови во неделата од дома. Исто така, има голем број на можности за привремена работа. Има и голема понуда на дневни центри и градинки за грижа на децата по многу ниска цена.

Како би ја оцениле германската политика – дали е таа само просек од земјите на ОЕЦД?

Мислам дека Германија е под просекот во однос на помошта која им се дава на младите луѓе. Германија е сигурно под просекот во ставот дека жените кои имаат деца не треба да работат. Во повеќето земји тоа беше случајот пред 50 години, но не и денес. Тоа само ѝ штети на стапката на раѓање.

Дали останува на бегалците од Сирија и од другите земји да го пополнат недостатокот?

Се разбира дека 20-годишен мигрант може да го замени бебето кое не се родило пред 20 години, но тешкотијата со мигрантите е тоа што е многу тешко да ги вклопите во општеството. Тоа е голем проблем во многу европски земји.

Доколку можете да ги менувате политиките во Германија, што би смениле прво?

Пензискиот систем, возраста на пензионирање. Една од причините зошто Германија нема доволно пари за да им помогне на фамилиите е затоа што многу пари се трошат на старите луѓе кои не работат. Доколку луѓето работат подолго, тоа ќе заштеди многу пари и ќе придонесе за економијата. Доколку луѓето би се пензионирале подоцна, тогаш Германија би можела да потроши повеќе пари на образование, на здравство, на интеграција на мигрантите, на одбранбениот систем, за истражување.

Како би ги убедиле луѓето да продолжат да работат?

Би било многу важно да има повеќе флексибилни работни часови. Доколку сакате да ги охрабрите постарите луѓе да останат подолго во работната сила и да работат, тогаш ви се потребни повеќе работни места со скратено работно време, повеќе флексибилни работни места каде што работникот би можел да одбере во кои часови ќе работи. Во германскиот систем сѐ уште постои голема нефлексибилност.

Проф. д-р Џејмс В. Фаупел е директор на Макс Планк институтот за демографски истражувања во Росток, Германија.