1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици Палестинци почнaa штрајк со глад

ЕМФ / дв
17 април 2017

Голем број затвореници Палестинци сметаат дека затворските услови во Израел се екстремно лоши. Околу 1500 од нив поради тоа почнаа штрајк со глад.

https://p.dw.com/p/2bLMC
West Bank Proteste am Palästinensischen Gefangenentag in Nablus
На денешниот Ден на затворениците многу луѓе излегоа да протестираат на улиците на НаблусФотографија: Reuters/A. O. Qusini

Бројот на штрајкувачите, според наводи на ополномоштеникот на палестинските автономни власти за прашања на затворениците, би можел и да се зголемува. Ваква акција на затворениците немало со години, а почетокот на штрајкот се поклопува со палестинскиот ден на затвореници.

Палестинското здружение на затвореници соопшти дека затворениците бараат подобрување на условите во затворите, како подолго време за посети и пристап до јавни говорници. Палестинската политичарка Ханан Ашрави го критикуваше Израел и за задржување во затвор „од безбедносни причини“ без обвинение.

Штрајкувачите се одзваа на повикот на познатиот затвореник Марван Баргути. Овој политичар е осуден на доживотна казна затвор, но се надева на ослободување и на политички камбек. Баргути беше водач на втората Интифада (од 2000 до 2005 година). Тој важи за еден од најпопуларните политичари на движењето Фатах и, според анкетите, би можел да победи на претседателските избори.

Според палестински наводи, во Израел во затвор во моментов се наоѓаат најмалку 6300 Палестинци. Израелскиот весник „Хаарец“ пишува дека бројот на затвореници во последните 18 месеци е значително зголемен. Од почетокот на новиот бран насилство во 2015 година, Палестинци постојано напаѓаа Израелци со нож или извршуваа напади со автомобили.

Израел за време на т.н. Шестдневна војна во 1967 година ги освои, меѓу другото, Западниот брег и Источен Ерусалим. Подоцна Источен Ерусалим беше анектиран, а на Западниот брег, под заштита на армијата, се градеа еврејски населби. На Западниот брег живеат околу 2,9 милиони Палестинци.