1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СТО соочена со можен распад?

Клаус Улрих / Е.М. Фиданоска15 декември 2015

Светската трговска организација (СТО) е на крстосница: ако не и‘ успее „врзување“ и на сиромашните земји во решенијата што ги носи, таа може да се распадне. Какви се шансите?

https://p.dw.com/p/1HN4Y

Глобален договор за светска трговија - тоа е сонот на СТО. Пред 14 години членките на организацијата во Катар се договорија да ги укинат ограничувањата за трговија и да поттикнат отворање на пазарите.

Целта на т.н. Доха-рунда (наречена по градот каде што се одржуваше конференцијата) која не е променета до денес гласи: опсежна либерализација на глобалната трговија. Истовремено, треба да се поврзат и да им се даде поддршка на земјите во развој. Царините, како и ограничувањата на извозот и увозот, би требало да се укинат. Западот бара слободен пристап до стоки и услуги на пазарите на земјите во забрзан подем. Тие, пак, бараат укинување на аграрните субвенции од страна на ЕУ и САД и целосно отворање на нивните пазари за земјоделски производи од земјите во развој.

Десетта СТО-конференција во Најроби

Пробив тешко дека ќе биде постигнат и на 10. конференција на СТО која се одржува од денеска до 18 декември во Најроби. Но, дипломатите за трговски прашања од 162 земји членки на СТО ќе се обидат барем да ја одржат во живот Доха-рундата.

Сепак, нема многу простор за оптимизам, оценува во разговор за ДВ Хериберт Дитер, експерт во фондацијата Наука и политика. „Позитивна варијанта би била одржување во живот на Доха-рундата и договор за некои поситни чекори. Негативно сценарио би било распад на СТО.“ Во таков случај светот во иднина би се концентрирал исклучиво на договори меѓу одделни земји или региони, т.н. билатерални договори за повластена трговија, смета Дитер.

И покрај ова, конференциите за светска трговија во рамките на СТО имаат висока вредност кај експертите, особено ако на работите се гледа од аспект на посиромашните, послабите земји. Помалите земји, на пример од африканскиот континент, не се дел од голем број проекти, без оглед дали се работи за трансатлантскиот трговски договор ТТИП или транспацифичкиот ТПП.

Bildgalerie Ursachen von Armut: Welthandel
Помалите земји не се дел од голем број проектиФотографија: picture alliance/dpa

Постои опасност токму тие земји наместо да се поврзат, да бидат истуркани на периферија. Тоа е проблематично. „Во овие билатерални договори помалите се запоставени“, нагласува Дитер. „Само СТО, само мултилатерална трговска рунда може да обезбеди место за помалите земји во светската трговија.“

Во спротивно, тие би биле сосема на маргините. Тоа, со оглед на актуелната дискусија, е особено чудно. Од една страна, се прават големи напори за борба против причините за бегство на милиони луѓе од нивните татковини и за поддршка на економскиот развој на сиромашните земји. Од друга страна пак, постојат овие големи трговски договори, кои врз основа на цела низа механизми доведоа до тоа помалите земји да имаат полоши развојни перспективи. „Тоа не оди едно со друго и е спротивно на една кохеретна политика“, вели Дитер.

Дваесетгодишен јубилеј

Во моментов се води особено жестока дискусија за аграрните субвенции. Посиромашните земји, предводени од Индија, сакаат воведување посебни заштитини механизми при поголем пораст на увозот на прехранбени намирници. Американците тоа го отфрлаат, а и Европејците. Разлики постојат пред се‘ по ова класично прашање на регулација на увозот на прехранбени намирници. „Проблемот е што нема подготвеност за концесии од страна на индустриските земји по ова прашање“, потенцира Дитер.

China Symbolbild Einbruch Wirtschaft Export Börse
Има многу регионални договори за слободна трговија, па оттука билансот на СТО е просеченФотографија: picture-alliance/dpa/Wang Chun

На 10. конференција за светска трговија СТО во Најроби го прославува и својот 20-годишен јубилеј. Кога беше основана во 1995 година организацијата броеше 120 земји членки, а сега има 162 членки. Значи, СТО останува и натаму атрактивна. Од друга страна меѓутоа, не и‘ успеа да се претвори во единствен форум во кој ќе се разговара за идната регулација на светската трговија. Хериберт Дитер става сол токму на оваа рана: „Има многу регионални договори за слободна трговија: 400 се веќе во сила, а за над 200 во тек се преговори, па оттука билансот на СТО е просечен.“