1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српскиот воз кој не вози никаде

БГ
16 јануари 2017

Големо внимание во германските медиуми предизвика викенд- епизодата со српскиот воз кој се упати кон Косово, но не стигна до крајната дестинација. Се работи за театар, но со можни тешки последици за целиот регион.

https://p.dw.com/p/2Vqyv
Serbien Zug mit der Aufschrift  "Kosovo ist serbisch" im Bahnhof von Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Франкфуртер алгемајне цајтунг во текстот под наслов „Фрагилниот Балкан“ предупредува дека спорот околу возот меѓу Србија и Косово е симптом на кризата која му се заканува на Балканот. Евентуалната ескалација во Македонија би можела да го загрози целиот регион, пишува ФАЦ.

„Борбените зборови кои во текот на викендот беа изговорени меѓу Косово и Србија, беа пред сѐ театарска претстава. Не е веројатно дека ќе дојде до насилство меѓу двете земји. Но, овој случај покажува колку се кревки мирот и стабилноста на Балканот. Спорот околу железничката линија меѓу Белград и Северно Косово каде се населени Срби, не е лакрдија, туку опасен симптом на кризата. Да стануваше збор само за една обична сообраќајна врска, проблемот ќе беше решен прагматично како што се решени и многу други во изминативе години. Но, Србија направи провокација испишувајќи ја паролата „Косово е Србија“ на возот- а Косовците подготвено ја прифатија топката.
Соочени со економска стагнација и корупција на политичките елити, растат тензиите и во другите балкански држави. Пред сѐ, огорчената борба за власт во Македонија, во која се експлоатираат етничките поделби, го има потенцијалот да го повлече целиот регион во вителот“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Зидојче цајтунг во два текста го анализира и коментира последниот судир на линија Белград-Приштина. Во текстот под наслов „Возот кој не води никаде“ пишува:
„По 18-годишен прекин, Србија во саботата сакаше повторно да почне со железнички сообраќај со Косово- пропаганден воз во боите на српското знаме. По жестоките реакции на соседите, српскиот премиер Александар Вучиќ сепак нареди возот да се запре пред самата граница. Тој ја обвини Приштина дека испратила специјални полициски сили на границата за да испровоцираат судир. Возот со натпис 'Косово е Србија' на повеќе јазици требаше да вози до Косовска Митровица“. 

Tаму каде што ЕУ сѐ уште значи надеж

Истиот весник во коментар се осврнува и на кусогледата политика на ЕУ кон Балканот.
„Колку и да беше евтина оваа провокација и колку и да е апсурдно инсценирањето на Србија како миротворец- овој воз не беше само лакрдија. Тој беше потсетување на тоа дека мирот во Европа е резултат на болни компромиси. Соработката меѓу Србија и Косово се базира на ветувањето дека обете ќе бидат дел од ЕУ. А за ароганцијата и кусогледоста, која тука ја уништува ЕУ одвнатре, нема во општеството први да платат разни Фаражи, Лепеновки и Петриевки. Распадот ќе почне на периферијата- таму каде што ЕУ сѐ уште значи надеж“, пишува Зидојче Цајтунг.

Тагесцајтунг, во коментар, го оценува испраќање на возот како „намерна провокација“ од страна на Белград. „Секако дека се работи за смислена провокација, секако дека можеше да се претпостави дека косовската влада нема да го пропушти, и секако дека не се работеше за слободен превоз на лица меѓу две земји.
Српскиот моќник Александар Вучиќ, кого ЕУ многу го фалеше поради својата мирнодопска политика, моќникот Вучиќ како да сака да покаже дека може и поинаку. Уште пред српскиот православен воз, во Франција беше уапсен експремиерот на Косово, Рамуш Харадинај- врз основа на српски налог за апсење, во кој Белград го товари за воени злосторства. И тоа беше сфатено како тешка провокација во Приштина“.

„Единствено логично објаснување за српската провокација со возот е дека Вучиќ сака да изврши притисок врз ЕУ за таа да ѝ излезе во пресрет на Србија. Но, тоа е играње со оган со српското малцинство во Косово и со албанското на југот на Србија, кое лесно може да излезе од контрола. За промена, Брисел треба правовремено да реагира и да влијае врз двете страни за смирување на состојбата. Во спротивно, потоа повторно сите ќе се чудат како можеше да дојде до толку тешка криза“, пишува Тагесцајтунг.