1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Со бојкот против матурата

ДТЗ /ДВ
25 јануари 2021

Од МОН ги повикуваат средношколците да се вратат на настава. Им порачаа дека  пропуштените часови ќе мора да се надополнат

https://p.dw.com/p/3oOH5
Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview
Министерката за образование Мила ЦаровскаФотографија: DW/K. Delimitov

Бран на незадоволство повторно го заплиснува образованието. По бурните реакции за реформите во образовниот процес и спојувањето на одредени предмети, деновиве Министерството за образование повторно е во фокусот на вниманието поради бојкотот на наставата на средношколците. Второто полугодие се уште не е започнато за дел од матурантите коишто одлучија да не се вклучуваат во онлајн-наставата, со што го пролонгираа зимкиот распуст, испорачувајќи неколку барања до надлежните. Организирани од Сојузот на средношколци бараат да полагаат два наместо четири предмети од државната матура, но наидоа на цврст став од Министерството за образовани и наука кое не отстапува дека годинава нема да има измени во бројот на испити, но дека ќе се полага по скратени програми. Од МОН ги повикуваат матурантите да се вратат на настава. Им порачаа дека пропуштените часови и наставни содржини ќе мора да се надополнат. 

Државната матура е изборна

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска повтори дека државната матура е изборна, а нивна обврска е да го овозможат правото на полагање на матурата, особено на оние ученици коишто сакаат да го продолжат своето образование во високообразовни установи во земјава или надвор од неа. Таа ги повика учениците да ги прочитаат концепцијата за матура и законот и да одлучат на кој начин ќе полагаат матура годинава.

-повеќе на темата: Ковид-19 ги менува законите за основно и средно

Додека средноколците најавуваат дека бојкот има во речиси сите градови, министерката тврди дека не се точни информациите дека дури 70 отсто од учениците ја бојкотираат наставата. „Средното образование е задолжително во државата и токму затоа е важно да го почитуваме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура. Утрово имав состанок со сите директори на средните училишта, нема бојкот на 70 проценти, туку само на дел од учениците. Важно е дека нашата обврска како Министерство за образование и наука и на општините, е да им го обезбедиме правото на учениците кои сакаат да полагаат матура“, рече Царовска денеска на промовирањето на проектот за поставување на заштитни паравани во основните училишта во Општина Чаир.
Таа изминативе денови имаше континуирани средби и разговори со Сојузот на средношколци. Тие имаат различни размислувања и барања. „Последен пат имавме состанок минатата недела, каде што утврдивме дека матурата оваа година се одвива согласно законот“, вели Царовска. Според неа, учениците што не сакаат да полагаат државна матура имаат можност, согласно концепцијата за матура, да полагаат училишна матура, таму има два предмета и проектна задача или оние што се во стручни училишта имаат можност да полагаат стручен испит. Минатата година, вели таа, Северна Македонија била негативен исклучок во регионот и во светот со неполагањето матура, поради што македонските ученици не успеале да се запишат на високорангирани универзитети во светот затоа што немале положен матурски испит.

Nord-Mazedonien Skopje | Schüler Proteste gegen online Unterricht
Протести на средношколци против онлајн наставата. Скопје, август 2020Фотографија: DW/P. Stonajovski

Притисоци за прекин на бојкотот

Сојузот на средношколци, пак, тврди дека има бојкот на наставата во повеќе градови. Тие обвинуваат дека учениците се соочуваат со притисоци да го прекинат бојкотот и се санкционираат со неоправдано отсуство. Тие бараат надлежните да ги слушнат нивните барања и да им излезат во пресрет.

„Да, државната матура е ‘право на избор и тоа право е неприкосновено’. Државната матура ја полагаат ученици кои сакаат да го продолжат своето образование. Сепак, аргументот дека учениците во месец декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар“, реагираат од Сојузот на средношколци по изјавата на министерката за образование, Мила Царовска, дека Министерството има законска обврска да го организира полагањето на матурата.

-повеќе на темата: Заврши распустот за учениците- почнуваат реформите во образованието

„Во декември, матурантите не беа сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата (имаше матуранти кои бараа нејзино откажување). Токму затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина. Повторно користејќи го податокот за ‘над 14 илјади матуранти’, статусот вели: „Нема причини за откажување на матурата’. Тука нагласуваме дека Сојузот на средношколци не се залага за откажување на матурата. Сојузот не ги поддржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има“, реагира Сојузот. Тие велат дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година.

Сојузот не се согласува дека бојкотот е неоправдан и сметаат дека предложените измени од страна на средношколците се целосно разумни и ја зачувуваат сериозноста на образовниот процес и интересот на учениците со оглед на „(не)квалитетот на наставата од далечина“.Средношколската унија во Македонија најави и ја бојкотира наставата со барање за олеснување за матурантите за полагање на матурата. Бараат матурата да се состои од проектна задача и полагање на 2 предмети наместо четири и тоа: еден задолжителен - мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и уште еден, кој што ќе биде соодветен за понатамошен упис на факултет, за оние кои што планираат да го продолжат своето образование.

Според податоците на училиштата, полагање на матура имаат пријавено над 14.000 матуранти, а испитите ќе се одржат според концепцијата утврдена уште на почетокот на оваа учебна година. Државниот испитен центар во ноември ги објави и термините за испитите од трите екстерни испити кои ќе се полагаат од 29 мај до 14 јуни 2021. Од МОН посочуваат дека во концептот за матура предвидена е и училишна матура, која е избор на учениците што нема да полагаат државна матура. Таа опфаќа избор само на дава предмета (задолжителен и изборен) и проектна задача. Исто така, матурантите од средните стручни училишта имаат можност да изберат и завршен испит, со истиот концепт од два предмета, задолжителен и изборен и проектна задача.

Поддршка за матурантите 

„Ги поддржуваме матурантите во нивните барања и сметаме дека тие се разумни и реални, а Царовска веднаш да им излезе во пресрет на барањата“, порача денеска Милка Тримчевска од ВМРО-ДПМНЕ. Според неа, учебната година почна со еден месец задоцнување, и часот трае 30 до 35 минути, што значи скратување на наставните денови од 180 на најмалку 159 и од 166 на најмалку 145 за матурантите. Средните стручни училишта останаа со минимална или никаква пракса. „Во наставниот процес се појавува како кусок на содржини, така и настава без повторување, а да не зборуваме за она што веќе многу пати е кажано, техничките потешкотии и пропустите во онлајн наставата.
На учениците вклучувајќи ги и матурантите министерката Мила Царовска им вети скратени програми. За волја на вистината од испитната програма се исклучени неколку содржини од предметот македонски јазик и литература и толку. За сите други предмети скратени програми - нема“, вели таа.

УНИЦЕФ повика на реформи во образованието

„Да се обнови и да заживее образованието за генерацијата на Ковид-19“, е глобалната тема на Меѓународниот ден на образованието годинава. УНИЦЕФ ги повика македонските власти да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените. „Дури и пред Ковид-19, постоеше образовна криза, при што според последните резултати на ПИСА, над половина од петнаесетгодишните ученици во земјава не успеаја да покажат дека ги совладале основите на читање и математика“, стои во изјаваа на претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани.

-повеќе на темата: Реформа на наш начин: Од вревата не се слушаат аргументите

Според неа, пандемијата предизвика невидено нарушување на образованието во светот.
„Нееднаквиот пристап до можностите за далечинско учење, загубата на приходи во домаќинствата, дискриминацијата и слабите услуги на социјална заштита значат дека најранливите деца заостануваат далеку зад своите врсници и многу од нив се во ризик од целосно напуштање на образованието“, смета Ди Џовани.
Во нивната скорешна анализа на образовниот систем во земјата, спроведена заедно со ОЕЦД, тие посочија на бројни негативни аспекти во развојот на образованието.До 14-та година од животот, учениците во основното образование добиваат речиси 900 часови помалку настава споредено со другите земји на ОЕЦД. Оценувањето не е засновано на утврдени национални наставни стандарди и не пренесува веродостојни и целесообразни информации за успехот на учениците. Само 28% од децата со попреченост посетуваат основно образование. Нема доволно финансиски средства за поддршка на висококвалитетна настава и обезбедување подобри можности за учење на сите ученици, се наведува во анализата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи