1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија се срами од антифашизмот

15 декември 2011

Донесувањето на законот со кој на мала врата се рехабилитираат соработниците на нацистичките окупатори од Втората светска војна е само уште аргумент во прилог на тезата дека Србија се срами од антифашистичкото минато.

https://p.dw.com/p/13SOK
Фотографија: AP

Социологот Мирко Ѓорѓевиќ вели дека не треба да изненадува тоа што Србија толку бавно напредува кон ЕУ, бидејќи ЕУ се темели токму на традициите на антифашизмот, додека во земјата постои широк круг на политички партии и јавни институции кои не го кријат своето антиевропско расположение.

„Тоа ја прави парадоксална состојбата во Србија и уште помалку разбирлива. Изгледа дека ние се загубивме во просторот и во времето и дека не го препознаваме ниту блиското минато, а уште помалку знаеме за подалечното минато на оваа земја, чија историја се фалсификува. Ние несомнено имаме и светли страници во нашата историја. Мислам дека таа историја заслужи подобро од ова што сега го имаме во владата и околу владата и во институциите“, вели Ѓорѓевиќ. 

Mahnmal im ehemaligen Konzentrationslager Staro Sajmiste in Belgrad
Антифашистички споменик кај старото сајмиште во БелградФотографија: AP

Политикологот Павел Домоњи вели дека е апсурдно тоа што Србија се срами од сопствениот антифашизам.

„Србија е потполно дезориентирана, загубена и несреќна земја. Тоа е веројатно единствената земја во Европа која се срами од својот антифашизам, значи се срами од она најдоброто во нејзината модерна политичка историја, кога токму благодарение на партизанскиот антифашизам беше во самиот шпиц на европската историја и потполно рамноправна и со најмодерните европски народи“, вели Домоњи.

Историскиот ревизионизам опасен за регионот

Книжевникот Филип Давид вели дека во Србија е се’ поприсутен историскиот ревизионизам, кој не е опасен само за Србија, туку и за односите во регионот.

„Доколку го рехабилитирате Дража Михаиловиќ, а четништвото во последните судири на просторите на екс-Југославија повторно стана пример за злосторства, тогаш ги заострувате односите со Босна и Херцеговина и со Хрватска. Со самото тоа, помирувањето и натамошната соработка доаѓаат во прашање, и затоа тоа е многу опасно“, смета Давид.

Тој додава дека во Србија е на сцена филозофијата на паланката, слично како во делата на неодамна починатиот Радомир Константиновиќ, која во крајна линија може да произведе и отворен фашизам.

Gedenken an General Mihajlovic in Serbien Srebrenica Bosnien Mladic Karadzic
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа е страв од надворешниот свет, затворање, ксенофобија. Ние сме си доволни самите на себе, светот не‘ мрази затоа што сме подобри од целиот свет, итн. Сето тоа води кон еден вид фашизам. Бидејќи фашизмот и нацизмот можат да постојат во многу различни форми и се прилагодуваат кон различни ситуации“, заклучува Давид.

За потсетување, во изминатите години властите во Србија пропуштија да се појават на одбележувањето на годишнината од ослободувањето на Аушвиц и на Големата антифашистичка парада во Москва.

Последниот во низата симболични удари над антифашизмот го зададоа крадци кои од спомен-паркот Шумарица кај Крагуевац, посветен на жртвите на фашизмот, го украдоа дури и вечниот пламен!

Автор: Динко Грухоњиќ/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска