1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и геноцидот во Сребреница

10 јули 2010

Како во Србија се гледа на геноцидот во Сребреница? Која е позицијата на државата? Дали промените во перцепцијата на граѓаните се видливи или не? Вистината е некаде на половина пат, тврдат од невладиниот сектор.

https://p.dw.com/p/OFG3
Фотографија: DW

Степенот на одговорноста за она што се случи во Сребреница денес е многу поголем, отколку што беше порано, вели Милјенко Дерета, директор на „Граѓанската иницијатива“. Мислам дека на целиот тој страшен случај во Србија му се приоѓа на помирен и порационален начин, за што подеднакво се заслужни политичарите на власт и цивилниот сектор. Потврда за ова е донесувањето на собраниската Резолуција за Сребреница и најавеното присуство на претседателот на Србија Борис Тадиќ во Сребреница на одбележувањето на годишнината на 11 јули.

Dossierbild Srebrenica 1995 2010 Teil 1
Фотографија: AP

Тие придвижувања се значи видливи, но сепак им недостасува нешто, оценува Дерета: „Тоа, по мое мислење, се’ уште не е до крај искренa и целоснa емпатија. Недостасува одлучност и храброст геноцидот да се нарече со вистинското име, онака како што го дефинираше судот во Хаг, и јасно да се именуваат одговорните. Тоа мора на некој начин јавно да се искаже низ некои симболички гестови, на пример денот кога е извршен геноцидот во Сребреница да се прифти и да се одбележи како во цела Европа, како ден на кој се потсетуваме на сите жртви кои падна во војните во деведесетите,“ вели Дерета.

Потсетување на злосторот - закана?

Акциите, кои невладиниот сектор ги спроведуваше на тема потсетување на геноцидот во Сребреница, покажуваат дека во изминатите 15 години не се промениле многу работи, оценува од друга страна Милош Урошевиќ од невладината организација „Жени во црно“. Граѓаните на Србија не покажуваат желба да учествуваат во такви акции и со тоа покажуваат недостиг на солидарност со оние кои страдаа и ја преживеjаа Сребреница. Исто така големото присуство на полицијата на таквите комеморативни собири покажува дека потсетувањето на злосторите се смета за закана, вели Урошевиќ: „Полициското присуство зборува за тоа дека не сакаат да ги тргнат од улица клерофашистичките и клеронационалистичките групи. Наместо тоа сакаат да не’ издвојат и да не’ претстават како некој, кој всушнот го пореметува општествениот консензус, кога е во прашање војната и српската агресија на просторот на поранешна Југославија.“

Srebrenica
Фотографија: DW

Сребреница не смее да му се препушти на заборавот, додава Дерета, за такво нешто никогаш да не се повтори. Од тој аспект, смета дека е многу важно Сребреница да се најде во образовниот систем и во учебниците. „Потребен е начин да се информираат младите генерации дека Сребреница се случи, да се даде вистинска проценка на она што се случи и да се стави во контекст, во кој тоа се случило, како и злосторството да се осуди. Сребреница се’ уште не е во нашиот образовен систем како препознат случај, како осуден случај, за кој може и мора да се разговара и за кој мора да се заземе јасен став. “

Милјенко Дерета оценува дека бројот на граѓаните кој сака активно да учествува во сеќавањето на Сребреница не смее да се поистоветува со општото расположение на граѓаните. Тој смета дека поголемиот број граѓани сочувствува со жртвите од Сребреница. Од друга страна, многу е важно што државата сериозно се обидува да го заштити тоа мислење, иако во моментов е во малцинска позиција во Србија, вели Дерета.

Автор: Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев