1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Срамежливи и асексуални“

18 март 2010

Што мислат доселеничките во Германија за германските мажи? Тие се во ред, но му содвтствуваат на клишето што важи за нив - тоа барем го тврдат три жени, со кои поразговара Симоне Шмолак.

https://p.dw.com/p/MVn3
Фотографија: Bilderbox

Лизбет Еспендру доаѓа од Куба. Мажена е со Германец, има 35 години и работи како дизајнерка. Во Германија живее од 1995 година:

„Многу кубански жени кои се во брак со германски маж и со него дошле во Германија, тврдат дека тука нивниот сопруг е многу поинаков, од оној кој го сретнале во Куба. Во Германија мажот мора да работи многу, тој е сериозен и напнат. Освен тоа тој е многу скржав. Во Куба тој беше сосема спротивното: многу се смееше и уживаше во животот. Неговиот живот беше одмор. Многу германски мажи очигледно се грижат за иднината. Не работат за да уживаат во заработените пари, туку штедат за пензија, за куќа, за социјално осигурување. Тоа нервира по малку! Скржавоста ги прави мажите многу непривлечни. И згора на тоа одвоените сметки: многу е непријатно кога во ресторан секој да плаќа за себе. Такво нешто никогаш не би допуштил некој кубански маж.

Symbolbild Gehaltserhöhung / Lohnerhöhung
Фотографија: picture alliance/chromorange

Германските мажи понекогаш изгледаат асексуално. Првпат кога се вратив дома, откако пред неколку години се преселив во Берлин, па се прошетав по улиците на Хавана, мажите свиркаа по мене. Бев сосема изненадена и помислив: какви мачо типови се тоа? Заборавив дека свиркањето е нормално во Куба, дека тоа е начин како мажите покажуваат дека ценат некоја жена и со тоа и' покажуваат дека е убава. Некои коментарите на кубанските мажи навистина ми пречат, бидејќи се многу недолични - таквите се разбира не ми недостасуваат во Германија. Овде свиркањето се избегнува, важи за израз на сексизам. Од друга страна, германските мажи знаат да бидат многу срамежливи: ќе се заљубуваат во некоја жена и не знаат како да и' пристапат. Понекогаш се навистина невешти, бидејќи не знаат јасно да кажат што сакаат. Попрво не прават ништо, отколку да направат грешка“ - појаснува 35 годишната дизајнерка Лизбет Еспендру од Куба.

На наредната страница прочитајте за искуствата на една Полјачка

Малгорзата Левандовска, има 37 години, по професија е преведувачка, доаѓа од Полска и живее во Германија од 1992 година.

„Германските мажи се во предност во однос на полските во една работа: не се мамини синчиња. Кога дојдов во Германија да студирам, се вселив во стан заедно со двајца момци од Полска. Еднаш дојдов од факултет дома, ја отворив вратата од станот и помислив дека сум го згрешила спратот. Некоја за мене сосема непозната жена го триеше подот. Но, не погрешив. Тоа беше мајката на еден од моите состанари. Тој и' се пожалил по телефон дека му дошол редот за чистење на заедничкиот стан. И мајка му веднаш дошла. Додека таа чистеше двајцата момци седеа пред компјутер во другата соба.

Symbolbild Männerdominanz Gender Mainstreaming Gleichberechtigung
Фотографија: Bilderbox

Такво нешто никогаш не би направил германски маж. Барем јас не познавам некој, кој би сторил такво нешто. Многу германски мажи се посебно внимателни кога станува збор за родовите улоги. Тука се гледа влијанието на женското лоби и феминизмот во Германија. Најголемиот дел од геманските мажи сфатиле дека може да излезат на крај со жените ако се фер. Но, како последицата од тоа тие често и не забележуваат ако на некоја жена и' е потребна помош. Еднаш во воз се обидов да го сместам мојот тежок ранец горе во местото за багаж. Тројца мажи стоеа до мене и гледаа како се обидувам. Ниту еден не се мрдна од место. Секој маж од Полска напротив веднаш би ми го зел ранецот од раце и уште би прашал дали може нешто друго да направи за мене. Ова звучи како клише, секако дека сите мажи не се исти, ни германските, ни полските. Од друга страна, маж од Полска би се сметал за џентелмен и ако и’ ја носи ташната на својата жена. Мене би ми било срам од такво нешто!“ - вели 37 годишната Малгорзата Левандовска, по потекло од Полска.

На нареднaта страница прочитајте за искуствата на една млада жена од Грција

Далила Ројбен-Шемија, е студентка, има 21 година, доаѓа од Грција и во Германија живее од 2004 година.

„Германскиот маж е мирен, рационален, разумен и човек од доверба. Помага во домашните работи и се грижи за децата. Германскиот маж носи кошули и ја зачешлува косата наназад. Тој поретко се истакнува со физичка сила, а почесто со своето знаење: покажува колку е паметен и на тој начин се обидува да ја придобие жената. Сака да биде толерантен и напреден, но тоа не му успева многу. Не поднесува, на пример, кога партнерката заработува повеќе од него и ако е поуспешна во кариерата. Германскиот маж тоа не го кажува гласно, бидејќи е свесен оти тоа би било израз на шовинизам.

Vater mit Kinderwagen
Фотографија: Bilderbox

Четири години имам германски дечко. Со грчките мажи не можам да започнам врска. Тие се нетрпеливи, премногу гласни и секогаш сакаат да се во право. Човек треба да се дере кога дискутира со нив. Грчки маж никогаш не би туркал детска количка во јавност. Во Германија напротив секој ден се среќаваат татковци со нивните ќерки и синови. Поради тоа германските мажи се папучари во очите на Грците. Но, што е тоа што некој маж го прави вистински маж? Гркот тоа би го дефинирал преку одбивањето да прима наредби од кого било, особено не од жена. Притоа многу грчки мажи до својот брак живеат во еден вид продолжен ’хотел мама’. За мене мажот е маж ако има визии и го зема животот во свои раце. Ми се чини дека германскиот маж ги потиснува чувствата, на пример лутината. Но, не го прави тоа бидејќи смета дека тоа не е убаво за него, туку затоа што тоа им пречи на другите. Многу германски мажи постојано размислуваат за тоа што мислат другите за нив. Можеби добро би им дошло малку опуштање“, порачува 21-годишната Далила Ројбен-Шемија, која доаѓа од Грција и во Германија живее од 2004 год.

Автор: ТАЦ

Превод: Ана Стојиловска

Редактор: Александра Трајковска