Спречен терористички напад во Франција
21 ноември 2016Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев денеска соопшти дека француската полиција спречила планиран терористичкот напад во Стразбур. Уапсени се седум лица во Стразбур и Марсеј, по потекло од Франција, Мароко и Авганистан, на возраст меѓу 29 и 37 години. Апсењата се извршени во текот на изминатата ноќ. Според министерот за внатрешни работи, терористичката акција била „планирана подолго време на наша територија“.
Нема информации која била конкретната цел на планираниот напад. Во Стразбур на крајот од неделава почнува познатиот Божиќен панаѓур, кој годишно привлекува по околу два милиона посетители. Во декември 2000 година една алжирска група планираше напад брз Божиќниот панаѓур, но беше разоткриена.
Од почетокот на 2015 година Франција беше погодена од низа исламистички напади. Најкрвавите атентати се случија на 13 ноември 2015-та во Париз, кога беа убиени 130 луѓе. На 14 јули годинава, напаѓач во Ница со камион уби 86 луѓе. Според наводи на француски иследници, годинава во Франција се спречени речиси 20 планирани напади.