1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски: постојат реални и директни закани кон пратеници

БГ
22 октомври 2018

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска потврди дека пратениците кои гласале за уставните измени се под постојана закана. Тој уверува дека МВР ќе ги заштити сите кои се во опасност

https://p.dw.com/p/36vxh
Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Сите 80 пратеници кои гласале за уставните измени во Собранието се под засилено обезбедување на Министерството за внатрешни работи, соопшти денеска министерот Оливер Спасовски. Тој рече дека заканите доаѓале од „група блиска до иницијативата Бојкотирам“. Станувало збор за закани по живот и по имотот на повеќе пратеници од страна на оваа група.

„Се додека има такви закани, пратениците ќе бидат обезбедувани“, вели Спасовски. Министерот тврди дека станува збор „за реални и директни закани кон пратениците“.

Потсетувајќи дека вчера бил извршен претрес во домот на лице кое ширело закани преку социјалните мрежи, тој порача дека нема „да се дозволат говор на омраза и закани кон граѓаните“, без оглед на нивните политички ставови.

На денешното рочиште за упадот во Собранието на 27 април, во судот беше забележливо зголемено полициско присуство околу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ги поддржаа уставните измени: Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

Пратеникот Арнаудов пред почетокот на рочиштето пред медиумите го објаснуваше и прогласот кој викендот го објавија обвинетите и притворените за случајот 27 април. Арнаудов ги отфрли информациите дека тој и неговите колеги добивале закани или примили пари за да гласаат за уставните измени. Тој порача дека писмото испратено до јавноста треба внимателно да се прочита и истото го оцени како „многу добро“.

Министерот Спасовски денеска изјави дека нема информации дека на некои пратеници им било нудено мито и рече дека тоа е работа на Јавното обвинителство. Тој ги повика сите пратеници на кои им бил нуден поткуп самите да пријават такви случаи до надлежните органи.