1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Солидарност‘ го промени модерниот свет“

31 август 2005

– оцени денеска претседателот на Полска Александар Квашњевски на свеченоста по повод 25-годишнината од формирањето на првиот независен синдикат во една комунистичка земја. Државни гости од речиси 30 европски земји, меѓу нив и германскиот сојузен претседател Хорст Келер, му оддадоа признание на синдикатот „Солидарност“, чие основање претставуваше победа на полското слободарско движење.

https://p.dw.com/p/AcCw
Лех Валеса, некогашен штрајкувачки и синдикален водач, подоцнежен претседател на Полска
Лех Валеса, некогашен штрајкувачки и синдикален водач, подоцнежен претседател на ПолскаФотографија: AP

Идејата на синдикатот „Солидарност“ е „најважен одговор на глобализираниот свет на 21-от век“, рече претседателот Квашњевски, додавајќи дека неговата „порака живее и натаму, како што неодамна видовме и за време на портокаловата револуција во Украина“. „Без вжештениот Гдањск од 1980-та, ќе го немаше ни студениот Киев во 2004-та година“ – нагласи Квашњевски.

Некогашниот претседател на Полска Лех Валеса повика „да не ја изиграме големата шанса, што стоеше тогаш пред нашата победничка генерација“. Валеса го предводеше штрајкот на работниците од бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск и на денешен ден пред 25 години со тогашниот премиер Мјечислав Јагиелски го потпиша „Договорот од Гдањск“, со кој за прв пат во некоја комунистичка земја се гарантираше слободен синдикат.

Германскиот претседател Хорст Келер нагласи дека „Солидарност“ стана светски симбол на слободата. Полјаците на крајот не се ослободија само себе си, туку придвижија еден процес од значење за светската историја, кој и денес уште дејствува“ – рече Келер, укажувајќи на настаните во Украина и Грузија. Тој и’оддаде признание на улогата на Полска во обединувањето на Европа и повторното обединување на Германија.

„Солидарност‘ не значи само слобода, туку и одговорност“ – нагласи поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел и побара знаци на јасна поддршка за луѓето во Белорусија, Бурма, Куба или Северна Кореја, во кои, како што рече, луѓето не се слободни.

Порака по повод јубилејот упати и Папата Бенедикт 16-ти: „Солидарност“, со поддршка од Црквата, постигна не само во Полска пресврт каков што не можеше да се претстави и го отвори патот кон слобода и демократија – вели меѓу другото Папата во пораката.

На плоштадот пред гдањското бродоградилиште се собрани илјадници луѓе. Кога пристигнаа официјалните гости за да учествуваат на миса под отворено небо, со минути одекнуваа свирежи. Работниците, кои стравуваат за своите работни места, протестираа против присвојувањето на „нивната“ идеја од страна на политичарите.