1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Смртоносно човечко стампедо во Италија

СН/ агенции
8 декември 2018

Концерт во преполна дискотека кај италијанскиот пристанишен град Анкона. Кога некој наводно прснал солзавец, се создала масовна паника. Притоа животот го загубија повеќе млади луѓе.

https://p.dw.com/p/39hzl
Italien Unglück - Panik in Nachtclub in Corinaldo bei Ancona
Фотографија: Reuters/Vigili del Fuoco

Во метеж во ноќниот клуб во местото Кориналдо во близината на Анкона загинаа шест лица, од кои петмина малолетници, додека околу 120 луѓе се повредени, соопштија локалните власти.

Полицијата соопшти дека животот го загубиле три девојки, две момчиња и една жена, мајка која со ќерката дошла на концерт во клубот, а во тешка состојба се 14 повредени лица. Според наводите на противпожарната служба повредените биле пренесени во околните болници на брегот на Јадранското море.

Пожарникарите не можеа ги да потврдат наводите на преживеаните оти најмалку еден излез за во случај на опасност во дискотеката „Лантерна Аѕура“  бил блокиран или нефункционален, но наведоа дека сите влезови во клубот биле отворени кога стигнале спасувачките тимови.

Italien Massenpanik in Diskothek in Corinaldo
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Ancona Today/S. Pagliarini

Исто така, не се потврдени ни тврдењата оти масовната паника предизвикало користење на солзавец во спреј.

Италијанската новинска агенција АНСА пренесе дека на концертот на раперот Сфера Ебасте имало околу 1.000 посетители и оти луѓето се упатиле кон излезите откако некој прснал супстанца слична на солзавец.

Случајот во Кориналдо потсетува на масовната паника во Торино во јуни 2017 година при следењето во живо на отворено на финалето на Лигата на шампионите. Тогаш банда грабливци испрска солзавец во толпата луѓе, во обид да ги ограби. Притоа во човечко стампедо повредени беа 1500 луѓе а една жена почина од инфаркт.