1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смислена драматургија на Србија и Косово?

Ивица Петровиќ
28 март 2018

Најавата на Српската листа - а всушност на претседателот Вучиќ - дека ќе ја собори косовската влада отвора дилема: или реакцијата е изнудена или судирот е режиран за и Белград и Приштина полесно да ги проголтаат жабите.

https://p.dw.com/p/2v6U0
EU verzögert Kandidatenstatus Serbiens bis 2012
Фотографија: picture-alliance/dpa/Valdrin Xhemaj

Влезот на српската делегација на северот на Косово и покрај забраната на Приштина, шок-бомбите и бруталното апсење на Марко Ѓуриќ, шеф на Канцеларијата за Косово и Метохија, ги носат и првите политички последици. По консултациите со претседателот на Србија, Алексанар Вучиќ, претставниците на Српската листа одлучија да ја напуштат Владата на Косово, што веројатно ќе значи и пад на владата на Рамуш Харадинај.

Најавено е дека на 20 април, пет години од потпишувањето на Бриселскиот договор, самостојно ќе биде формирана Заедницата на српски општини (ЗСО). Во мисија на гаснење на пожарот во Белград пристигна и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Во краткото соопштение по средбата со Вучиќ стои дека „Могерини изразила жалење за она што се случило и додала дека такво нешто не смее да се повтори“. 

Драма во Митровица

Претседателот на Србија во посебна изјава ѝ се обрати на нацијата, изјавувајќи дека и најтешките проблеми мора да се решат со разговор и оти никогаш веќе нема да дозволи на Србите да им се случат Блесок и Бура.

Изнудена реакција или претстава?

Србија беше принудена да реагира на некој начин, оценува за ДВ политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ, а соборувањето на актуелната косовска влада е тој конкретен потег. „Ако Србија не направеше ништо, српското население на Косово ќе беше целосно деморализирано. Со тоа ќе беше испратена порака дека Србија не контролира ништо на Косово. Падот на владата на Харадинај ќе значи парализа на системот и на тој начин ќе се добие време за натамошни потези. Теоретски е можно со некои прегрупирања таа влада и да опстане, но сметам дека тоа е со краток здив и оти само би ги продлабочило политичките судири на албанската страна“, смета Анѓелковиќ.

Судбината на дијалогот Белград-Приштина сега е доведена во прашање: „Бриселскиот процес се засноваше врз гаранциите на Западот дека Србите на Косово ќе добијат некои свои институции, како и врз гаранциите дека косовските специјални сили нема да влегуваат на северот на Косово“, продолжува Анѓелковиќ. „Тоа беше прекршено и ако нешто не се почитува тогаш е и логично да говориме за крај на ваквиот модел на дијалог“, истакнува Анѓелковиќ

Повеќе:

-Драма во Митровица, ЕУ повикува на смирување на состојбата

-Србија и Косово далеку од нормализација на односите

-Вучиќ ќе мора да ја „голтне жабата“ за Косово

Постојат, се разбира, и теории според кои сѐ што сега се случува е резултат на договор на српските и албанските политичари, со цел едни на други да си го олеснат влечењето на тешки потези на внатрешен план. Така, во интервју за ДВ добро упатениот австриски дипломат Волфганг Петрич потврди дека за време на престојот во САД тајно се состанале Вучиќ и косовскиот претседател Хашим Тачи.

Со ваквата оценка се согласува и Слободан Јанковиќ, соработник на Центарот за конзервативни студии. Тој за ДВ рече дека апсењето на Ѓуриќ е изведено за во заднина да тргне реализацијата на приказната за ЗСО. „На тој начин тамошните лидери би покажале дека се решителни и оти спроведуваат нешто што таму е непопуларно. А од друга страна, владата и владејачката партија во Белград би можеле да кажат дека се под голем притисок, но оти на крајот е остварена ЗСО и поради тоа можеме да одиме натаму кон потпишување на правно-обврзувачки оговор, со цел во некоја недогледна иднина да напредуваме кон Европската унија“.

Kosovo Verhaftung Marko Djuric
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP Images/V. Kryeziu

Анѓелковиќ пак напоменува дека Бриселскиот договор е еден вид правно-обврзувачки договор. „Се покажа меѓутоа дека не е ниту обврзувачки, ниту пак некои фактори го сфатија како правен. Имавме изјава на Харадинај дека воопшто не го ни прочитал. Така што не мислам дека ова е крај на сѐ, но мислам дека е крај на овој модел на изнаоѓање на решение за Косово“, вели Анѓелковиќ.

Враќање на старите позиции

Во овој момент никој не знае како ќе се одвиваат работите натаму, но сосема е сигурно дека потезите на Приштина дополнително ја закомпликуваа ситуацијата. Тоа очигледно беше и причината за итното доаѓање на Федерика Могерини во Белград. Слободан Јанковиќ смета дека и тоа е дел од однапред одредена драматургија.

„Мене сето ова ми изгледа како претстава. Би сакал да не е така, ама ми изгледа дека е. Се разбира ЕУ ќе учествува во тоа. На Брисел му е важно Србија де факто да се одрече од Косово и Метохија, бидејќи потпишување на договор со Приштина подразбира и е де факто признавање на Косово како држава. Впрочем, самата таа ЗСО би требало да дејствува според Уставот на Косово, а тој Устав го дефинира Косово како држава, а не како автономна покраина на Република Србија“, истакнува Јанковиќ.

Во најлош случај работите ќе се вратат на состојбата од 2011 година, кога во српските средини на Косово беа актуелни барикади, проценува Драгомир Анѓелковиќ. „Тоа беше напрегната ситуација, во која секој го контролира својот простор, во која постојат некои ексцеси, но ништо повеќе од тоа“.

Serbien PK Federica Mogherini und Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/S. Ilic

Дали тоа значи дека ситуацијата за српската заедница на Косово сепак била нешто подобра за време на минатата власт, која сега се обвинува дека е одговорна за незавидната ситуација на Косово? И сегашната власт влезе во преговори и бараше локалните Срби да го следат тоа. „Новата власт од 2012 година не направи дисконтинуитет во однос на таа политика и ги продолжи преговорите. Така што, во таа смисла постои континуитет, и ако постои вина, таа постои и кај поранешната и кај сегашната власт во Белград“, истакнува Анѓелковиќ.