1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смешна претстава од Анкара

Матијас Белингер / превод: ЕМФ30 март 2016

Претседателот Ердоган излегува смешен со повикувањето на разговор на германскиот амбасадор поради сатирично видео. Германската дипломатија се обидува колку што е можно да го заштити од бламажа, оценува Матијас Белингер.

https://p.dw.com/p/1ILf2
Фотографија: picture-alliance/dpa/EFE/S. Silva

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е човек со многу непријатели. Поточно кажано, турскиот претседател е постојано во борба против заговори од секаков вид: проповедник од САД, кој наводно има обемен план да го собори од власт, неодмерени новинари, обвинители со скриена агенда, мрачни странски сили. Списокот на оние кои наводно му посакуваат лошо нему и на неговата земја е долг. Сега претседателот мораше да истрпи уште еден напад врз неговата чест.

Да му се смееш на некого од кого си зависен

Сатиричната емисија Екстра 3 на германската телевизија НДР се осмели во видеоспот да му се смее на турскиот владетел. На музиката од хитот на Нена „Некако, некаде, некогаш“ е снимен текстот „Шефот од Босфор“: „Новинар кој пишува нешто што на Ердоган не му одговара, утредента е веќе во затвор“, се вели во текстот. Или: „Еднакви права за жените, тие се и плескани.“ На тој дел од текстот се измонтирани снимки од полициското насилство употребено против демонстрациите на Денот на жената. Претседателот, толку барем е сигурно, на шегата не гледа позитивно. Уште минатата недела германскиот амбасадор е повикан на разговор за да му бидат изнесени поплаките.

DW Bölinger Mathias
Матијас БелингерФотографија: DW/C. Becker-Rau

Берлин е во тешка позиција. Зашто, фактот дека Европа, а особено германската влада, се зависни од Турција по прашањето на бегалците - или самите се направија зависни - е неспорен. Во моментот кога на турската влада ѝ ги предаде уздите на Блискиот Исток, Анкара доби огромен лост в рака. Така таа со ЕУ, меѓу другото, издејствува повторен почеток на преговорите за приклучување, иако земјата сѐ повеќе ги гази демократските вредности. „Биди фино шармантен, зашто тој те има в рака“, заклучува во видеото Екстра 3. На сликата се гледа Ангела Меркел која се ракува со автократскиот претседател.

Ердоган покажува дека му недостига величина

Германското Министерство за надворешни работи во меѓувреме ја потрвди средбата на Ердоган и германскиот амбасадор по прашањето на Екстра 3. Притоа е ставено јасно до знаење дека слободата на медиумите и на мислењето мора да се штитат. Ердоган со вакви акции може само да си наштети. Човек што од виц прави државен проблем покажува дека нема доволно величина. И, на видеото му носи внумание кое инаку воопшто не би го добило.

Ердоган се обидува да му се спротивстави на потсмевањето со тоа што излегува апсолутно смешен. Но, од неговата сопствена суетност не може да го спаси ниту германската дипломатија.