1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Бројни пропусти во постапката за смртта на Денис Тот

ДТЗ
12 април 2022

Додека трае истрагата за убиството, не стивнуваат реакциите и барањата за одговорност - имало ли обид за заташкување на случајот или е само прашање на лош сплет на околности?  

https://p.dw.com/p/49phn
Mazedonien Coronavirus Uniklinik in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Смртта на младиот хрватски ракометар Денис Тоткој бил нападнат пред дискотека во Скопје веќе една недела ја бранува јавноста и во Северна Македонија, но и во родното Ѓаково каде што денеска беше погребан. Девојка и момче се приведени за убиството, а полицијата трага и по трето лице за кое ќе биде распишана меѓународна потерница. Засега нема официјална потврда дали ја напуштил Северна Македонија. И додека трае истрагата за случајот, не стивнуваат реакциите и барањата за одговорност - имало ли обид за заташкување на случајот или е само прашање на лош сплет на околности?  

Сите пропусти на виделина 

Како што се отплеткува случајот, така на површина излегуваат сите пропусти и дилеми поврзани со убиството на младиот ракометар. Деталите за настанот ги содржи видеоснимката којашто ја поседува полицијата. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека на снимката детално се гледа како се одвива настанот, а од информативни разговори постојат повеќе искази за тоа што била причината за трагедијата. 

„Според изјавите што имаме, тоа е некакво лично недоразбирање меѓу девојката и момчето“, обелодени Спасовски. 

Од видео снимка од безбедносната камера во градскиот парк, се гледа дека смртта на Тот настапила откако му бил зададен удар, по кој паднал на асфалтот. И покрај тоа што не пружал отпор, напаѓачите продолжиле да го удираат во повеќе наврати. Потоа заминале и го оставиле претепаниот ракометар. Тој бил префрлен на Клиниката за реанимација КАРИЛ, каде му била пружена лекарска помош. По 12 часа, 27-годишниот ракометар им подлегнал на повредите. 

Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
„Според изјавите што имаме, тоа е некакво лично недоразбирање меѓу девојката и момчето“, обелодени Спасовски.Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Забуна 

Забуна предизвикаа првичните тврдења на лекарите и полицијата дека нема траги на насилство на телото на Тон, за веќе следниот ден да биде отворена истрага за убиство.

Министерот Спасовски ги отфрла обвинувањата дека некој сакал да скрие нешто во врска со убиството на ракометарот Денис Тот, а вели и дека нема застој во истрагата. Првата информација пласирана во јавноста се базира на увидот и анализата што ја направиле медицинските лица во Клиничкиот центар. Информациите дека нема траги на насилство ги добиле и полициските службеници кои работат на овој случај, објаснува првиот човек на полицијата.  

Но, откако полицијата излегла на терен веднаш се побарани информации од Клиничкиот центар и од Брзата помош. На Институтот за судска медицина е извршена обдукција на телото. Полицијата ги вештачи телефонот, облеката и сите предмети пронајдени кај починатиот, но и доказните материјали од напаѓачите. 

Инспекциски проверки 

Истрагата интензивно продолжува, но и се шири со тоа што во неа се вклучуваат и другите институци коишто вршат инспекциски надзори и проверки за работењето на ноќниот клуб пред којшто се случи убиството. 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, за „Слободен печат“ потврди дека дискотеката „Привилиџ“,  пред која се случи убиството немала лиценца за работа, а на терен ќе излезе и Државниот пазарен инспекторат, кој веќе постапувал за овој ноќен клуб. 

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Полицијата ги вештачи телефонот, облеката и сите предмети пронајдени кај починатиот, но и доказните материјали од напаѓачите.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Додека надлежните институции тврдат дека немало обиди да се прикрие убиството, на интернет се појавија снимки од видеонадзорот на кои се едидентирани моментите кога ракометарот бил нападнат, кои што ја вознемирија јавноста. Од Основното јавно обвинителство апелираат за воздржаност при објавата и споделувањето на видеата, чија содржина може да биде вознемирувачка за јавноста, а особено за семејството и блиските на починатиот.

Денис Тот беше нападнат минатата недела. За неговото убиство, се товарат три лица, од кои две се во триесетдневен притвор. Првоосомничениот А.Ѓ. е во бегство. Шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, во изјава за хрватски РТЛ изјави дека А.Ѓ., првоосомничениот за убиството на Денис Тот во Скопје, е напаѓачот кој му го задал првиот удар на 27-годишниот хрватски ракометар.

„Моите најнови информации велат дека сè уште се трага по човекот кој го започна сето тоа. Тој прв го удрил ракометарот кој не се ни бранел, а подоцна другите двајца го удирале со нозе во главата“, посочува Бубевски. И тој тврди дека никој не се обидел да го прикрие или заташка убиството, и покрај тоа што имаше контрадикторните информации за случајот.

„Мислам дека воопшто немаше намера се да се прикрие. Само сплет на околности. Мислам дека тоа беше лоша лекарска процена и стојам на тоа“, тврди Бубевски.