1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словачка: „Мафијо, надвор од нашата земја“

Кено Верзек
3 март 2018

Илјадници луѓе во Братислава се собраа да им оддадат почест на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница. Колегите на Куцијак сметаат дека земјата е на пресвртница.

https://p.dw.com/p/2td4N
Bratislava Gedenkmarsch nach Mord an Journalisten
Фотографија: picture-alliance/AP/B. Engler

Облачна, студена вечер во Братислава. По малку прска и леден снег. На вакво време човек најрадо би останал дома, завиткан во топло ќебе и со чаша топол чај в рака. Но, оваа вечер илјадници луѓе наспроти студот итаат кон Плоштадот на слободата во центарот на Братислава. Некои носат европски знамиња, други - плакати на кои се испишани пароли како „Мафијо, надвор од нашата земја“ или “Запрете ја мафијата!“

Во центарот на главниот град на Словачка, според проценките на организаторите, се собраа околу 25.000 луѓе за да им оддадат почест на убиениот новинар Јан Куцијак (27) и на неговата свршеница Мартина Куснирова. Двајцата беа буквално егзекутирани минатата недела во селото Велка Маца, 60 километри источно до Братислава. Полицијата ги пронајде ноќта меѓу неделата и понеделникот. Извршителите на злосторството засега не се познати. Се претпоставува дека мотив за убиството е истражувањето на Куцијак на врските на словачки владејачки политичари и италијанската мафија. Така сметаат словачките иследници.

Меѓу првите кои вчеравечер се качија на малата бина пред насобраните на Плоштадот на слободата беше словачкиот претседател Андреј Киска. Овој 55-годишен поранешен претприемач и филантроп, кој секој месец својата претседателска плата ја подарува во добротворни цели, е еден вид совест на нацијата. Со своите гестови и говори тој често ја протресуваше Словачка, постојано ги предупредува луѓето на власт да се однесуваат поодговорно, се противи на расизмот, во својата резиденција прима бегалци. Но, овде Киска не држи говор. Вели дека сака во тишина да им оддаде почест на убиените. На бината пали свеќа, се повлекува чекор поназад од микрофонот, ја наведнува главата, ги склопува рацете и во тишина поминува долга минута. На Плоштадот на слободата е многу тивко, таа минута молчење обвинува посилно отколку кои било зборови кои подоцна ќе се слушнат од бината.

Slowakei Proteste wegen Ermordung von Journalisten
Плакати со портрети на убиениот новинар и неговата свршеницаФотографија: Reuters/R. Stoklasa

Мафијата со врски во владата

Киска се симнува меѓу демнострантите и ги слуша говорите кои следуваат. Зборуваат новинари, познати имиња во Словачка како што е Арпад Шолтес, ветеран на истражувачкото новинарство кој поради својата работа беше претепан и заврши во болница. Или Беата Балогова, главна уредничка на весникот „Сме“, еден од најтиражните независни весници во Словачка. Новинарите свесно избегнуваат политички пораки, зборуваат повеќе општо за улогата на новинарството во демократска правна држава, за корупцијата и страшното убиство. Најголем аплауз добива Мартин. М. Симецка од весникот „ДеникН“, кој ја критикува словачката влада и изразува сомневање дека таа сериозно се занимава со убиството.

Slowakei Trauer um ermordeten Journalisten Jan Kuciak | Andrej Kiska, Präsident
Словачкиот претседател Андреј Киска рече дека нема да држи говор, зашто сака во тишина да им оддаде почест на убиенитеФотографија: picture-alliance/CTK/M. Martin

Словачка овие денови е во своевидна вонредна состојба, како никогаш порано од стекнувањето независност пред 25 години. Убиството на Јан Куцијак и неговата свршеница се претвора во државна криза, затоа што иако сѐ уште не се знае кои се убијците, истражувањето на Куцијак јасно покажа дека италијанската мафија со години ги спроведува своите криминални активности во Словачка - и дека преку двајца важни советници на премиерот Роберт Фицо имала најдобри врски во владиниот кабинет, вклучувајќи и пристап до тајни документи.

Тоа што ни ликвидацијата на еден новинар немаше речиси никакви последици на ниво на владата, е факт кој ги загрижува колегите на убиениот Куцијак. Навистина, министерот Марек Мадарич, кој одамна го критикува непотизмот и корупцијата, поднесе оставка. И двајцата советници на кои им се префрла врска со мафијата, поранешниот модел Марија Троскова и советникот за безбедност Вилијам Јасан ги замрзнаа своите функции. Но, премиерот Фицо продолжува да работи како досега. Ветува разјаснување на убиството и ја обвинува опозицијата и независните медиуми дека темата со убиството на новинарот ја користат за напади врз владата.

„Во секоја нормална држава во случај како што е убиството на Куцијак и неговата свршеница веднаш оставка би поднесол министерот за внатрешни работи или министерот за правосудство, барем од морални причини, но овде никој не чувствува морална одговорност“, вели Петер Хабара, колега на убиениот Јан Куцијак. Тој не верува дека убијците ќе бидат пронајдени, но се надева дека трагедија ќе доведе барем до тоа „земјата да се пробуди и да сфати какви страшни корупциски скандали се случуваат овде“.

Slowakei Proteste wegen Ermordung von Journalisten
Фотографија: Reuters/R. Stoklasa

Мафијашка држава или не?

На работите слично гледаат и Беата Балогова (47) и Матуш Костолни (43), главни уредници на дневните весници „Сме“ и „ДеникН“. Двата весника во последните години се истакнаа со истражување на корупциски афери на највисоко владино ниво.

„Мислевме дека Словачка е нормална централноевропска држава“, вели Костолни, „читавме за убиства на новинари во Русија, Украина и имавме чувство како тоа да е далеку од нас. Сега тоа се случува кај нас. Со тоа дојдовме до пресвртница.“

И Балогова зборува за „пресвртница на која се наоѓа Словачка“: „Сега се работи за тоа по кој пат ќе продолжи нашата земја и нашето општество - се работи за прашањето дали сме мафијашка држава или не.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид